Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

Пишува: Презвитер Симеон Браво

Авторот е парохиски свештеник при Православната Охридска Архиепископија

Потоа рече Бог: Да создадеме човек
според Нашиот образ и подобие...
(Бит. 1, 26)


Кога се зборува за проблемот на денешното образование (просвета) не ќе може да се даде задоволувачки оdговор aко образованието го исклучиме од врската со воспитувањето, и ако ја прифатиме свеста на модерниот човек, според која, образованието се сфаќа само како стекнување на знаењa од разни области, а образован човек е – учен човек. Воопшто не може да се оспорува интелектуалното знаење од разни области што децата денеска го добиваат во училиштата. Во зависност од умешноста на наставниците (но не и просветители) и со вложениот труд и волја, учениците се здобиваат со поголемо или помалo интелектуално знаење. Но таквото знаење ниту одблизу не го опфаќа воспитувањето како комплексно прашање, а со самото тоа и образованието.

Самиот збор ОБРАЗОВАНИЕ ни открива дека во себе го содржи зборот ОБРАЗ (ЛИК). Ако погледнеме во Светото Писмо, во книгата Битие, прва глава - 26 стих, ќе видиме дека Господ го создал човекот според Својот ОБРАЗ (ЛИК). Тоа ни кажува дека човекот може да се образува, да напредува во знаењето и познанието, во воспитувањето, само ако во себе го носи тој првобитен ОБРАЗ неизвалкан, односно, чист од секакви нечистотии. Таквиот човек, кој бдее над себе и се чува од сите страсни нечистотии, го чува во себе си тој ОБРАЗ, тој ЛИК што му е даден, и потоа е способен и другите да ги образува, да ги воспитува.

Смислата на воспитувањето зависи од смислата на животот, а оваа, пак, од темелите, на кои тој почива и од крајната цел, кон која се стреми. Самото воспитување значи - хранење. Во таа смисла се и светителите, кои го хранеле, воспитувале народот со вистинска храна, го образувале за да биде просветен и за да може да го постигне своето право назначение. Само светителот може да просветува, и затоа дел од светителите се нарекувани – Свети Просветители (на пример - Светите Кирил и Методиј). Ако човек носи во себе светост, тој просветува. Свеста за ваквото длабоко втемелување на воспитанието присутна е кај сите големи педагози. Но недостатокот на тоа и такво втемелување во наше време е токму основната причина за коренитата криза на самото воспитание и образование.

Ако самиот наставник, учител, професор, педагог, се храни од вистинскиот Извор, никогаш нема да огладне, и тогаш може другите да ги воспитува, да ги храни. Свети Атанасиј Велики вели: „Напојувани од Духот, ние Го пиеме Христа“.

Меѓутоа, ако човекот го отфрли Прволикот, Првообразот, ако го отфрли Бога, тогаш не може, т.е. не е во состојба да пренесува, да предаде вистинско знаење, вистинско образование и воспитување, не е во состојба да го обнови и обликува човекот по Образот на Оној што го создал, затоа што самиот живее во состојба на лага, на прелест, каде лажните вредности се крајна цел, а вистинските се отфрлаат и се забораваат. Живеејќи во таква духовна состојба (опрелестеност), критериумот за вредностите е искривен, сознанието е изместено, а знаењето што се здобива всушност е привидно знаење, да не речам – незнаење. И повторно ќе нагласам дека не станува збор за интелектуалното знаење (формули, дефиниции...), туку се работи за вистинско спознавање на тварите и на cè околу нас. Вистинското спознавање и воспитување се темели на неколку основи: антрополошки, христолошки, теантрополошки и еклисиолошки. Може ли човек, кој се наоѓа во духовна темнина (опрелестеност) да ги најде во себе (надвор од Бога и Неговото Тело – Црквата) овие основи? Се разбира дека не може. Оттука таквиот не може ниту да воспитува, ниту да образува.

Ако го имаме ова на ум, тогаш ќе видиме каде е, всушност, проблемот на денешното воспитување и образование, со денешнaта таканаречена просвета. Изгонувајќи го Бога од своите срца, обезобразувајќи се себe си, таканаречените просветни работници го изгонуваат Бога и од срцата на младите души што им се доверени по школите. Секако дека не се сите на исто духовно ниво. За среќа, сè уште постојат и такви, кои се трудат да го вообличат Ликот Божји во себе и во децата околу себе, иако се изложени на тешки проблеми и притисоци од околината, во којашто работат.

Без просветен ум од Бога нема просветителство, а без него нема вистинско образование и воспитување. Затоа во школските системи cè повеќе од децата се прават „протестанти“, кои протестираат на сè (стануваат против своите родители, не почитуваат никаков авторитет ниту духовен, ниту родителски...), наместо да се просветуваат онака како што тоа го правеле светите браќа Кирил и Метoдиј, Свети Климент и Свети Наум и другите светители, кои ни оставиле огромна духовна ризница, но која, за жал, денешните просветни работници многу малку ја познаваат или воопшто не ја познаваат и не ја kористат. „Кога слепец води слепец, обајцата ќе паднат во јама“ (Мат. 15, 14) - ни зборува Евангелието.

Светите Оци нè учат дека просветувањето е исто што и подвижништвото, па според тоа, вистинската просвета е ПОДВИГ во Христа. Ако се подвизуваме, ако напредуваме во духовниот живот, тогаш Бог ни помага да ги сознаеме работите како што е најdобро, и така ќе можеме тоа сознание да го предадеме на нашите деца. Така продуховени, осветени, ќе имаме сили да го исполниме тешкиот подвиг - подвигот на просветувањето на децата. Тој подвиг може да се спореди по својата мака со подвигот на апостол Павле: „Деца мои, кои со маки ве раѓам, сè додека Христос не се вообличи во вас“ (Гал. 4, 19). Ако, пак, живееме надвор од Црквата, далеку од Бога, исполнети со страсти, тогаш и она што го предаваме на децата ќе биде острастено, искривено, неморално. Така ги уништуваме идните поколенија, учејќи ги да се грижат само за тоа како да здобијат што повеќе удобности во овој свет, колку можат повеќе да ги задоволуваат страстите, а за успешен човек да се смета некој, кој реализирал големи материјални богатства, кој се стекнал со разни скапоцени предмети и сл., без да се обрне внимание на кој начин иsтите ги здобил. Непрекинато се разгорува во човекот, во неговата природа преку гревот вселената бесловесна желба за уживање, која неминовно е следена од болка. Иако човекот со сета сила копнее по уживање, обидувајќи се да ја избегне секоја тегоба на болката, според Преподобен Максим Исповедник и севкупното човечко искуство, ова второво е неминовен следбеник на првото.

Да се потсетиме само на неколку примери на опрелестени погледи - ставови на современите проблеми:

  1. Непрекинато ги учиме децата да не земаат дроги и да не паднат во страшното убиствено ропство на наркоманијата, а не ги учиме што е тоа грев, која е платата за гревот (смртта), како се ослободува од гревот и Кој ослободува од гревот. Воопшто не ги носиме, или многу малку ги носиме децата во Црква да ги воспитуваме, да ги храниме со Спасителот наш Господ Исус Христос, а кога ги носиме тоа е само формално – да запалиме свеќа, да си помислиме желба и слично. Но Исус рече: „Оставете ги децата да доаѓаат при Мене, зашто на таквите е Царството Небесно“ (Мат. 19-14). Со таков катастрофален однос кон Бога и Црквата, децата се немоќни кога ќе излезат на улица да се справат со предизвиците (задоволување на страстите), кои ги нуди ѓаволот. Наместо да излезат со духовен мир („во мир да излеземе“), тие излегуваат раслабени, немоќни, и стануваат лесен плен за пороците предложени од човекоубиецот – ѓаволот.
  2. Секаде слушаме и гледаме како најдобра заштита од смртоносната болест – сида е користење презервативи!? Никогаш и никаде нема да се каже за моралната чистота; зборот воздржание е заборавен и отфрлен. Ако некое момче или девојче се обидува да се воздржува или да живее морален и чист живот – таквиот веднаш е отфрлен, исмејуван и сл. од друштвото. Гледаме дека и „просветните работници“ не ретко ги злоупотребуваат учениците по училиштата.
  3. Се учат децата дека нивните прародители биле мајмуни – Дарвинова теорија. Како можеме да формираме здрави и стабилни, образовани личности, ако истите ги учиме дека потекнуваат од животно! Како да очекуваме така необразованата личност да се труди да ги зауздува страстите и нечистите желби?

Би можеле да набројуваме многубројни слични примери: за просветителите на овој народ (Светите Кирил и Методиј, Свети Климент и Наум и другите) се учи сосема малку, а многу повеќе се посветува време и внимание за некои историски настани, кои се небитни за духовниот напредок на децата. За Бога, ако воопшто се спомене, тоа е некоја споредна реченица, некоја нејаснотија, која уште повеќе ќе им внесе забуна, отколку разјаснување на децата...

Каде ќе нè одведе сето ова? Веќе гледаме дека тоа ни носи пекол. Секоја „просвета, образование, воспитување“ без Бога е пекол, од кој многу тешко се излегува. Таквото необразование ни носи ерозија во културното, во духовното творечко живеење. Тоа се отсликува и во секојдневниот живот. Духовно празните училишта немаат што да им понудат на душите на децата. Интелектуалното знаење е нешто што ќе ја задоволува до некаде интелектуалната жед, но не ја исполнува душата; - таа останува гладна и жедна за вистинска храна и питие. А тие може да ги даде само Господ Исус Христос: „Јас сум Лебот на животот: кој доаѓа при Мене нема да огладне и кој верува во Мене нема да ожедне“ (Јов. 6, 35).

Св. Апостол Павле вели: „Внимавајте некој да не ве измами со философија и празна измама, по човечко предание, по наука на светот, а не по Христа“. А денес непрекинато се нуди некаква (анти)философија, некаква духовност (хиндуистичка, протестанска...), се нуди лагата наместо вистината.

Кој е излезот од овој лавиринт? Да се покаеме и да се вратиме на вистинските духовни вредности. Да се вратиме на Прволикот, да се вратиме на Бога, како што блудниот син се врати од далечната земја (сп. Лук. 15, 11-32). Да сфатиме дека, ако не сме слуги Божји, ако не сме во закрилата на Неговата Црква, тогаш сме слепи, необразовани (БЕЗ-ОБРАЗНИ) и такви не можеме да ги образуваме нашите деца. Чија е таа просвета која не служи на Бога? Кој тогаш просветува и со што? Таа не само што не е во заедница со Христа Бога, туку е отворено богоборна; не станува збор за атеистичка (или секуларна како што ја нарекуваат), туку најдиректно антитеистичка. Ако атеизмот е израз на очајание на оние, кои не го запознале Господа Исуса Христа, - тогаш антитеизмот е нешто уште полошо, тој свесно знае Кој е Господ Исус Христос, и свесно знае против Кого се бори, кога се бори против Господа Исуса Христа.

Враќањето во Ноевиот ковчег – Црквата е единствениот излез и спас од овој антидуховен потоп што се случува околу нас. Гревот и страстите го поробиле светот и завладеале со човекот. Црквата е единствениот „слободен и свештен простор“ во овој свет, зашто е слободна и ослободува од единственото вистинско ропство – ропството на гревот, смртта и ѓаволот. „Запознајте ја вистината и таа ќе ве ослободи“- ќе ве ослободи од сите лаги, измами, лажни претпоставки, лажни вредности.

Затоа огромна е одговорноста на родителите. Тие треба да ги воспитуваат своите деца во Црквата, и така да можат децата да ги сфатат и усвојат вистинските вредности, да го образуваат Прволикот – Господ Исус Христос во себе, и на тој начин да можат да се справат со сите искушенија на кои ќе наидат во светот. Ако ја спознале вистината, лесно ќе ја препознаат лагата и ќе ја отфрлат. Но, ако не ја познаваат вистината, тогаш лесно ќе ја прифатат лагата мислејќи дека е единствена и дека е исправна. Голема е одговорноста на просветните работници, но уште поголема е на родителите. Тие ќе дадат одговор пред Бога, не дали им обезбедиле пари, богатства и слично на своите деца, туку дали им го предале Бога, дали ги научиле како да живеат со Бога и во Бога и како да го осветат својот живот. Апостол Павле нè учи да се чуваме од ропството на среброљубието: „А кои сакаат да се збогатуваат, паѓаат во искушение, во примки и во многу неразумни и штетни желби, што го потопуваат човекот во пропаст и погибел. Зашто коренот на сите зла е среброљубието“ (1 Тим. 6, 9-10).

Ваквиот пристап кон воспитувањето не го исклучува современото педагошко искуство. На сето она што е здраво во тоа искуство тој му дава темел, внатрешна кохезија, стабилност и смисла, така откривајќи му го правиот лик на човекот. Без тој лик, всушност Боголик, како неуништива заедница и највозвишена вредност на cè што постои, cè она што се случува во космосот и со космосот, во човекот и со човекот, како и сета човечка историја во која спаѓа и историјата на човечкото воспитување, ја губи својата причина на постоење. Господ Исус Христос е темелот, а сите ние се наѕидуваме на тој темел, Господ Исус Христос е Црквата, а ние се вградуваме во неа. Само така сè станува ОБРАЗно – БОГООБРАЗНО, Христолико и Боголико.