Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

Каков став има Православната Црква кон новите биометриски документи?

Одговор:

Изјава на светиот Синод на Руската Православна Црква:

Некои пастири самоволно го вклучиле прашањето за примањето на новите документи во прашањата коишто ги поставуваат на исповед, а одбивањето да се земат документите го поставиле како услов за пристапување кон Светата Причест. На оние коишто се обидуваат новите идентификации да ги поврзат со „печатот на антихристот“ им напомнуваме дека според светоотечкото предание таков печат ќе се прими како знак којшто го потврдува свесното одрекување од Христа.

Противно на тоа Предание, некои тврдат дека технолошките средства можат сами по себе да произведат пресврт во скриените длабочини на човечката душа, и да ја примораат да го заборави Христа. Таквото суеверие е во несогласност со православното толкување на Откровението на светиот Јован Богослов, според кое „печатот на ѕверот“ ќе им се стави на оние коишто свесно ќе поверуваат во него „единствено заради неговите лажни чудеса“ (св. Јован Златоуст). Никаков надворешен знак не го нарушува духовното здравје на човекот, доколку не е последица на свесното отфрлање на Христа и исмејувањето на верата.

Епископ Атанасиј (Јевтиќ):

Мислам дека ако реално гледаме на работите, тогаш Црквата едвај ќе може да ги избегне обврзувачките норми и правила за сеопштата регистрација. Тоа не е наша работа. Во Грција има и такви, малкумина лажни зилоти, кои зборуваат дека бројот на антихристот секому ќе му биде всаден, па ќе го носиме на себе. Но, јас мислам дека сето тоа е ветер во магла. Зарем со таква површност ѓаволот ќе нè заведе, со компјутери и со нумерирања? Тоа е малку примитивно. Но, ние можеме да изгубиме повеќе, да го изгубиме духовниот разум, и тогаш тој може подлабоко да дејствува.

Не треба животот да се упрости до толку што во него да нема ни проблеми ни соблазни. Без проблеми и соблазни не бива, така кажал Спасителот, и во историјата е така. Не треба да се плашиме од соблазните, но и „тешко му на оној човек, преку кого доаѓа соблазната” (Мт. 18, 7) или на оној кој ја поддржува соблазната, или на оној кој ја развива, така што секогаш постои одговорност за тоа. И не треба да се наметнува својата мерка, себе си како мерка, како канон.

Свештеник Даниил Сисоев:

Кога ќе се појави реалниот антихрист, сите оние коишто сега се плашат да не примат печат, тогаш сепак доброволно ќе го примат неговиот печат. Затоа што ќе го бараат печатот онаму каде што го немало. Тие ќе го бараат печатот во некави технички средства, коишто на антихристот воопшто не му се потребни.

Тврдењето дека надвор од Црквата постои спасение — ете, тоа е патот кон антихристот. Во идеологијата е патот кон антихристот, а не во технологијата. Ете каква е навистина демонската измама: со технички средства да се замени реалното прашање на одрекувањето од Христа.

Архимандрит Јован (Крестјанкин):

Антихристовиот жиг ќе се појави тогаш кога тој ќе се зацари и ќе добие власт, ќе стане единствен господар на земјата. Сега, пак, секоја држава си има свој владетел.

Според тоа, нека не ве фаќа предвремена паника. Сега плашете се од гревовите, кои го отвораат и го рамнат патот пред идниот антихрист. Што се однесува до новите документи, тие ги имаат истите својства како и старите.

* * *

Најстрашното што се крие во сето тоа се збунетоста и смутот кои ги имаат зафатено верните.

Старицата, којашто целиот свој живот и во најтешките времиња ја сочувала својата верност кон Бога и Црквата, сега, кога е на залезот од својот живот, отпаѓа од спасоносниот кораб на Црквата! Кој ќе одговара пред Бога за соблазнувањето на „овие мали“, коишто простодушно се сопнаа на она што нема никаква врска со духовниот живот — новите документи?

* * *

Уште од апостолските времиња се говори дека и тогаш се појавиле многу антихристи. Меѓутоа, животот оди понатаму. Христијанството наполни веќе 2000 години.

Луѓето се спасуваат, и ќе се спасуваат до последниот ден на светот. Луѓето живеат и работат — едни според законот Божји, други според стихиите на овој свет. Не можеме да седиме покрај прозорецот и ништо да не работиме, очекувајќи нешто да се случи. Така и ти ќе бидеш осуден заедно со неверниците заради неработење и заради тоа што не си го умножил дарот којшто ти е поверен од Бога. За новите документи веќе ти пишав и нема да се повторувам. Жигот ќе следи дури по човековото лично одрекување од Бога, а не со измама. Измамата нема смисла. Господ го бара нашето срце коешто Го љуби.

Збунетоста, сумутот, и збрката ги сее истиот тој непријател, и тоа многумина ќе оддалечи од Црквата. И ти веќе го направи првиот чекор во таа насока. Токму тоа е и првиот чекор кон пропаста.

* * *

Запомни ја и разјасни си ја волјата Божја: „Сине, дај Ми го своето срце!“ Не пасошот, или пензиското осигурување, ниту даночната картичка, туку своето срце.