Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

23.03.2020

Светиот Архиерејски Синод на Православната Охридска Архиепископија, на својата седница, одржана на 23-ти Март 2020 год., сестрано го разгледа и актуелниот проблем на пандемијата, т.е. брзото распространување на COVID-19, и со цел да придонесе во запирањето на понатамошното ширење на овој, за мнозина кобен вирус, ги повикува граѓаните припадници на Православната Охридска Архиепископија редовно да ги следат и целосно да ги спроведуваат препораките на Светската здравствена организација, како и привремените мерки, кои произлегуваат од вонредната состојба што ја прогласи Владата на Република Северна Македонија.

Појдовен стремеж, пред сè да им биде општествената одговорност и штедриот израз на човекољубие кон ближниот, а како и секогаш, под ближен да се подразбира буквално секој сограѓанин, без разлика на националната или верската припадност.

Согласно на вековното православно предание, да се практикува принципот на саможртвена љубов, со цел да се сочува животот на ближниот! Следствено, најважно е, секој од граѓаните припадници на Православната Охридска Архиепископија, будно да внимава и да не си дозволи да стане, ниту носител, уште помалку преносител на вирусот!

Светиот Архиерејски Синод на Православната Охридска Архиепископија, истовремено, им изразува целосна молитвена поддршка на лекарите и севкупниот медицински персонал, кои без престан се борат да ѝ стават крај на пандемијата, и го призива благословот Божји да пребива на нив.

Светиот Архиерејски Синод на Православната Охридска Архиепископија ги повикува граѓаните припадници на Архиепископијата да го прифатат ова искушение како нова можност за преобразба на животот и на тој начин да отворат простор во нивните срца да воскресне Лекарот на нашите души и тела, Христос Господ!