Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

18.06.2017

Неговото Преосвештенство Епископот стобиски и Местобљустител струмички г. Давид (кој е ракоположен во архиерејски чин на 17 Јуни 2007 год.), на 18 Јуни 2017 год., ја прослави десетгодишнината од хиротонијата.

По тој повод, на светата Архиерејска Литургија во манастирот „Успение Богородично“, во близина на Скопје, началствуваше Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован, во сослужение на Нивните Преосвештенства, Епископот брегалнички и Местобљустител битолски г. Марко и Епископот стобиски и Местобљустител струмички г. Давид, како и на повеќе свештенослужители.

После прочитаното евангелско чтение, со вдахновена беседа, пред собраниот народ се обрати Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован, воедно честитајќи му ја 10-годишнината од хиротонијата на Епископот стобиски г. Давид. На крајот од Литургијата, Архиепископот охридски г.г. Јован му подари на Епископот стобиски г. Давид енколпио, а пригодно обраќање по повод годишнината изрече и Епископот стобиски г. Давид, заблагодарувајќи му се на Архиепископот и на сите, коишто дојдоа да му ја честитаат годишнината.

Во продолжение беше подготвена трпеза за сите присутни. Во изведба на кавали беше исполнета и програма од изворни, народни песни.