Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

Богоносниот отец наш Нектариј се родил на 1 октомври 1846 година во Силиврија Тракијска. Уште од најрана возраст покрај древните философи особено сакал да ги чита Светите Отци. Потоа, на островот Хиос, каде што работел како учител, станува чест посетител на тамошниот „Нов манастир“ на старецот Пахомиј со кого што водел долги и чести разговори. Се замонашува во истиот манастир на 7 ноември 1876 година со името Лазар, а после една година ракоположен е за ѓакон кога и го добива името Нектариј. Во Атина завршува гимназија и Богословски факултет, по што заминува во Александрија (Египет) каде што е ракоположен за презвитер на 23 март 1886 година, а наскоро бива произведен и во архимандрит. После три години од престојот во Александрија бил избран за епископ на древната Пентаполска епархија.

Наместо неговиот доблестен и подвижнички живот да биде повод за радост, кај некои луѓе предизвикува завист. За да успеат во својата замисла да го отстранат светителот од Александрија, тие луѓе измислуваат секакви клевети обидувајќи се да го извалкаат и неговиот морален лик. Патријархот им поверувал на тие клевети и упатил барање до свети Нектариј да го напушти градот и да отпатува каде што сака. Се враќа во Грција и после еден многу тежок период од неговиот живот, кога до израз доаѓаат неговите огромни — смирение и љубов, бива поставен за управник на Ризариевата Богословија. Во 1904 година на островот Егина, со своите верни духовни чеда коишто сакаат да живеат под негово раководство, основа женски општежителен манастир, а во 1908 година кога поднесува оставка во Богословијата, и самиот, бивајќи наклонет кон монашкото тихување, преминува да живее во манастирот како духовник и свештенослужител. Во манастирот го поминува остатокот од својот живот во молитва и пост, во умствен и телесен труд. Во тоа време, исто како и порано, пишува голем број дела, а тоа се полезни за душата книги (скапоцено за душата православно богословие) и песни во слава на Пресвета Троица и на Пресвета Богородица. Една од неговите најпознати песни е „Света Дево“ (Άγνη Παρθενε). Свети Нектариј се упокоил во Господа на 9 ноември 1920 година. По неговата смрт дојде времето кога оној којшто често и долго беше понижуван и презиран од луѓето, да биде прославен од Бога. Познат е како голем чудотворец и исцелител, и безбројни се примерите кога чудотворел и исцелувал болни.

Свети Нектариј официјално е канонизиран за светител на Православната Црква на 20 април 1961 година од Цариградската патријаршија.