Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

08.05.2019

Неговото Преосвештенство Епископот брегалнички и Местобљустител битолски г. Марко, го прослави својот именден, споменот на светиот Апостол и Евангелист Марко.

На навечерието на празникот, во параклисот „Свети Николај Мирликијски“, во Штип, на вечерната богослужба началствуваше Неговото Преосвештенство Епископот крушевачки г. Давид.

На самиот ден на празникот беше отслужена света Архиерејска Литургија на која началствуваше Неговото Преосвештенство Епископот брегалнички г. Марко, во сослужение на Нивните Преосвештенства, Епископите: полошко-кумановскиот и Местобљустител дебарско-кичевски г. Јоаким, крушевачкиот г. Давид и стобискиот и Местобљустител струмички г. Давид, со молитвено присуство на Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован и со учество на свештеници и ѓакони од Православната Охридска Архиепископија и од Српската Православна Црква.

После прочитаното Евангелие, со вдахновена беседа на народот му се обрати Епископот крушевачки г. Давид.

На крајот на Литургијата, Архиепископот охридски г.г. Јован со свое обраќање му го честиташе именденот на Епископот г. Марко, којшто, пак, произнесе свое слово, истовремено заблагодарувајќи им се на сите Архијереи, свештеници и верен народ за присуството на прославата на неговиот именден.

После Литургијата, за сите кои учествуваа во прославата на светиот Апостол и Евангелист Марко, Епископот брегалнички г. Марко приреди трпеза.