Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija
→ English

31.05.2019

Европската Комисија почна редовно, на годишно ниво, да известува за состојбите со непочитувањето на верските слободи од страна на нашиот државен апарат, уште од 2005 год., кога започна пожестокиот државен прогон врз верска основа против Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован, Епископите, свештенството, монаштвото и граѓаните припадници на Православната Охридска Архиепископија.

Пред да бидат отворени вратите за добивање датум за преговори со Европската Унија, редно е нашата држава, конечно сериозно да го сфати и овогодишниот Извештај, во кој се нотира пресудата на Европскиот суд за човекови права од Стразбур против Владата на Северна Македонија, а во корист на Православната Охридска Архиепископија. Во Извештајот, се вели:

„Одбивањето, од страна на судот, на жалбата на земјата во врска со пресудата за Православната Охридска Архиепископија (Грко-православна Охридска Архиепископија на Пеќката Патријаршија), во однос на почитувањето на слободата на здружување, гледана во светло на слободата на вероисповест, значи дека пресудата сега треба да биде имплементирана. Министерскиот комитет на Советот на Европа го испита истиот случај во Март 2019 година и ја поздрави одлуката повторно да се отвори процесот на регистрација и да се обезбеди исправање на ситуацијата за апликантите, во согласност со Конвенцијата“.

Ја известуваме јавноста дека после повеќе од една година од донесувањето на пресудата во Стразбур за регистрирање на Православната Охридска Архиепископија во судскиот регистар, одлуката од Стразбур не е имплементирана и Православната Охридска Архиепископија не само што уште не е регистрирана, туку се соочува со сериозни попречувања на регистрирањето од страна на Владата на Северна Македонија и од страна на Основниот суд во Скопје.