Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

Тропар, Глас III

Архиереју свети, Патрик,
Чудотворче Рамноапостолен,
Просветителу на ирската земја:
Измоли ни од Милостивиот Бог
Да им дари на душите ни
Отпуштање на гревовите наши!

Светиот отец наш Патрик (полно име: Magonus Sucatus Patricius), Просветителот на Ирска, роден е околу 385 г. во селото Bonavem Taburniae (обично се лоцира близу денешната месност Kilpatrick) во тогашна римска Британија. Иако татко му Калпурниј бил ѓакон, а дедо му Потит – презвитер на Црквата Христова, сепак, како што сам сведочи во својата „Исповед“, рано отпаднал од верата на своите отци. Меѓутоа, на шеснаесетгодишна возраст бидува грабнат од ирски пирати и бил одведен во Ирска, каде неговите пленители го продале на еден локален главешина по име Milchu, чиишто стада бил принуден да ги пасе наредните шест години. Тогаш, при сето страдање, се случува преобразбата на младиот Патрик, кој во тие тешки денови со потресно покајание и ревност по Бога се удостојува за првпат во својот живот да ја вкуси Неговата љубов и благодат. Набрзо, по Божествено предвестување, успева да побегне од Ирска.

Но љубовта што за времето на своето ропство ја стекнал за ирскиот народ, кој самиот бил заробен во мракот на друидското (друид – пагански жрец меѓу келтските народи) незнабожештво, нашла одговор во Божјиот призив за проповед на Евангелието во Ирска. Покорувајќи се на повикот, светителот, како што нè уверува преданието, најпрвин заминува за Галија, каде што се нафаќа со макотрпно учење и подготвување за свештеноапостлскиот подвиг, кој му претстоел. За дванаесетте години престој во Галските земји, Св. Патрик се наоѓал под духовно раководство на Св. Герман од Auxere, а престојувал и во познатиот монашки центар на островот Lerins на југот од Галија. 432 г. бидува ракоположен за епископ на Ирска, заменувајќи го во тоа неодамна упокоениот Св. Паладиј, кој само кусо време бил во мисија меѓу Ирците. Истата година Свети Патрик се истоварува на ирскиот брег, во земја, која тогаш се наоѓала под власта на множество локални кралеви, над коишто по чест се наоѓал високиот крал на Тара, како формален владетел на цела Ирска, и каде што царувала друидската крволочна религија со нејзините човечки жртвопринесувања.

Следуваат долги десетлетија на свештеноапостолски подвиг. Светителот заедно со своите сотрудници ја прокрстарува целата земја, при што честопати е изложен на големи опасности. Повеќекратно му се случило да биде заробен од гневните друиди, но секогаш Божјата благодат го избавувала. Останува запаметен како чудотворец, кој на дотогаш незнабожечкиот народ му покажал како благодатта на Живиот Бог ги поразува вражалствата на жреците непомјаникови. Можеби за најважен настан од неговата долгогодишна мисија во Ирска се смета соочувањето со високиот крал на Тара Leoghaire, кое, според преданието, се случило во денот на Светлото Христово Воскресение 433 година. Токму претходната Пасхална ноќ, Свети Патрик наспроти кралските двори во Тара запалил голем оган, како симболичен одговор на незнабожечкиот мрак (имено, во тие дни поради некој друидски обред било забрането палењето на оган низ цела Ирска). Штом ја здогледале светлината од тој оган, друидите во присуство на кралот, и не сакајќи, ја исповедале вистината за непобедливоста на Христовото Воскресение, та пред владетелот извикале: „О кралу, да ни живееш, но овој пламен, кој наспроти кралската заповед, беше запален ноќва, ќе гори засекогаш низ земјата...“ Утрото на Пасха Свети Патрик пред собранието на ирските властодршци во Тара ја разобличува и посрамува друидската прелест преку нетварната благодат Христова, по што му е овозможена слобода да го проповеда Евангелието низ Ирска. Во 439 г. од Галија му се испратени напомош уште тројца епископи. Црквата сè повеќе растела. Во 444 или 445 г. Свети Патрик поставен е за Архиепископ на Ирска со катедра во Armagh. Иако нема сигурни извори за неговото упокојување, преданието него го сместува некаде околу 493 г. во месноста Saul, каде што, по пристигнувањето во Ирска, светителот ја отслужил првата Божествена Литургија.

Црквата Христова му го празнува поменот на 17 / 30 Март.

Свети Патрик е основоположник и на ирското монаштво, кое во наредните векови ќе процути со неброено мноштво светители и подвижници, дотаму што со право Ирска, тој зелен остров, можел да се нарече – Пустина среде океанот. Света Бригита и Света Ита, Свети Брендан Морепловецот, Свети Колумба од Иона, Свети Енда од Аран, Свети Киеран, Свети Кормак... остануваат неугаслив пример за православното подвижништво, исто како што и нивниот родоначелник, Св. Патрик, засекогаш е утврден како образ и правило за свештеноапостолството на Црквата Христова.

Единствени дела напишани од Светиот отец наш Патрик се „Исповедта“ и „Писмото до Коротик“. Покрај ова, преданието нему му припишува и неколку молитви, од кои најпозната е онаа под називот Lorica (лат. Граден оклоп), за која се вели дека светителот ја произнесувал додека заедно со својата дружина патувал кон високиот крал Leoghaire, кога друидите поставувале заседи на нивниот пат во обид да ги убијат.



LORICA

Се подигам денеска
Преку моќна сила,
Призивот кон Троица;
Преку верата во Троичноста,
Преку исповедањето на Единечноста
На Создателот на созданието.

Се подигам денеска
Преку силата на Христовото Рождество и Крштение,
Преку силата на Распетието Му и Погребението,
Преку силата на Воскресението Негово и Вознесение,
Преку силата на Пришествието Му во Денот суден.

Се подигам денеска
Преку силата на љубовта Херувимска,
Во послушание ангелско,
Во служение архангелско,
Во надеж на воскресение благонаградно,
Во молитвите на патријарсите,
Во проповедите на апостолите,
Во верата исповедничка,
Во чедноста на девствениците,
Во делата на праведниците.

Се подигам денеска
Со сила небесна,
Лач сончев,
Болскот на оган,
Секавичност молњина,
Витост на ветер,
Крепост земјина,
Јакост карпина.

Се подигам денеска
Преку Божјата сила да ме кормилари,
Божјата моќ да ме крепи,
Божјата премудрост да ме води,
Божјото око да гледа пред мене,
Божјото уво да ме услиши,
Божјата реч да глагола низ мене,
Божјата рака да ме пази,
Божјиот пат да лежи пред мене,
Божјиот штит да ме штити,
Божјите воинства да ме избават
Од примките демонски,
Од искушенијата порочни,
Од секој, кој ми снове зло,
Близу или далеку,
Сам или во мноштво.

Ги прибирам сиве овие благодатства денеска
Помеѓу мене и злото,
Против секоја сурова, безмилосна сила,
Која вражествува против телото ми и душата,
Против призиванија на лажни пророци,
Против црнозаконија незнабожечки,
Против лажезаконија еретички,
Против коварство идолопоклоно,
Против вражби на жени, ковачи и друиди,
Против секоја ука што на човека тело и душа му осквернува;
Христос денес нека ме заштити
Од отров, од палеж,
Од давење, од ранување,
Сè дур’ не се удостојам со штедро вознаградение.

Христос со мене, Христос пред мене, Христос зад мене,
Христос во мене, Христос под мене, Христос над мене,
Христос оддесно, Христос одлево,
Христос штом легнам, Христос штом седнам,
Христос во срцето на секој човек што мисли на мене,
Христос во устата на секој човек, кој говори за мене,
Христос во окото што ме гледа,
Христос во увото што ме слуша.

Се подигам денеска
Преку моќна сила,
Призивот кон Троица;
Преку верата во Троичноста,
Преку исповедањето на Единечноста
На Создателот на созданието.