Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

16.06.2017

Неговото Блаженство, Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован, денес на 16 Јуни, ја доби пресудата од повтореното судење за кривичното дело „перење на пари”, за кое веќе помина една година и еден месец во притвор.

Осуден е на казна затвор, толку колку што поминал во притвор, додека Исајло Поповски и Васил Трајковски се осудени на двегодишна условна казна, доколку не го повторат делото во рок од пет години. Сите други што беа обвинети во ова кривично дело: двајца Епископи од Православната Охридска Архиепископија, двајца јеромонаси, пет монахињи и уште десет лаици, целосно се ослободени од обвинението. Со пресудата, конфискувана е, во корист на МПЦ, нива во с. Нерези, Скопско, со големина од 4859 м2, во вредност од 140911 евра.

Колку е паралогична пресудата се гледа од фактот дека за „испрани“ 140911 евра, одредена е казна од само една година и еден месец, а за украдени две тегли ајвар се одредува казна затвор од најмалку една година. Судот не направил пресметка за целокупната затворска казна на Архиепископот охридски Јован, но ако се знае дека тој претходно беше осуден на казна затвор од две години и шест месеци за кривично дело „затајување”, а вкупно за таа казна и за оваа последнава од една година и еден месец, поминал во затвор и притвор три години и еден месец, и уште 49 денови во притвор во Бугарија, тогаш за издржување на целата казна му останува уште нешто помалку од четири месеци.

По добивањето на упатниот акт од судијата за извршување на санкции, Архиепископот охридски Јован се обврзува дека нема да ја избегнува казната и  дека повторо ќе замине во затвор, по осми пат.