Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

21.01.2021

На грчки јазик излезе книгата: Единството на Црквата и современите црковни проблеми, Споредбено излагање на теологијата на Свети Максим Исповедник, напишана од Неговото Блаженство, Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. др. Јован. Книгата е во издание на Митрополијата на Китрус, Катерини и Платамона, а графичкото обликување и печатењето го изврши печатницата за графичка техника: „Пчела” во сопственост сестринството на Света Лидија Филипијска од Аспровалта.

Архиепископот Јован книгата ја посвети на неговата мајка, со зборовите: „На госпоѓата и господарка Галина, моја мајка по тело, која храбро, со мене ги поднесе затворите и прогонствата со потполно разбирање дека единството на Црквата тоа го заслужува”.

Книгата има вкупно 375 страници, од кои 24 страници се библиографија по темата. Прологот  на изданието на грчки јазик го напиша Високопреосветениот Митрополит на Китрус, Катерини и Платамона г. др. Георгиј.

По прилично долгиот вовед на книгата во кој Архиепископот Јован опширно ги споменува речиси сите прашања со кои ќе се занимава во книгата, следува детална разработка на темата низ три опширни поглавја, секое поделено во три целини, а секоја целина содржи од две до четири подзаглавија.

На крај следува Заклучок кој ги резимира сите детално разработени поглавја.

Ова е втора книга од Неговото Блаженство, Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. др. Јован која излегува на грчки јазик. Првата беше „Слобода во затворот” која Архиепископот ја напиша за време на издржување на втората политички мотивирана затворска казна во злогласниот затвор Идризово, а ја издаде светогорскиот манастир Ватопед.