Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

23.07.2017

Со благослов на Неговото Блаженство, Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован, во посета на Православната Охридска Архиепископија се наоѓа презвитерот Георгиј Максимов од Руската Православна Црква. Во седмата недела по Педесетница, служеше Света Литургија, беседеше и одржа предавање во параклисот Свети Нектариј Егински, во Скопје.

Свештеникот Георгиј Максимов е добро познато име во Руската Православна Црква и ширум православниот свет.  Има академска титула доктор по теологија, поранешен професор на Московската Духовна семинарија, а сегашен професор на Сретенската Духовна семинарија, учесник во комисијата за мисионерска делатност на Руската Црква, член на стручниот совет при министерството за правда на Руската Федерација за борба против религиозниот екстремизам, учесник во комисиите на Руската Православна Црква за меѓурелигиски дијалог, автор на повеќе од 30 книги и брошури – дел од нив преведени и издадени и на македонски јазик – и повеќе од 200 богословски статии, учесник во разни меѓународни конференции и познат мисионер на Православната Црква.

По прочитаното Евангелие на Литургијата, тој на народот му се обрати со беседа, а после Литургијата одржа предавање на тема Догматот за Црквата – Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква како предмет на верата во Православието. Темата предизвика интерес кај сите присутни што го слушаа излагањето, по што следеа и голем број прашања.

Од одговорите на свештеникот Георгиј Максимов произлегоа повеќе поенти, помеѓу кои во оваа прилика ги издвојуваме само следните: на оние припадници на канонската Црква коишто во своја близина немаат богослужбено место на Православната Охридска Архиепископија, подобро им е да се молат дома во недела, отколку да одат на служба во храм на непризнатата МПЦ, и уште истакна дека од неговите средби со свештеници на непризнатата МПЦ увидел дека тие не сфаќаат дека единството и соборноста на Црквата се предмет на нашата вера, којшто е содржан во Символот на православното исповедање на верата.

Отецот Георгиј Максимов, од Москва, зборуваше и за својата мисија на Филипините, каде што повеќе од 1.500 луѓе се преминати во Православие, правејќи паралели помеѓу црковната состојба во Македонија и на Филипините. Истакна дека и таму многумина ги имаат изгубено своите храмови поради тоа што одлучиле да припаѓаат на Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква, но по ниедна цена се немаат откажано од својата вера.