Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

Денес на 25/12 декември 2003г., во манастирот Св. Јован Златоуст во с. Нижеполе, се одржа конститутивниот Синод на автономната Охридска архиепископија. Со Синодот председаваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот велески и повардарски и егзарх охридски г. Јован, кој согласно на 34-тото Апостолско правило и 9-тото правило на Антиохијскиот Собор го свика Синодот на канонските епископи во Р. Македонија. На Синодот учестуваа епископите: Јоаким велички и местобљустител полошко - кумановски и Марко дремвицки и местобљустител битолски кои го дадоа својот глас за конституирање на Светиот Синод на автономната Охридска архиепископија. После изборот на секретар на Синодот, епископите го одобрија текстот за Божикното послание.

Во контекст на целиот политички амбиент кој владее во Р. Македонија по однос на Охридската архиепископија, Синодот сака да потенцира дека поедини политичари и средства за информирање, или не ја разбрале или воопшто не сакаат да ја разбереат и правилно ја интерпретираат вистината за канонската Црква во Р. Македонија. Без никаква причина за тоа, Охридската архиепископија ја нарекуваат Српска Црква. Охридската архиепископија е автономна Црква, како што е тоа на пример Финската Православна Црква, или Естонската Православна Црква и припаѓа на народот кој живее на територијата на денешна Р. Македонија, без разлика на тоа како тој народ национално се определува, како македонци, срби, грци, бугари, власи, албанци или некој друг. Eрархијата на Охридската архиепископија не е болна од националфилтизам, како што се тоа некои парацрковни организации во Р. Македонија, а кои се во раскол со сите православни Цркви во светот.

Синодот им предлага на политичките партии во Р. Македонија повеќе да се занимаваат со нивните програмски определби за економски просперитет на земјата отколку со излитените фразеологии за родољубие на кои веќе никој не им верува. Особено ова важи за оние партии кои себе си се третираат како десно ориетирани, но по тоа како владеат и како се однесуваат изгледа дека се крајно дезориетирани. Црквата нема сознанија дека е откриен апарат со кој некој го мери родољубието и одданоста кон својот народ. Ни се чинат крајно непродуктивни, па дури и бесмислени настојувањата на пооделни политички партии да ги кфалификуваат како патриоти само членовите на нивната партија, а сите други да бидат воврстени помеѓу предавниците. Таквата поставеност ги покажува водачите на тие партии како незрели да го понесат товарот на единството, суви да примат и да подарат љубов на нивните политички неедномисленици, тесногради за да градат повеќекултурна заедница. Но, тоа уште и не е најтрагичното. Најтрагично е што политиката ја разбрале и ја живеат како личен интерес, не како интерес на зaедницата. Оттаму и заинтересираноста да ги средуваат туѓите дворови пред тоа да го направат со својот, да се мешаат во сите работи па дури и да ги прислушкуваат приватните телефонски разговори на граѓаните и да мислат дека после нив треба да има потоп.

На свештенството, монаштвото и сите верници од православна вероистповест, Синодот на Охридската архиепископија им го честита Рождеството Христово.


Издадено на 25/12 декември
во манастирот Св. Јован Златоуст
с. Нижеполе

Од Канцеларијата на Светиот Архиерејски Синод
на Православната Охридска Архиепископија