29.02.2020
Архиепископот охридски Јован на Литургија во Подгорица
Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован сослужуваше на повеќе-архијерејската Литургија за празникот на Св. Симеон Мироточив, во Подгорица, Црна Гора.
На Литургијата началствуваше Неговото Блаженство Митрополитот Киевски и на цела Украина г. Онуфриј од Украинската Православна Црква на Московската Патријаршија, а му сослужуваа и Архијереи од Украинската Црква, Српската Православна Црква и Православната Охридска Архиепископија.
Во текот на Литургијата со вдахновена Архипастирска беседа на верниот народ му се обрати Архиепископот охридски Јован, кој истакна дека денес е недела на простување, но и недела на покајание, додавајќи: “Затоа сега треба да се сетиме на овој најважен критериум, кој благословил толку многу генерации, а мораме да го продолжиме и ние, бидејќи е најважен за Царството Божјо”.
Архиепископот Јован истакна дека литиите во Црна Гора ги вдахновуваат сите христијани во светот, истакнувајќи дека: “тие се заслуга на вашиот Митрополит Амфилохиј, но и на сите вас, бидејќи го имате научено критериумот на покајание и простување, кој е лекција за сите нас”.
Празникот на Св. Симеон Мироточив е слава на Митрополијата Црногорско-Приморска и секогаш се прославува свечено, а оваа година најбројната празнична литија има особено значење бидејќи се одвива во атмосфера на борба на Црквата за зачувување на своите светињи.