Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

19.02.2021

Светиот Архиерејски Собор на Српската Православна Црква на 18 Февруари 2021 г., го избра, и, следниот ден го востоличи новиот Архиепископ пеќски, Митрополит белградско-карловачки и Патријарх српски г.г. Порфириј.

Во изборот и востоличувањето на Патријархот српски г.г. Порфириј, учествуваше и Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован заедно со сите Епископи, членови на Светиот Архиерејски Синод на автономната Православна Охридска Архиепископија.

Светиот Архиерејски Собор на кој беше избран Патријархот српски г.г. Порфириј, се одржа на 18 Февруари 2021 г., во криптата на храмот „Свети Сава“, во Белград, според процедура одредена од Уставот на Српската Православна Црква и каноните на Светата Црква.

На 19 Февруари, во соборниот храм „Свети Архангел Михаил“, во Белград, во состав на светата Архиерејска Литургија, со врачување на патријаршиските инсигнии, се одржа свечениот чин на востоличување на Патријархот српски г.г. Порфириј. На Литургијата началствуваше Светејшиот Патријарх г.г. Порфириј, во сослужување на голем број Архиереји, собрани на Соборот, како и голем број свештенослужители. На востоличувањето присуствуваа и голем број високи политички претставници од Р. Србија, од регионот, како и високи претставници на различни верски заедници.

Во неговата беседа, Патријархот г.г. Порфириј, во духот на грижата за Црквата, чиј Претстојател е, покрај останатите држави од сеправославно признатата канонска јурисдикција на Српската Православна Црква, која ги надминува политичките граници, се осврна и на Северна Македонија, на тој начин, со избрани зборови истакнувајќи дека во фокусот на неговото дејствување секако ќе биде и, на канонски начин, решавањето на проблемот на оние, кои во нашата татковина сѐ уште пребиваат во расколот на непризнатата МПЦ.

 

Извор:

http://spc.rs/sr/ustolichen_njegova_svetost_arhiepiskop_petshki_mitropolit_beogradskokarlovachki_patrijarh_srpski_g_p

Животопис на Патријархот српски г.г. Порфириј:

http://spc.rs/sr/zhivotopis_arhiepiskopa_petshkog_mitropolita_beogradskokarlovachkog_patrijarha_srpskog_g_porfirija_p