Епископ Атанасиј Јевтиќ
Слово за славното Успение Богородично
Правилно и вистинито ја нарекуваме Светата Марија Богородица,
зашто тоа име ја сочинува сета тајна на Домостројот на спасението.
Св. Јован Дамаскин
(за Православната вера 3, 12)
Преславното Успение и чудесното претставување (преселување) на Мајката Господова го исповеда и проповеда свети Јован Дамаскин следејќи го „древното и вистинско предание“ на Црквата Ерусалимска. Тој во своите Беседи на Успение ги опишува подробно многуте чудесни настани коишто се имаат случено на денот на Успението на Мајката Божја (како што тоа би можел да го види и самиот читател при читањето на беседите, особено неговата трета Беседа на Успение).Ние тука нема да се задржуваме во изнесувањето на тие подробности и случувања.
Несомнежен е фактот, според светиот Дамаскин, дека Светата Богомајка умрела со смрт човечка. Иако Таа, вели Дамаскин, е „Извор на Животот“, сепак и Таа „преку смртта го приведува животот“ на небо. И уште: Таа која „при раѓањето на Христа ги надмина границите на нашата природа, сега сепак потпаѓа според законите на таа природа, и Нејзиното пречисто тело е подложно на смртта“. И уште: Светата Дева како „ќерка на стариот Адам“, во време на смртта „потпаѓа под одговорноста на својот отец“, и Нејзината света душа „природно се разделува од непорочното тело, а телото пак, се предава на законитиот погреб.“ Во однос на „погребот“, т. е. погребувањето на телото на Пречистата Богомајка во земјата, Дамаскин вели дека тоа се случува за „она што е составено од земја, повторно да се врати в земја“, и таму во земјата да ја соблече од себе „трошноста и пропадливоста“, т. е. да се преобрази во светло и продуховено тело на бесмртноста.
Но и покрај сето тоа што го говори свети Дамаскин за таквата природна, човечка смрт на Пресветата Богородица, тој истовремено исповеда и говори, заедно со светиот Андреј Критски, дека смртта на Богородица била во исто време и „над нас“, т. е. над природата, натприродна. Ова, пак, чудо на таквата Нејзина смрт се случило затоа што е „бескрајно силна добрината на богоначалната слабост“ на Нејзиниот Син, Господ Христос која ја „обновила природата“ и „сè направи да биде ново“ (Откр. 21, 5), т. е. сите нешта ги постави на еден нов начин на егзистенција и вечен живот. Се разбира, парадоксално е, и навидум, противречно да се говори за „богоначалната слабост“ Божја (зашто „слабост“ Божја или „немоќ“ Божја, во јазикот на богословската апофатика, всушност го означува она истото што е и „богоначалната семоќност“ Божја), но токму таа „слабост“ Божја е онаа којашто го спаси светот и човекот. Зашто „слабоста Божја“ е апофатичкиот израз со којшто Светите Отци го нарекуваат спасителниот Христов кеносис (истоштение) за нас, т. е. Христовото доброволно понижување и смирение за нас и заради нас, Неговото снисходливо воплотување, страдање и воскресение заради нашето спасение.
Како доказ на вистинитоста на самиот факт на спасението, и обесмртувањето на човекот после Христовата смрт и воскресение, ни сведочат сите Негови Светители, како живи членови на Вечноживеештиот Христос, а пред сите нив самата Христова „Животоначална Мајка“, како што вели светиот Дамаскин. Зашто смртта на „Животоначалната Мајка“ на нашиот Господ толку го надминува самиот поим на „смртта“, што тој поим повеќе не се ни нарекува „смрт“, туку „успение“ „божествено преставување“ или „преселување при Бога“ и „населување кај Бога“. А ако всушност и се нарече смртта на Мајката Божја со поимот „смрт“, тогаш тоа пред сè е живоносна смрт“, како што вели самиот Дамаскин, т. е. смрт која носи живот, смрт којашто во суштина е „почеток на новото битие“ и новиот живот, на вечното битие и вечниот живот.
Затоа и вели Светиот богослов: „Денеска ризницата на животот и морето на благодатта се прикрива со животворна смрт, и Онаа која Го родила Уништителот на смртта, бестрашно ѝ пристапува на смртта, ако воопшто доликува да го наречеме „смрт“ Нејзиното сесвето и живоносно преселување во другиот живот. Зашто, зарем може да биде подложна на смртта Онаа која Го родила Синот — на сите вистинскиот Живот?“ Зашто како може, вели понатаму Дамаскин, да ја проголта смртта Онаа којашто е Мајка на Ипостасниот Живот; Онаа Која е исполнета со силата и енергијата на Духот Свети... и Којашто го роди Очевото благоволение — Ипостаста Бога Логосот, Кој со Себе ги исполнува сите и сè? Како Неа како таква може пеколот да ја прими во себе? Како можат да се осмелат трулежноста и пропадливоста макар само и да се приближат до Нејзиното живоносно тело? Секако, сето тоа е потполно туѓо на Нејзината богоносна душа и тело. Зашто смртта се уплаши уште и при самиот поглед на Неа, зашто од оној момент кога таа иста смрт го беше нападнала Нејзиниот Син, смртта го извлече за себе само горчливото искуство на поразот и од тоа се „умудри“; всушност: смртта е усмртена со Христовото воскресение. А последица на тоа е и Богородичното преселување во слава на небесата, при Синот Нејзин и Бог — Спасителот наш Богочовекот Христос.
Ете така, сета тајна на Пресветата Богородица се сведува, на крајот на краиштата, на Тајната Христова, таа сеопфатна и сеспасоносна Богочовечка тајна — „од сè најновата, и секогаш единствена нова (тајна) под сонцето“.