Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija
→ English

26.06.2019

Американскиот Стејт Департмент го објави извештајот за верските слободи во Северна Македонија за 2018 год., во кој, помеѓу останатото, се констатира дека: „Православната Охридска Архиепископија (ПОА) не можеше да се регистрира како верски субјект. Во Април, Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), ја одби жалбата на Владата на судската одлука од Ноември 2017 год., која пресудува дека власта ги нарушила правата на ПОА, со одбивањето да ја регистрира.“

Во Извештајот се констатира дека: „До крајот на годината, барањата за регистрација на ПОА и на Бектешката заедница останаа неодговорени од страна на Основниот суд Скопје 2.“

Ја информираме домашната и меѓународната јавност дека и на средината од 2019 год., Православната Охридска Архиепископија сè уште не е регистрирана и се соочува со не мали попречувања од страна на власта и судот, при исполнување на одлуката на Европскиот суд за човекови права за нејзина регистрација. 

Американскиот Стејт Департмент, осврнувајќи се на 2018 год., уште истакнува дека: „Во Април, ЕСЧП ја одби жалбата на власта на одлуката од Ноември 2017 год., која пресудува дека земјата ги нарушила верските слободи, правото на здружување и слободата на мисла и совест на Православната Охридска Архиепископија, со одбивањето формално да ја регистрира како одделна верска група. Во 2017 год., ЕСЧП изјави дека власта ја нарушила Европската конвенција за заштита на човековите права и фундаменталните слободи на Советот на Европа, што ја вклучува и обврската да се постапува неутрално и непристрасно кон верските групи.“

Во Извештајот уште се вели дека: „Според различни универзитетски професори, раководители на невладини организации, правни и политички аналитичари, верските разлики продолжуваат да имаат удел во кривичните и граѓанските судски процеси. ПОА ја обвини власта за пристрасност против неа. Во Јули, ПОА изјави дека полицијата му ја ограничила слободата на движење на Архиепископот Јован Вранишкоски, така што му го одзела пасошот без објаснување, кога се обидел да ја премине границата кон Грција. ПОА изјави дека оваа постапка е израз на верски прогон на власта и „дискриминација карактеристична за земјите со недостаток на владеење на правото“. Во Август, Вранишкоски поднесе жалба до „Европската комисија против расизам и нетолеранција и нечовечко или деградирачко третирање или казна“ за оваа тема, како и до „Генералната управа за човекови права и владеење на правото“ на Советот на Европа. Во Август, тој испрати отворено писмо до Министерот за внатрешни работи, велејќи дека треба да патува во странство заради лекарски третман. ПОА изјави дека властите му го вратиле пасошот на Вранишкоски во Септември, без објаснување. Вранишкоски во Февруари 2017 год., беше осуден за перење на пари, што ПОА смета дека е резултат на пристрасноста на власта.“

Извештајот уште нагласува дека помалите верски заедници продолжија да тврдат дека власта не ги третира како еднакви на петте верски заедници признаени во Уставот. На пример, тие изјавија дека власта не им овозможува исто ниво на пристап до владините претставници. ПОА изјави дека, како нерегистрирана заедница, често се соочува со дискриминација и заплашување.

 

Извор: https://www.state.gov/reports/2018-report-on-international-religious-freedom/north-macedonia/