Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

11.06.2020

Американскиот State Department години наназад, во неговите редовни извештаи, објективно ги предочува состојбите со непочитувањето на верските слободи од страна на државниот апарат на Република Северна Македонија. Без исклучок, во посочениот период се осврнува и на Православната Охридска Архиепископија! Останува отворено прашањето, дали, воопшто, некој од властите на Република Северна Македонија ги чита извештаите на американскиот State Department?!

Во најновиот извештај за 2019 год., State Department-от истакнува дека: „Уставот забранува религиска дискриминација и предвидува слобода на вероисповед и изразување на верата. Предвидува еднаквост пред законот за сите единки, без разлика на верските убедувања. Уставот наведува по име пет религиски групи, кои автоматски добиваат даночни олеснувања и други бенефиции. Останатите религиски групи мора да се регистрираат за да ги добијат истите бенефиции“.

Во продолжение, State Department-от укажува и дека барањето за регистрација на Православната Охридска Архиепископија (ПОА), останало неодговорено од Основниот суд Скопје 2, откако извештајот на Европската комисија (ЕК) ја повика Владата да се сообрази со претходните одлуки на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), дека Владата треба да ги преиспита претходните одбивања на барањата на оваа група.

Потсетуваме, од страна на ЕСЧП постои правосилна пресуда дека Република Северна Македонија е виновна за тоа што не ја регистрирала Православната Охридска Архиепископија.

Исто така, во извештајот е нотирано дека на 29 Мај, ЕК го издаде својот извештај за 2019 год., за земјата, во кој повика Владата да ги имплементира претходните одлуки на ЕСЧП во однос на правата на ПОА. Во 2017 год., по жалбата на ПОА, ЕСЧП пресуди дека власта ја прекршила Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи со одбивање на барањето за регистрација на ПОА.

Извештајот на State Departmentot уште бележи дека челниците на ПОА изјавиле дека судот продолжува со одбивањето на регистрацијата на ПОА, дека Владата се мешала во работата на судството во случаите во кои е вклучена ПОА, и вршела притисок врз ПОА да поднесе ново барање за регистрација, со ново име. ПОА го цитира писмото од Основниот Суд Скопје 2 од Февруари, во кое се бара ПОА да го смени името бидејќи судот не можел да ја разликува од МПЦ-ОА. До крајот на годината, барањето за регистрација на ПОА од 2009 год., без промена на името, остана неодговорено во Основниот Суд Скопје 2.

Потсетуваме дека во пресудата на ЕСЧП од Стразбур стои дека имињата на МПЦ-ОА и ПОА доволно јасно се разликуваат за да не создаваат забуна!

Интегралниот текст на спомнатиот извештај се наоѓа на следниов линк: https://www.state.gov/wp-content/uploads/2020/05/NORTH-MACEDONIA-2019-INTERNATIONAL-RELIGIOUS-FREEDOM-REPORT.pdf