Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

10.09.2017

На ден 10-ти септември 2017 година, на светата Литургија во црквата Свети Апостоли Петар и Павле во Босански Петровец, беше востоличен Неговото Преосвештенство, Епископот бихачко-петровачки г. Сергеј.

На светата Литургија чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот загребско-љубљански г. Порфириј, а му сослужуваа Епископите: бихачко-петровачки г. Сергеј, врањски г. Пахомиј, шумадијски г. Јован, далматински г. Фотиј, милешевски г. Атанасиј, будимљанско-никшички г. Јоаникиј, горњокарловачки г. Герасим, тимочки г. Иларион, умировениот средноевропски г. Константин и канадскиот г. Георгиј.

Од Православната Охридска Архиепископија сослужуваше Неговото Преосвештенство, Епископот брегалнички г. Марко, којшто на нововостоличениот Епископ бихачко-петровачки му ги пренесе поздравите и честитките од Неговото Блаженство, Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован.

Во поздравната беседа Митрополитот загребско-љубљански г. Порфириј му посака на Епископот Сергеј да ги обновува Црквата Христова и својот народ, служејќи му на Господа и проповедајќи ги Евангелието и Христовата наука, да го укрепува народот во верата. „Повикани сте да градите мостови меѓу луѓето и да бидете прв кој преоѓа преку тие мостови“ – истакна Митрополитот Порфириј, и додаде: „нашата Православна Црква е вселенска, а тоа значи дека е отворена за сите.“

На свеченото востоличување присуствуваа претставници од Исламската заедница, од Римокатоличката Црква и од политичкиот свет.