Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

П А В Л Е

По милоста Божја Архиепископ пеќки, Митрополит белградско-карловачки и Патријарх српски, до сето свештенство, преподобното монаштво и побожниот народ на Православната Охридска Архиепископија

Милост и мир од Бога Отецот и Господ Исус Христос и Духот Свети со радосниот божикен поздрав

ХРИСТОС СЕ РОДИ!

Сесилниот Бог Отец, дародавец на постоењето и на секоја животна енергија, ја створи Црквата Негова како собор на ангели и луѓе, но и на сето она што е створено во Христа, Синот Негов возљубен. Светот е во единство со Бога, но не постои со истата вечност со која постои Бог, зашто Бог е нестворен и Неговата природа е нестворена, а светот и покрај тоа што може да се рече дека од секогаш по замисла е во Бога, како дело на волјата Негова, не може да постои самостојно како што тоа постои Бог, но и пред стварањето и по стварањето е во единство со Него.

Токму затоа Црквата отсекогаш учи дека единството е конститутивен елемент на Црквата и не може да се нарече Црква во колку не е во единство со Бога. Тоа единство со Бога подразбира и едно друго единство, а тоа е единството на народот Божји меѓусебно во Христа Исуса нашиот Господ. Не е можно да се оствари единство со Бога без да се има единство со оние кои се во единство со Него.

Единството во Христа не е додаток на Црквата туку нејзин идентитет. Нема Црква без личносно единство на секој нејзин член прво со Христа Богочовекот, но истовремено и со сите кои се во единство со Него. Тоа е начин на постоење на Православната Црква, нејзино учење, делање и служење. Единството се поистоветува со богочовечката заедница, заедницата со љубовта, а љубовта е име на самиот Бог: „Бог е љубов”.

Има повеќе имиња за оние кои немаат вистинска заедница со Бога и со народот Божји. Тие се нарекуваат или друговерци или еретици или расколници. Додека првите воопшто не го гледаат спасението во Црквата, овие другите и третите имаат свој погрешен рецепт како да стигнат до спасението. Се нарекуваат христијани, но погрешно учат, погрешно живеат, погрешно Му служат на Бога. Во суштина, помеѓу нив, значи помеѓу расколниците и еретиците не постои голема разлика. И едните и другите се надвор од Црквата и имаат спасение толку, како вели Св. Кипријан Картагински, колку што имаат оние кои се нашле надвор од границите на Ноевиот ковчег. Историјата покажала дека, доколку расколот на време не се излечи, тој преминува во ерес, а ереста е раскол, расцеп, раскинување на врската со Бога и со сите оние кои се во единство со Него.

Сето ова е многу важно за оние кои сакаат да се спасуваат во Црквата и да го наследат животот вечен. Црквата никого не може да го присили на единство, никому не може да нареди да биде во единство, но треба и мора да упатува на единство со Бога Кој се објави во светот како Света Троица и со народот Негов кој е богочовечка заедница на личности. Во таа заедница секој ги носи своите биолошки карактеристики, но не ја темели иднината на нив. Во Царството Божјо во кое нема да има ниту јудеец ниту елин, како вели апостол Павле, и уште повеќе од тоа, ниту машки ниту женски пол, ништо не може да се основа на нешто што е минливо, времено, што не е постојано и нема вечност само по себе.

Не може, значи, ништо од биолошките карактеристики да се постави како услов за единството со Бога и неговиот народ, бидејќи сè е тоа од променлив карактер, подложено на промена, усовршување или паѓање, преобразување или погибел. Најмалку националната припадност, не само затоа што етнофилетизмот како појава во Црквата е осуден на Цариградскиот собор во 19-от век, туку затоа што националната припадност е најспоредната од сите биолошки карактеристики на човекот, од најпроменлив и најнеизвесен карактер. Прво, затоа што е многу тешко со сигурност да се тврди и да се инсистира на чистотата на некоја нација, но друго, што е уште поважно од ова првото, а тоа е што припадниците на било кој народ, за да влезат во Царството Божјо мораат да се преобразат во народ Божји.

Проблемите со етнофилетизмот во Црквата се јавиле многу доцна. Дури во 19-от век. Можеби тие нашле плодно тло затоа што Црквата била сеуште под долговековното ропство од друговерците, па таа активно учествувала во народното ослободување и создавањето на национални држави. Жално е, меѓутоа, што некои, заради непознавањето на учењето за Црквата, и немањето доволно љубов, како и заради личните интереси на поединци во Црквата, им дале место на нацијата и на државата во Црквата кое не им припаѓа и со тоа создале проблеми кои сеуште постојат и го расекуваат единственото тело на Црквата Христова.

Неиздржана е аргументацијата дека секоја нација само затоа што е различна од некоја друга нација треба да има автокефална Црква, како и тоа дека една зрела помесна Црква не може да има свое самоуправување само затоа што не е различна нација од некоја која веќе има своја автокефалија. Не може и не смее во Црквата мерило за самостојност да биде само националната припадност. Црквата мери по критериумот на зрелоста во љубовта и служењето, и по пастирските потреби, а не по критериумот на променливите биолошки карактеристики. Затоа толку проблеми со сите оние кои бараат автокефалија на основ на посебноста на нацијата и државата.

Што се однесува до Православната Црква во Република Македонија, таа, со одлука на Светиот Архиерејски Собор на Српската Православна Црква, стекна автономија (1959г.) која, после долги преговори и договори е дефинирана како „широка самостојност” со тоа што прашањето на конечното решение за обновената Православна Охридска Архиепископија е оставено „согласно канонскиот и соборен поредок на Православната Црква, имајќи ја сеправославната согласност на Полнотата на Црквата во Духот Свети”.

Но, автокефалија не може да се даде на јерархија која тоа го бара не од црковни туку од политички причини, која не ја познава еклисиологијата на Православната Црква и не го поставува црковното устројство на тоа црковно учење, која во своите редови има неканонски епископи, ги толерира и сослужува со нив и која не ги почитува ниту својот збор ниту своите потписи ставени на официјални документи. Автокефалија се дава на една Црква кога таа ќе го положи зрелосниот испит, а колку зрелост има во јерархијата на расколничката Македонска Православна Црква се покажа неодамна. Не може веќе Пеќката Патријаршија да биде обвинувана, како ни целата Православна Црква, дека не сака да го реши проблемот со расколот во Република Македонија, како што не може никој повеќе да ја обвинува Српската Црква за национални претензии над македонскиот народ и неговата територија. Тоа е јасно од севкупниот став на нашата Црква спрема Црквата во Република Македонија и отворениот братски повик во најсветото евхаристиско единство со вселенското Православие.

Многу дрско и неаргументирано е да се мисли и зборува дека ниту Српската Црква ниту било која Црква во светот ги сваќа пастирските потреби на православниот народ во Република Македонија, како што тоа во последно време пропагира расколничката јерархија во таа земја. Проблемот на расколот ја расекува целата Црква Божја во светот и непримерно е да се зборува дека само неколку луѓе во Македонија имаат пастирска одговорност, а сите останати епископи во светот се неодговорни. Подобро е проблемот да се постави на вистина и правда и тогаш ќе се најде решение во духот на грижата за вечното единство во Црквата и спасението во Христа. Кој и дава за право на јерархијата во Република Македонија да го ризикува спасението на цел еден народ да би угодила на овосветските политичари? Дека немаат никаква пастирска грижа за народот се гледа и од неодамнешниот нивни предлог да влезат во единство со сите расколнички заедници во светот, како што некои од нив порано доаѓајќи во Патријаршијата велеа дека ќе влезат во заедница и со црниот ѓавол само да го остварат она што сакаат!

А, историската вистина е таа дека Македонската Православна Црква во 1967г. на пучистички начин, значи со бунт, без благослов на мајката Црква, но и на било која православна Црква во светот, прогласи автокефалија и бивајќи непризната од никого, со самото тоа се одвои од едното и единствено тело на Црквата Божја. Со тоа расколничката организација постана безблагодатна овосветска институција створена од комунистите да би ги задоволила нивните потреби. Потребите на комунистите беа јасни, да го растурат единството на Црквата на просторите на тогашна Југославија, за да можат полесно да ја контролираат и систематски уништуваат, и второ, преку новостворената расколничка организација да ја контролираат македонската дијаспора која не можеше да се контролира со друг државен апарат.

Она што е уште поважно од таа историска вистина е есхатолошката вистина која е уште појасна и поедноставна од оваа првата. Не може да влезе во иднината, значи не може да го наследи Царството небесно никој кој е во раскол со едната Света Соборна и Апостолска Црква. Може да чита од истото Свето Писмо кое го читаат православните, да користи исти богослужбени книги кои ги користи Црквата, да служи исти свети тајни кои ги служи и православната јерархија, но и покрај тоа, како вели Блажени Августин пак да нема спасение. Токму во тоа се согласуваат и Блажени Августин и Св. Кипријан Картагински: се согласуваат дека расколот е духовна пустош во која нема спасение.

Неодамна е воспоставена канонска состојба во Православната Охридска Архиепископија на подрачјето на Република Македонија со Синод од три епископи канонски поставени и признати од сите Православни Цркви. Така е надминат долгодеценискиот раскол со Црквата на територијата на денешна Република Македонија. Но и покрај тоа, за жал, сеуште повеќето јерарси и свештеници, под притисок на властите во таа земја, останаа во раскол.

Со ова наше Божикно послание сакаме уште еднаш со братска љубов во Богомладенецот да ги повикаме во евхаристиско единство сите епископи, чесното свештенство, преподобното монаштво и благочестивиот народ во Република Македонија, како би се нашле во единство со децата Божји заедно на патот кон Царството Божјо во вистинската вера, со надеж и љубов во Господа, во едната, Света, Соборна и Апостолска Црква. За вистинските Христијани вечното спасение е над сè. А во расколот нема спасение, учи Православната Црква. На кого Црквата не му е мајка, него ни Бог не му е Отец.

На единство во Богомладенецот и Црквата Божја нè повикуваат рамноапостолните Кирил и Методиј, Наум и Климент и целата Црква Христова. Треба да се има во предвид дека светиот град Охрид и Свети Климент Охридски никогаш не биле во раскол со Црквата вселенска. Срамно е и пред Бога и пред луѓето да се помисли дека тоа огниште на словенското светителство и просветителство може во наше време да биде одвоено од живиот корен на Соборната Црква Божја, на радост на непријателите на македонскиот народ и држава, а на жалост на севкупниот народ Божји.

Во надеж на одзив на овој смирен и полн со љубов татковски повик во единството на Црквата, столб и тврдина на вистината, сите ве поздравуваме со радосниот Божикен поздрав:

МИР БОЖЈИ!

ХРИСТОС СЕ РОДИ!

Ваш молитвеник пред новородениот Богомладенец
АЕМ и Патријарх српски

+Павле