Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

Епископ брегалнички и Местобљустител битолски г. Марко

Ваше Блаженство,

дејствително се чувствувам повеќе од привилегиран заради укажаната ми чест да изговорам кратко поздравно слово на оваа дваесетта, јубилејна годишнина од Вашата хиротонија во Епископски чин. Имајќи предвид дека честа, пред сè, носи одговорност, не можам истовремено да не чувствувам бојазност и сомнеж дека ќе успеам во намерата, доволно, без недореченост и соодветно на величието на мисијата поверена Ви од Бога, да Ви заблагодарам за големата и дидактичка жртва, којашто ја поднесувате низ изминативе дваесет години, и денес, за Единството на Црквата Христова.

Пред сè, Му благодарам на Бога што благоволил токму Вие да епископствувате на просторот на нашава татковина. Ќе се послужам со зборовите на светиот Апостол Павел од посланието до Евреите: „таков Првосвештеник и ни требаше”. Архиереј, којшто ќе има храброст, на народот отворено да му ја говори вистината за полувековната схизма во која самиот се наоѓа, поточно речено, да му ја објавува вистината на оној народ, којшто пребива надвор од благодатното и спасително подрачје на Црквата. Но, и Архиереј, којшто прв ќе застане во одбрана на Единството на Црквата, не само со збор, туку и на дело, живо сведочејќи ја вистината, по цена дури и на сопствените телесно здравје и живот.

Многуте харизми со коишто Бог ја обдарува Вашата личност, одлучивте повторно Нему да му ги принесете преумножени, та од нив да има полза Црквата Негова. Вашиот пример на истрајно и доследно сведочење на вистината, не е само пример за нас, коишто живееме близу Вас и во ова време, туку е пример, којшто Црквата, грижливо веќе го запишува во својата историја за поука на многу генерации и ќе го овенча и запечати во вечноста кон која Вие отсекогаш и без престан се стремите.

По примерот на Пресвета Богородица, рековте: „Амин” на Божјата волја, кога беше потребно да го понесете нималку лесниот епископски крст, да се борите, верниот народ на овие простори повторно да се врати на вистинскиот пат на Соборноста, од којшто скршна не по своја вина, туку по вина на неколкумина епископи и политичари, кои се поведоа исклучиво од антицрковните политички причини. Рековте: „Амин”, иако, веројатно, тогаш не претпоставувавте до каде може да доведе злобата на властодршците, и низ што сè ќе поминете бранејќи ги Соборноста и Единството на Црквата Христова. По примерот на великите отци на Црквата, не се исплашивте од оние, коишто можат да го убијат телото, но на душата ништо не ѝ можат, туку храбро застанавте во одбрана на вистината, во одбрана на Едниот Христос и Едната Црква Негова. Отсекогаш најважна Ви била волјата Божја, и сите работи во животот ги вреднувате со тој скапоцен критериум, без разлика дали тоа подразбира да бидете јавно понижувани, суден на правда Божја, како и да бидете затворан само заради тоа што не се согласивте со оние, коишто сакаат Црквата да ја сведат на некаква владино-политичка организација, којашто ќе служи за манипулација на народот и за лично богатење на властодршците.

Секое место на овој свет има свое историско паметење. Па така и овие простори на коишто ние живееме, кои, уште во првиот век, светиот Апостол Павел ги закваси со квасецот на Евангелието Христово, и каде што светите Рамноапостолни браќа Методиј и Кирил ја почнаа својата мисија за просветлување на словенските народи, каде што светите Климент и Наум Охридските Чудотворци ја ширеа благата вест за Воскреснатиот Христос, овде каде што просветлија бројни Епископи како светиот Теофилакт Охридски и, не толку одамна, светиот Николај Охридски и Жички, оваа територија, значи, Господ не допушти да остане надвор од благодатното подрачје на Едната Света Соборна и Апостолска Црква, туку во свое време, Ве испрати Вас, којшто со својата смелост и вера се надоврзувате на сите претходно спомнати.

Во илјадагодишното постоење на славната Охридска  Архиепископија, јубилеј, којшто го чествуваме токму оваа година, го вградивте и Вие Вашето дваесетлетно епископствување, и останувате да се вградувате во спасоносната заедница на Црквата, широко прегрнувајќи ги, како Архипастир, сите кои слободно сакаат да врват по патот на вечноста.

Одењето, пак, по тој пат, не е лесно и никогаш не било. Ова не го велам за да се жалам и да предизвикам сожалување, туку за да кажам колку е тешко човек да се избори и да се надмине самиот себе, та да не ги осуди оние што го гонат и затвораат на правда Божја. Во една прилика по излегувањето од Вашето последно заточение, токму тоа и го нагласивте!

Кога веќе го спомнав Вашето последно затворање, нека ми биде дозволено да кажам дека, барем јас лично, а верувам дека и другите го делат моето мислење, најтешко го преживеав. Згора на тоа што бевте повеќе од три години во непрекинато заточение, без право на излегување, Ви беше сведено на минимум и правото некој да Ве посети во затвор. Само еднаш во тие три години ни беше дозволено нам Епископите од Синодот да Ве посетиме во затворот Идризово. Дури ни тогаш не се пожаливте, туку нас нè тешевте. Па, најдовте сила и да се пошегувате на сопствена сметка, кога ни рековте дека во затворот сте испитале со колку најмалку храна може човек да преживее, и дека се доволни неколку бисквити наутро и една конзерва риба навечер.

И во такви услови на преживување, Вие се грижевте за Црквата, а не лично за себе. Кога стана јавна тајна дека власта би Ве ослободила од затвор, под услов веднаш да ја напуштите државава, Вие непоколебливо и недвосмислено го држевте ставот дека со напуштањето на државата нема да се реши проблемот со расколот, туку повеќе ќе се продлабочи. Не дека, како човек, не сакавте да излезете од затворот, во којшто Ве стави злобата на завидливците, туку како достоен наследник на големите отци на Црквата ја следевте промислата Божја, дури и тогаш кога, можеби, по човечки ќе почувствувате слабост; подобно на Христос, кога се молеше во Гетсиманската градина да Го одмине чашата на страдањата, којашто требаше да ја испие, но Он ја бараше волјата на Отецот.

Токму тоа претставува пример, којшто целосно и дијаметрално се разликува од примерот што го даваат епископите кои, за жал, сè уште пребиваат во раскол. Додека тие се грижат за своите удобни фотелји, уживајќи во овоземниот раскош, Вие од позиција на преживување се грижите дури и за нив, смислувајќи начин како и тие да влезат во Соборноста на Црквата.

Но, на сила ниту сакаме, а ниту можеме да ги примиме во Единството на Црквата! Божјата прегратка стои отворена и за нив! Потребно е, пред сè, да се ослободат од антицрковните политикантски стеги, коишто ја задушуваат духовноста на овие простори повеќе од педесет години. Да ја прифатат нашата испружена рака и така заедно да поитаме кон Божјата прегратка. Потребно е да сфатат дека решението на проблемот нема да го најдат надвор од границите на нашата Охридска Архиепископија, заобиколувајќи Ве Вас. Невозможно е да бидат во Единство со другите помесни Православни Цркви, а да не бидат во Единство со Вас! Потребно е конечно да сфатат дека е добро да ја остават суетата заради народот, којшто не мечтае толку за нашминканите манастири и нефункционалните крстови, црквички и параклиси на секоја раскрсница, колку што копнее за една здрава духовна состојба во Соборноста на Црквата, каде што бездруго ќе треба време да се опорават од духовниот пустош, што го има направено долгогодишната схизма.

Искрено се надевам дека заврши испитувањето на Вашата вера, преку неправедните, политички мотивирани судења и затворања. И, дека сега следува период кога ќе можете да вкусите од плодовите на Вашата жртва.

Му благодарам на Бога што ми даде можност да Ве запознаам и да се поучувам непосредно од Вашиот пример на истрајност и доследност во верата. Од името на сите нас, Епископите, клирот, монаштвото и верниот народ, Ви изразувам благодарност за тоа што татковски ги носите и нашите слабости.

Во оваа прилика, од името на сите нас, Ви подаруваме еден комплет Архиерејски инсигнии. Свесни сме дека со ниту еден материјален дар не можеме да се оддолжиме за Вашата самопожртвуваност, но длабоко сме уверени дека ја чувствувате нашата љубов, и знаеме дека никогаш не нè заборавате во Вашите молитви. А, нашата молитва, пак, е Господ да Ви го умножи секое добро, да завршат гонењата против Вас, и уште многу годишнини и јубилеи да прославувате, принесувајќи Му на Бога бескрвна жртва за сите и за сè.

Долгоденствујте Блаженејши Владико!

Иоану, Блаженејшему и Богопроизведеному Архиепископу свјатјешија Архиепископии охридскија и Митрополиту скопскому, нам же отцу и пастиреначалнику, многаја лета.