Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

Календарот за оваа 2020-та година, го посветуваме на исихазмот. Чувствувавме потреба и одговорност да направиме дистинкција помеѓу исихазмот во Православната Црква и појавата што, во нашево опкружување, се обидува да се наметне како исихазам.

Еден бегол поглед во богатото црковно Предание, и веднаш станува недвосмислено јасно дека исихазмот нема никакво суштинско значење надвор од Соборноста на Црквата. Дури и во Црквата не би имал суштинско значење, доколку опрелестено би пропагирал парацрковен амбиент, насочен кон рушење на догматскиот и канонскиот поредок на Црквата.

Исихазмот не е мерило на догмата, туку сосема обратно, догмата го препознава исихазмот како свој. Следствено, за Православните Христијани претставува непобитен факт дека надвор од Црквата, т.е. во расколот, едноставно  не е возможно да се зборува за исихазам! Оттука, т.н. „исихазам” на расколот претставува евтин егзибиционизам; кога би требало да се илустрира, таквиот расколнички „исихазам” би бил претставен како своевидно факирство, како атракција на лежење на шајки или одење по жар, како амбалажа без содржина и смисла, штом веќе нема никаква допирна точка со Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква.

Православните Христијани лесно ја согледуваат заблудата на расколниците, кои пиетистички нагласено сакаат да бидат видени како исихасти, значи, ја согледуваат нивната заблуда токму затоа што знаат дека вистинските, православните исихасти ги напуштале дури и своите испосници и пештери, та се појавувале во големите црковни центри токму тогаш кога било неопходно да ја заштитат Црквата од некој раскол или, пак, ерес.

На вистинољубивите, реченово ќе им биде сосема доволно да  сфатат дека расколот и исихазмот никогаш не можат да бидат доведени до проникнување и единство! Секој што мисли спротивно, секој што мисли дека може да ја практикува умносрдечната молитва во раскол, самиот неодговорно се исправа пред опасноста да се покаже себе си како класична парадигма за схизофренија.

Во овој календар, покрај другите содржини, пренесуваме и дел од текстот посветен на исихазмот на еден од големите теолошки авторитети во Православието на нашата современост, Митрополитот црногорско-приморски г. Амфилохиј.

Со увереност дека овие текстови ќе помогнат во правилното расудување и ќе направат јасна разлика помеѓу вистинскиот исихазам, од една страна, оној којшто Православната Црква го препознава, признава и  благословува, и од друга страна, неблагословената појава на т.н. исихазам, којашто е само расколничка амбалажа без содржина, ви посакуваме благословено ново 2020-то лето Господово.