Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

09.02.2020

Во организација на захумско-херцеговачката Епархија на СПЦ, од 6 до 8 Февруари во градот Требиње, Босна и Херцеговина, по седми пат се одржа симпосионот со наслов "Теологијата во јавната сфера", на којшто учество зедоа еминентни теолози, доктори и научни работници од повеќе држави.

На покана од Неговото Преосвештенство, Епископот захумско-херцеговачки г. Димитриј, од Охридската Архиепископија на овој симпосион учествуваше Неговото Преосвештенство Епископот брегалнички и местобљустител битолски г. Марко.

По завршувањето на симпосионот, на 9 Февруари, во неделата на митарот и фарисејот, беше отслужена Света Архијерејска Литургија, во храмот посветен на Христовото Преображение во градот Требиње. На Литургијата началствуваше Епископот брегалнички г. Марко, а му сослужуваа  Епископите: диселдорфски г. Григориј, захумско-херцеговачки г. Димитриј и вомировениот захумско-херцеговачки г. Атанасиј, како и свештеници од повеќе Епархии на Српската Православна Црква.

По прочитаното Евангелие, вдахновено беседеше Епископот диселдорфски г. Григориј. На крајот, пак, од Литургијата на верниот народ му се обратија Епископот домаќин г. Димитриј и Епископот брегалнички г. Марко којшто им ги пренесе поздравите и благословот од Неговото Блаженство, Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован.

Истиот ден, во попладневните часови, Епископот брегалнички г. Марко ја посети Митрополијата црногорско-приморска, каде што, во градот Подгорица, заедно со Митрополитот црногорско-приморски г. Амфилохиј и Митрополитот на Руската Православна Црква во Буенос Аирес г. Јован, ја предводеше литијата, којашто се одржа во знак на протест против дискриминирачкиот закон донесен во парламентот на Црна Гора, а којшто ги нарушува човековите права и верската слобода, ставајќи монопол врз верските објекти и имот во државата.

Замолен од Митрополитот домаќин г. Амфилохиј, на насобраниот народ му се обрати Епископот брегалнички г.  Марко, изразувајќи им ја молитвената поддршка од Архиепископот, Епископите, свештенството, монаштвото и верниот народ на Охридската Архиепископија.

Во своето обраќање Епископот г. Марко истакна дека со слична дискриминација се соочува веќе 18 години и Охридската Архиепископија кадешто власта на Р. Северна Македонија, покрај монтираните судски процеси и повеќекратните бесправни затварања на Архиепископот охридски г.г. Јован, сега упорно, веќе 2 години, ја игнорира и пресудата од СЧП во Стразбур, според која, Охридската Архиепископија, треба непречено да биде регистрирана во регистарот на верски заедници на Р. Северна Македонија.