Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

Протокол бр. 85 од 09 Февруари 2010

До Јавниот обвинител на Р. Македонија

Предмет: Информација за предизвикување на верска омраза и поттик за насилство


Почитуван Јавен обвинител на Р. Македонија,

сигурни сме дека по службена должност сте информирани за изјавите на некои јавни личности во Р. Македонија во последниве неколку денови, а во врска со враќањето на Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован во неговата татковина. Сепак, како директно затекнати од говорот на омраза, и особено во заштита на сигурноста на Неговото Блаженство, Архиепископот Јован, ја упатуваме до Вас оваа информација за којашто приложуваме и соодветни докази.

Во повеќе средства за информирање се пренесе следнава изјава од г. Јанко Бачев, претседател на Народното движење за Македонија (НДМ): „Доколку изостане реакцијата на надлежните државни органи, НДМ ќе ја преземе улогата да му ги симне мантијата и црковните обележја на Вранишковски во секое време и на кое било место и на тој начин да ги спречи неговите активности со кои Републиката е посрамена и понижена на јавна сцена.“ (цитатот е од „Време“, број 1890, од 09.02.2010).

Само за потсетување, Јавното обвинителство од Битола поднесе кривична пријава против Архиепископот Јован во 2004 г., за кривично дело „распалување национална и верска омраза”, а потоа тој беше и осуден на двеипол годишна затворска казна, само затоа што недокажано беше прифатено од судот оти во црковен календар напишал дека: „Македонската Православна Црква е последниот бастион на комунизмот”.

Архиепископот Јован со ниту една изјава до сега не повикал на насилство, а сепак доби крвична пријава и беше осуден и затворен, а во горенаведениот случај, пак, имаме јасен повик за насилство и омаловажување по верска основа, не само врз Архиепископот, туку преку него и врз целата Црква што тој ја претставува, а сè уште не видовме дека Јавното обвинителство реагирало.

Затоа слободни сме со прилогот што го испраќаме да ја допотполниме Вашата информација после којашто очекуваме соодветно да реагирате.

Патем, Ве известуваме дека оваа информација што ја испраќаме до Вас и евентуалниот Ваш одговор ќе бидат доставени до повеќе познати меѓународни институции, коишто се занимаваат со верските права и слободи.

Со почит,

ЕПИСКОП
стобиски и Местобљустител струмички Давид

Прилог: