23.12.2014
Соопштение за јавноста
На основа на Меморандумот, којшто Неговата Светост Патријархот Српски г.г. Иринеј и Неговата Светост Патријархот московски и на цела Русија г.г. Кирил го потпишаа на 15 Ноември 2014 год., во Белград, со благослов на обата Патријарси, рускиот и српскиот, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот волоколамски г. Иларион, Претседателот на Одделот за надворешни црковни врски на Московскиот Патријархат, на 19 и 20 Декември 2014 год., престојуваше во работна посета на Р. Македонија.
Високопреосвештениот Митрополит г. Иларион на 20 Декември го посети Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован, којшто заради таа средба беше привремено префрлен од затворот Идризово во скопската клиника „Мајка Тереза“. По разговорот, Архиепископот Јован беше вратен во затворот.
Истиот ден, Митрополитот Иларион, заедно со г. Олег Шчербак, Амбасадорот на Руската Федерација во Р. Македонија, се сретна со Претседателот на Р. Македонија, г. Ѓорѓе Иванов. Потоа, Претседателот на Одделот за надворешни црковни врски на Московскиот Патријархат разговараше со Претседателот на Владата на Р. Македонија, г. Никола Груевски и со министерот за надворешни работи, г. Никола Поповски. На крај, Митрополитот Иларион разговараше и со поглаварот на самопрогласената, неканонска Македонска Православна Црква, г. Стефан.
Разговорите, коишто Високопреосвештениот Митрополит г. Иларион ги водеше во Скопје, беа раководени од грижата за единството на Црквата, нејзината благодатна мисија и спасението на крстените души во Р. Македонија, а се однесуваа на перспективите за регулирање на канонскиот статус на Црквата на тоа подрачје и безусловното конечно пуштање на слобода на Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован, осуден на тешка робија во монтиран политички процес.
Српската Православна Црква изразува длабока благодарност до сестринската Руска Православна Црква, до Неговата Светост Патријархот московски г.г. Кирил и до Неговото Високопреосвештенство Митрополитот волоколамски г. Иларион за братската љубов и соработка, како и за вложениот голем труд и напор во служба на канонскиот поредок и црковното единство, како и за ослободувањето на Блаженејшиот Архиепископ г.г. Јован, на Божја правда затворен и подложен на суров затворски режим и покрај неговото сериозно нарушено здравје.
Епископ бачки Иринеј
портпарол на Српската Православна Црква