Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

04.04.2021

На 04 Април, на Крстопоклоната недела од Великиот пост, Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован началствуваше на светата Архиерејска Литургија во ставропигијалниот Покровски женски манастир, во Москва.

На Архиепископот Јован му сослужуваа Архиепископот Алански г. Леонид, заменик претседател на Одделот за надворешни црковни врски на Московската патријаршија, и Епископот моравички г. Антониј, настојател на српското подворје во Москва, како и клирици при манастирот.

На Литургијата молитвено беше присутна и игуманијата на манастирот Теофанија монахиња со сестринството, како и г. Арно Гујон, Директор при Управата за дијаспора во Министерството за надворешни работи на Р. Србија.

Архиепископот Јован произнесе молитва за сопирање на распространувањето на штетниот вирус, а беше совршено и поклонение на Крстот Господов.

Архиепископот Леонид го поздрави Архиепископот Јован од име на Претседателот на Одделот за надворешни црковни врски при Московската Патријаршија, Митрополитот волоколамски Иларион.

„Ваше Блаженство, од прва рака знаете какви тешки периоди доживува Вселенското Православие денес. Вашата посета денес кај нас, во престолниот град Москва, сведочи за фактот дека неповредливите врски на православните цркви се присутни видливо и невидливо. Вие сте добар архипастир и сигурна поддршка на Православието и во Србија и во другите земји на Балканот. Ви посакуваме добро здравје, цврстина во отстојувањето во Православието и чистота на верата, којашто Вие ни ја покажувате на сите нас во последните години.“

Понатаму, игуманијата Теофанија им се обрати на Архиепископот Јован и на останатите Епископи, срдечно поздравувајќи го угледниот гостин од автономната Охридска Архиепископија на сестринската Српска патријаршија. Во спомен на посетата, игуманијата Теофанија на Архиепископот Јован му подари икона на Христос Спасителот во трнов венец.

Во своето обраќање, Архиепископот охридски Јован особено му се заблагодари на Неговата Светост Патријархот московски и на цела Русија г.г. Кирил за можноста да ја посети Руската Православна Црква. „Би сакал да ги пренесам молитвите и љубовта на Неговата Светост Патријархот српски Порфириј, кој неодамна беше избран на Престолот на српските патријарси“, истакна Архиепископот.

Исто така, Архиепископот Јован ѝ ја честиташе на игуманијата Теофанија 23-годишнината од нејзиното поставување за игуманија и ѝ подари игуменски крст.

 

Извор: https://www.mospat.ru/ru/news/86950/