Ангелики Деликари
Професор по средновековна историја на словенските народи
Оддел за историја и археологија – Аристотелов Универзитет Солун
1000 години од основањето на Охридската Архиепископија
Во 1018 год., византискиот император Василиј II Бугароубиец ја распарчил државата на Самуил (976-1018) и ја припоил нејзината територија во рамките на Византиската империја, создавајќи ја темата Бугарија со главен град Скопје. За црковна катедра на темата го одбра Охрид, основајќи ја истовремено и автокефалната Охридска Архиепископија. Тоа значело дека овој нов црковен организам припаѓал директно на императорот, а не на Константинополската Патријаршија, и дека добил аналоген статус со оној на Кипарската Архиепископија. Нејзината катедра, пак, значи градот Охрид, се поистоветува со древната византиска Лихнида, којашто беше позната византиска епископија уште пред IV век.
Со цел да ги одреди границите и јурисдикцијата на Охридската Архиепископија, императорот издал три запечатени документи, т.е. сигилии , помеѓу 1019 и 1025 година. Кон овие дејствија пристапил, после соодветното барање на првиот Архиепископ Охридски Јован, кој имал словенско потекло. Иако, за жал, не е сочуван оригиналот на сигилиите на Василиј II, сепак нивниот текст се пренесува вметнат во хрисовулите на Михаил VIII (1272 или 1273).
Во сигилиите на Василиј II, детално се опишани епископиите, коишто припаѓале на охридската јурисдикција. Станува збор за епископиите: охридска, костурска, главенишка, мегленска, битолска (кадешто ја имаме радоста да се наоѓаме денес), струмичка, морозвидска, велбуждска, средишка, нишка, браничевска, белградска, сремска, скопска, призренска, липљанска, сервијска, дристарска, видинска, рашка, орејска, чернишка, химарска; следуваат митрополијата драчка, епископијата дринополска; во продолжение следува нечитливо име на некоја епископија, и на крај епископиите: ботротска, јанинска, козилска, петарска, ригонска, стажска и веријска.
Во суштина, византискиот император се обидел црковно да го вклучи збирот на териториите, кои ги освоил, под една црковна управа. Веројатно, овие негови дејствија се должеле на чисто политички причини, та и самиот целел кон една структурирана, автокефална (но, ограничена во однос на Константинополската Патријаршија), црковна управа, за постепено да успее со византизација на севкупното население на таа област. Се разбира, на тој начин, на Охридскиот Архиепископ му поставил едно големо дело, имајќи предвид дека областа на неговата паства се протегала на север до Дунав, на југ до Тесалија, на исток стигнувала до Рила и на запад до Јадранското море (опфаќајќи така територии на поранешната бугарска држава, на Србија и Албанија). Архиепископот Охридски, иако, врз основа на сигилиите, бил поставен да ја практикува јурисдикцијата на една толку широка област, имајќи ја како причина големата оддалеченост на многу Епископи од неговата катедра, многу е веројатно да се воздржувал при изборот на Архиереји во најоддалечените области, та се вмешувал само при произлегувањето на сериозни проблеми и ги советувал Архиерејите, тогаш кога постоела потреба. Сигурно, оддалечените, од Охрид, Епископи, ја немале можноста често, а можеби и никогаш, да бидат присутни на Синодите на Архиепископијата и да носат заеднички одлуки со останатите нејзини Архиереји.
Низ сите векови на нејзиното постоење, Архиепископијата често ги менувала границите бидејќи вклучувала гранични области на византиската држава, од кои, на одреден период, некои престанувале да се наоѓаат под византиска контрола и преминувале во рацете на туѓи владетели. Исто така, станува збор за областите на Илирија, чиишто владетели, Рим, во континуитет се обидувал да ги придобие и да ги отсече од православната догма. Затоа, барем во првите два века, изборот на Охридските Архиепископи претставувал битна грижа за византиските императори. Се избирале образовани личности, кои уживале целосна доверба кај императорот и кои припаѓале на тесниот круг на императорскиот Двор. Се разбира, после XIII век, ова престанува да биде секогаш важечко правило, токму заради латинското освојување на Константинопол, заради привременото зголемување на влијанието на државата на Епир, но и заради освојувањето на територии на Архиепископијата од туѓинци (бугарски и српски владетели). Константинополската Патријаршија, пак, сметала дека е потребно да има контрола врз изборот на Претстојателите на Охрид. Покрај нивната дејност како црковни мажи, Охридските Архиепископи особено се истакнувале по нивното пишано дело и по заштитата на правата на Православието. Наследникот на првиот Архиепископ Охридски Јован, Лав (околу 1037 - † 1055/1056), активно учествувал во спорот помеѓу Константинопол и Рим во врска со конфликтот за бесквасниот леб. Теофилакт Охридски (околу 1089 или 1092 - † 1126), една од најважните и најплодни писателски личности, кои архиерејствувале таму, помеѓу многуте дела, ги напишал, опширното Житие на Свети Климент, според мое мислење најважниот текст во однос на кирило-методиевата мисија во Велика Моравија и примањето на нејзиното наследство во охридската област, како и Мачеништвото на, во Тивериопол (Струмица), постраданите. За време на архиерејството на Јован Комнин (во текот на годините 1140 – 1164), кој бил потомок на познатато византиско императорско семејство, Архиепископијата се поистоветила со старата Архиепископија Прва Јустинијана. Иако поврзувањето е погрешно, важноста и славата на Архиепископијата се зголемиле. Преку многу важното дело и преписката на еден од најпознатите Архиепископи Охридски и истакнат канонолог на епохата, Димитриј Хоматијан (околу 1216 - околу 1236), можат да бидат проследени, не само црковната, туку и социјалната историја на Архиепископијата. Неговите односи со истакнатите личности на епохата и со странските владетели како Теодор Дука, владетелот на државата на Епир, со Стефан Немањиќ, Стефан Радослав и други, ја покажуваат почитта, којашто ја негувале кон личноста на Архиепископот, но и стравот на некои од меѓународното влијание на Архиепископијата.
Во храмот на Богородица Перивлептос (1294/1295), во Охрид, човек може да се восхитува на претставата на Архиепископот Охридски Константин Кавасила со светиот Климент. Константин Кавасила бил една од истакнатите личности, која не малку години дејствувала во црковното опкружување на Охрид, првин како Епископ на Гревена, потоа Епископ Тивериополски (Струмички), во продолжение како Митрополит на Драч и на крај како Архиепископ Охридски. Двапати застанал на архиепископскиот трон во Охрид, првиот пат за време на царувањето на Теодор II Ласкарис (1254 – 1258), и вториот пат за време на царувањето на Михаил VIII Палеолог (1259 – 1282), и како што се гледа, бил канонизиран за светител кратко време после упокојувањето.
Изградбата на амвонот во храмот „Света Софија“, во Охрид, се поврзува со Архиепископот Григориј I (веројатно веќе од почетокот на 1312, до крајот на 1314/почетокот на 1315 или според други 1332). Таму, во колоните има четири монограми во кругови од кои во два се чита Γριγόριος или Γριγόριως, а во другите два Архиепископ на Бугарите.
Во периодот на српското освојување на Охрид, односите на Архиепископијата со српскиот владетел Стефан Душан, се чини дека биле хармонични. Архиепископот Николај (1334? - 1365), започнал еден нов период на соработка и доверба со Србите. Во ктиторската изобразба (хронолошки определена помеѓу 1347 – 1350), во параклисот на светиот Јован Претеча во црквата „Света Софија“, во Охрид, Архиепископот Николај се појавува како молитвен посредник пред светиот Јован Претеча, претставувајќи му го Јован Оливер (владетелот на Охрид), и членовите на неговото семејство (неговата сопруга Ана-Марија и неговите синови Дамјан и веројатно Крајко).
Се гледа дека ктиторската дејност на Николај ја има продолжено и неговиот наследник Григориј II (1364/1365 – 1378), како што произлегува од двата натписи, во кои се појавува неговото име. Првиот се наоѓа над портата во параклисот, на северното крило на црквата „Богородица Перивлептос“, кој е посветен на светиот Григориј Богослов и хронолошки е определен во 1364/1365 година. Таму, Григориј се спомнува како Архиепископ на Прва Јустинијана. Исто така, во старата црква на светиот Климент, во населбата Болничка, во ктиторскиот натпис (1378), кој се наоѓа над јужната порта, на нејзината средина читаме дека тој храм бил изграден и насликан за време на архијерејството на сесветиот Архиепископ на Прва Јустинијана и на цела Бугарија кир Григориј, кога управител на градот бил Андреј Гропа.
Би можело да се зборува со часови за дејноста на Охридските Архиепископи низ сите овие векови, за меѓународното влијание на Архиепископијата, за титулите на Архиепископите, кои ја отсликувале нивната јурисдикција, реална или фиктивна. Целта на Архиепископите било промовирањето на Охрид во поширокиот простор на Балканот и повикување на споменот на славното минато од неговото црковно опкружување. Во едно пастирско послание на Архиепископот Зосим Охридски, на 11 Јуни 1708 год., во врска со дарот на Големиот Вожд на Унгровлахија господин Георгиј Кастриот, се користи една опширна титула: Зосим, по милоста Божја, Архиепископ на Прва Јустинијана, Охрид и на цела Бугарија, Дакија и Медитеранот, на Рипенсија, Превала, Дарданија, Горна Мизија и на останатите (области) Патријарх. Посочувањето на овие епархии упатува на Новелата 11 (535), на Јустинијан I, со која овој византиски император ја основал Архиепископијата Прва Јустинијана. Таму се опишани сите овие области од титулата на Зосим, како епархии, кои припаѓаат на Прва Јустинијана.
Посебно треба да се спомнат најкарактеристичните светители на Охридската Архиепископија, светиот Климент и преподобниот Наум, учениците на светите Кирил и Методиј. Нивното испраќање во Охрид од страна на бугарскиот владетел Борис I, го означува почетокот на втората фаза - ако ми е дозволено ова временско разграничување - на црковното дело на кирило-методиевата мисија помеѓу Словените. Тоа што светиот Климент и преподобниот Наум се обиделе да го направат во оваа област, е: суштински да ја спасат, да ја сочуваат и повторно да ја блеснат словенската култура, која била создадена во Велика Моравија. Светиот Климент бил ракоположен за Епископ Велички (денешен Велес), во 893 или 894 година, после барањето до Константинополската Патријаршија од страна на бугарскиот цар Симеон (893-927). Првото познато спомнување на Климент како Епископ Велички датира во кодексот Assemanianus (средина на XI век). Таму се посочува дека на 27 Јули, денот на споменот на светиот Пантелејмон, исто така се слави и светиот Климент Велички (Климента Епископа Величъскаго). Иако никогаш не ја добил титулата Архиепископ Охридски, од проста причина затоа што во неговата епоха Архиепископијата не постоела, а не ја добил ни титулата на византиската Епископија Лихнидска, сепак областа на неговата јурисдикција била широко распространета, а најзначаен град во епископијата бил Охрид. Во однос на светиот Климент, ретроспективната употреба на титулата Архиепископ Охридски се поврзува со неговото свештеноапостолско, пастирско, ктиторско и писателско дело во охридската област. Колку во срцата на неговата паства, толку и кај подоцнежните Охридски Архиепископи, било сочувано живото сеќавање на светиот Климент како прв пастир на Архиепископијата. Претставувало чест и благослов за Архиепископите да го вклучуваат тој светител во своите претходници, да го сликаат во фрескоживописот на нивните цркви, да бараат од него помош и просветление за таму да го продолжат нивното дело.
Со освојувањето на Балканот од Османлиите и со привременото укинување на црквите на Бугарија и Србија, се чини дека се надградила улогата на Архиепископијата Охридска, бидејќи, најверојатно, одново ја превзела јурисдикцијата врз териториите, кои ги имала загубено во минатото.
Во секој случај, останува фактот дека Архиепископијата Охридска успеа да опстане од 1018 год., до денес, во област во која развојот на настаните низ текот на времето не секогаш бил благонаклон кон неа. Сепак, треба да се прифати дека, ниту бугарската, ниту српската, конечно ниту отоманската власт не успеаа суштински да го изменат карактерот, дејноста, и што е најважно, нејзиниот идентитет. Елини, Словени и други националности, хармонично сопостоеа во областа на Архиепископијата, низ вековите. Од срце посакуваме долгоденствие и, дај Боже, визијата на нејзиниот основач да дејствува како обединувачки фактор на сите народи, кои се нашле под нејзиниот духовен покров и секогаш да го осветлува патот на љубовта и соработката.
превод:
Епископ стобиски Давид