Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

Пишува: Иеромонах Дамаскин (Христенсен)

Авторот е иеромонах во манастирот „Свети Герман Аљаски“ во Платина, Калифорнија, оформен од страна на о. Серафим Роуз со благослов на Свети Јован Шангајски. Уредник е на интернационалната православна периодика „Orthodox Word“, а познат е и како автор на духовната биографија на својот духовник (о. Серафим Роуз), која е преведена на повеќе јазици во светот.

Говор на Годишната Исповед за Великите Пости на свештенството на Митрополијата на Нова Грачаница и Западно-Американската Епархија на Српската Паравославна Црква, Џексон, Калифорнија, 4/17 март 2004.

Темата на денешниот говор – што постигна Христос на Крстот – е секако примарна тема за размислување во периодот на Великиот Пост, бидејќи се подготвуваме молитвено да си спомнеме за за Христовото страдание, смрт, и неизбежните последици од Неговата смрт: Неговото свето Воскресение. Како што се сеќаваме и каеме за гревовите во време на Светиот Пост, исто се сеќаваме и на она што нè спаси од вечните последици на гревот. Се сеќаваме на Христовата живототворна смрт на Крстот, низ која помина заради спасението на секој од нас.

Православната догма за нашето искупување – во која влегуваат и доктрините за Христовото воплотување, смрт и Воскресение – е основната догма на нашата Вера, заедно со догмата за Светата Троица. Веќе неколку години особено размислувам за и ги читам Светототечките текстови напишани на оваа тема. Ова е широка тема. Во ова предавање ќе се обидам да ги назначам нејзините основни точки на линеарен и хронолошки начин. Ќе зборувам за состојбата на човекот пред Падот и после Падот, а потоа ќе зборувам за тоа како Христос нè спаси од последиците на Падот преку Неговото воплотување, смрт и Воскресение. Конечно ќе ги сумирам сите сегашни и идни постигнувања на Христовото искупително дело.

Првобитната состојба

Да започнеме со дискусија за состојбата на човекот и светот пред Падот. Точното разбирање на состојбата пред Падот е всушност суштинска за точно разбирање на значењето на Христовата смрт на Крстот. Мора да разбереме од што отпадна Адам за да разбереме кон што нè враќа Христос.

Според Светоотечкото толкување на Светото Писмо, пред Падот, телото на човекот не беше подложно на смрт и трулежност. Тој беше создаден потенцијално бесмртен, односно, воколку не направеше грев ќе можеше да живее вечно во нетрулежно тело, хранејќи се од Дрвото на Животот во градината. Пред падот човекот не знаеше за болка, за болест. Не подлежеше на стареење. Тој не им подлежеше на временските прилики; не можеше да биде физички повреден. Тој не знаеше за распаѓање. Неговото тело, иако материјално и чувствено, беше подуховно од телото кое го имаме денес. Тоа не беше претежно материјално, како телото што го имаме денес .

При создавањето од земен прав, човекот беше создаден во Благодат. Светите Оци (како Св. Јован Дамаскин) велат дека Адамовото тело и душа се создадени истовремено, а кога Бог му дувна душа жива, Тој исто му дувна и Благодат на Светиот Дух . Пред Падот, Светиот Дух пребиваше во првиот човек и првата жена.

Првиот човек не беше обожен во времето на неговото создавање, но тој беше создаден за обожение , за соединување со Бога . Преку приближувањето кон Бога во љубов, преку барањето на духовно задоволство во Бога, наместо физичко задоволство преку сетилата, човекот требаше да се осветува и продуховува, да се уподобува на Бога, да се преобразува и обожува преку Божјата Благодат. Бидејќи Бог е бесконечен и неспоимлив, патот на соединувањето со Бога не требаше никогаш да заврши. Човекот беше создаден малку подолу од англите ( Пс. 8:5, Евр. 2:7), но со текот на времето тој требаше да стане повисок од ангелите, повисок и од највисоките ангелски чинови: „почесен од Херувимите и неспоредливо пославен од Серафимите“.

Освен тоа, како што човекот би се продуховувал и обожувал преку приближувањето кон Бога, тој требаше да го продухови и обожи целото создание, приближувајќи Му сè на Бога. Многу Свети Оци – како Св. Макариј Велики, Св. Јован Златоуст, Св. Григориј Синаитски и Св. Максим Исповедник – учат дека пред Падот целата твар била нетрулежна, исто како и човекот: затоа што целата твар била створено за човекот . Св. Симеон Нов Богослов изрично изјавува дека не само Рајот бил нетрулежен пред Падот: сè, целата твар, беше без смрт и распаѓање . Затоа што поседува и тело и душа, човекот беше врската помеѓу нетрулежниот материјален свет и ноетичкиот свет на ангелите. Како таков, тој требаше да го соедини материјалниот со ноетичкиот свет преку своето издигнување кон Бога .

Последиците од Падот

Таква беше возвишената првобитна состојба на човекот и тварта, а таков беше и возвишениот првобитен призив на човекот. Но, како што сите знаеме и искусуваме секојдневно, првиот човек, Адам, падна од оваа состојба и се доведе себе си и целото создание во состојба на распаѓање и смрт.

Целата сторија за Падот и зошто овој се случи е надвор од зафатнината на ова предавање. Она што овде нè засега, додека го созерцуваме богословието на искупувањето, се последиците од Падот. Како што мора да разбереме од што паднавме за да разбереме кон што нè враќа Христос, исто така мора да разбереме во што паднавме за да разбереме од што нè избавува Христос.

Да го кажеме ова со други зборови: преку Неговата смрт на Крст и преку Неговото Воскресение, Христос ни дава живот. За да разбереме што значи да ти биде даден живот, мора да ја разбереме смртта во која сме родени.

Како што ќе се присетите, во книгата Битие, Бог му рече на Адам: Освен од дрвото на познавање на доброто и злото; од него не јади; зашто во оној ден кога ќе вкусиш од него, ќе умреш (Бит. 2:17). Сега знаеме дека Адам не умре во денот кога вкуси од дрвото: според Писмата тој доживеал старост од 930 години. Но според Св. Григориј Палма и други Оци, Божјите зборови беа вистина: Адам умре во денот кога вкуси од плодот. Тој умре духовно. Тој ја изгуби Божествената Благодат во која беше создаден . Во него веќе не пребиваше Светиот Дух. Заради тоа што неговата природа стана распадлива, обожувачката Благодат сега í беше туѓа. Пред тоа, Самиот Бог живееше во него преку Неговата Несоздадена Енергија. Сега човекот стана празен, без Благодат. Тој беше одделен од Бога. И, според Св. Григориј Палама, оваа духовна смрт го направи Адам подложен на физичка смрт, која во неговиот случај се случила по 930 години.

Со Падот човековата природа беше променета. Тој сè уште го имаше подобието Божјо во себе, но тоа сега веќе беше трулежно. Неговата духовна трулежност го направи неговото тело претежно материјално, подложно на физичка трулежност или распаѓање по смртта. Исто така, неговата духовна трулежност ја оневозможи неговата душа да земе учество во вечното единство со Бога по смртта. Рајот беше затворен за Адам за време на неговиот земен живот, а и Рајот и небесата беа затворени за него по смртта. По нивната смрт, Адам, Ева и целото нивно потомство слегуваа во адот: место на чекање, на разделеност од Бога.

Со Падот, подеднакво и целото создание падна во трулежност заедно со човекот: распаѓањето и смртта станаа дел од созданието. Во Римјаниет 5:12, Св. Павле вели дека Гревот влезе во светот преку еден човек, а преку гревот – смртта, а нешто подоцна, кај Римјаните 8:20-21, тој вели дека созданието стана распадливо заради гревот на човекот.

Сите ние сме наследници на смртта и распаѓањето кои влегоа во човековата природа со Падот. Св. Григориј Палама вели дека, преку едната Адамова духовна смрт, духовната и физичката смрт им беа пренесени на сите луѓе . Ова е затоа што човековата природа е едно: сите ние сме Адамово семејство.

Православието не го прифаќа подоцнежното Римо-Католичко учење за првородниот грев, според кое сите сме виновни за Адамовиот грев. Не, самиот Адам е виновен за својот грев. Меѓутоа, ние учествуваме во последиците од неговиот грев. Ние сме родени во трулежност и со наследена тенденција или наклоност кон гревот. Сите ние грешиме, а со тоа сите ги заслужуваме последиците од гревот: духовна и физичка смрт, и вечна разделеност од Бога во адот.

Во периодот помеѓу Адамовиот пад и Христовото доаѓање имало многу праведни мажи и жени за кои читаме во Стариот Завет. Но тие, дури си со својот побожен живот, не можеле да ги повратат последиците од Падот. Благодатта можела да дејствува врз нив однадвор, како што беше со Пророкот Мојсеј, и тоа во таква мерка што морал да си го покрие блескавото лице додека се симнувал од Синајската Гора. Меѓутоа, ова бил само привремен блесок, како што велат Светото Писмо и Оците . Во него и во сите пророци од Стариот Завет не пребивала Благодатта на Светиот Дух, како нивна лична сила и моќ . А по смртта, сите, дури и најправедните, слегувале во адот, отсечени од Рајот и небесата.

Во периодот на Стариот Завет, Бог им ги даде на Евреите законите за да им помогнат да живеат праведен живот. Тој востанови жртвопринесувања, кои Евреите требаше да ги принесуваат како жртва за грев. Овие приноси беа предобразба на Христовата жртва, да се подготви Божјиот народ за разбирање и прифаќање на значењето на Христовата смрт на Крстот. Но ниту жртвопринесувањата, ниту законите можеа да го вратат човештвото во она што го изгуби со Падот.

Беше потребна совршена, безгрешна жртва – човек без грев – за да ги уништи последиците од гревот. Заради ова дојде Христос. Првиот Адам падна од своето првобитно назначение, поведувајќи сè со себе во пропаст. Оттука Христос, Кој се нарекува Вториот Адам или Новиот Адам, дојде во светот за да го исполни првобитното назначение на човекот и да го врати она што беше загубено. Но, Христос направи и повеќе од тоа. Тој не само го врати човекот на она што Адам беше пред Падот: Тој му даде на човекот можност да постане она што Адам пребаше да биде, она што Адам можеше да биде доколку не паднеше.

Значењето на искупувањето

Сега, увидувајќи ја состојбата пред_падот и последиците од Падот, да погледнеме поблиску како Христос го врати човекот на состојбата пред-Падот, а всушност и подалеку и над оваа состојба.

Како на искупувањето, како и природата на Бог Света Троица, е начелно тајна. А сепак, Светото Писмо и Светите Оци ни помагаат да í пријдеме на оваа тајна. Тие ни овозможуваат да го разбереме и поверуваме во искупувањето од Иисус Христос на таков начин, верувајќи, дека може да го примиме дарот на спасението.

Нашата искупеност од Иисуса Христа започнува со Неговото воплотување. Кога прими плот Тој стана сличен на нас во секој поглед освен во гревот (види - Евр. 4:15). Примајќи ја човековата природа, Тој ја обожи. Бидејќи човековата природа е една, со ова ни го даде потенцијалот и ние да се обожиме: не обожени по природа и Синовство, како Христос, туку по Благодат и посиновување.

Но со Христовото воплотување, човекот сè уште не можеше да го оствари потенцијалот за обожение. Заради неговата духовна трулежност, човекот беше нечист сад. Заради препреката на гревот, човекот не можеше да ја прими и задржи Благодатта на Светиот Дух во себе. Така, Христос, имајќи ја надминато препреката на природата со воплотувањето, сега требаше да ја урне препреката на гревот. Ова ќе го стори преку Својата смрт. Како што вели Св. Никола Кавасила, Христос ги урна трите препреки што го разделуваа човекот од Бога: препреката на природата со Неговото воплотување, препреката на гревот со Неговата смрт и препреката на смртта со Неговото Воскресение .

Како Бог, Христос знаеше дека е дојден на земјата за да умре за човекот, а умирајќи да стане од гробот. На денот пред Неговото распетие Тој рече: Душата сега ми се нажали и што да кажам? Оче, избави ме од овој час! Но, заради тоа и дојдов на овој час (Јован 12:27).

Сетете се на реченицата на Св. Григориј Палама што ја спомнав порано: Преку едната духовна смрт (со Падот) Адам донесе во светот двократна смрт – духовна и телесна смрт. Св. григориј понатаму вели, „Добриот Господ ја исцели оваа двократна смрт преку едната Негова телесна смрт и преку едното Воскресение на Неговото тело ни подари двократно воскресение. Со Неговата телесна смрт, Тој го уништи оној шт имаше сила над нашите души и тела во смртта и нè спаси од неговата тиранија над обете. ”

Ова, повторно, е затоа што човековата природа е една. Св. Павле пишува: Ако со престапувањето на еден смртта царува преку едниот [односно, Адам], тоа многу повеќе оние, што ја примија благодатта и дарот изобилно, ќе царуваат во животот преку Едниот Иисус Христос (Рим. 5:17).

Следејќи ги зборовите на Христос и Св. Павле во Писанијата, Светите Оци користат јуридички, или правен, модел за да објаснат како Христос ја урна препреката на гревот која го одделуваше човекот од Бога.

Јуридичкото објаснување може да се искаже со следниве основни поими: По Падот, смртта беше казна за грев. Кога умре на Крстот, Христос ја прими за Себе таа казна, но бидејќи немаше грев, а оттука и не ја заслужуваше казната, казната беше укината за целото човештво, а човештвото беше ослободено од последиците на првобитниот престап.

Зборот „искупување“, секако, доаѓа од ова јуридички објаснување. Како што нагласува Владимир Лоски: „Самата идеја за искупување добива чисто правен аспект: тоа е отплата на робот, долг платен за оние кои останале во затвор затоа што не можеле да дадат отплата .” Со Неговата смрт, Христос го откупи човекот од ропството на гревот, и го искупи од вечните последици на гревот кои си ги навлече со Падот. Самиот Христос зборуваше за ова. Тој за Себе рече: Синот Човечки дојде... да ја даде душата Своја за откуп на мнозина (Мат. 20:28). Во Посланието до Евреите читаме: Христос е посредник на Новиот Завет, та по Неговата смрт, што стана за откуп на престапите од времето на првиот завет, призваните да го добијат ветеното вечно наследство (Евр. 9:15). А во Откровението: Ти беше заклан и со Својата крв нè откупи за Бога (Откр. 5:9).

Христос го исплати долгот за гревот кој самиот човек никогаш не би можел да го исплати. Апостолот Јован пишува во своето прво Послание: Он [Христос] е очистување за нашите гревови, и не само нашите, туку и гревовите на целиот свет (I Јован 2:2). А Апостолот Павле ни вели: Скапо сте купени (I Кор. 6:20, 7:23). Светиот Павле ни кажува и дека Христос место нас Го направи грев и поради нас стана клетва (II Кор. 5:21, Гал. 3:13). Тој беше сосема без грев, но заради нас ја понесе казната за гревот, за да ни биде простено и да се очистиме од гревот и да се ослободиме од неговата клетва. Св. Григориј Палама вели: „Бидејќи Христос ја положи Својата Крв, која беше безгрешна, а оттука и без вина, како откуп за нас, кои бевме подложни на казна заради нашите гревови, Тој нè искупи од нашата вина. Тој ни ги прости гревовите, ги искина списокот на истите на Крстот и нè избави од тиранијата на ѓаволот. ”

Заради Својата неизмерна љубов кон нас, Христос умре наместо нас, за да може да ни биде даден живот. Св. Павле вели: …та, по Божјата благодат, да вкуси смрт за сите (Евр. 2:9); а на друго место вели, Бог ја докажа љубовта Своја кон нас со тоа, што Христос умре за нас, уште додека бевме грешни (Рим. 5:8). Св. Атанасиј Велики го објаснува ова на следниов начин: “Земјаќи тело како нашето, бидејќи сите наши тела беа подложни на распаѓање и смрт, Тој Го предаде Своето тело на смрт наместо сите и му го принесе на Отецот. Ова Тој го стори од чиста љубов кон нас, за со Неговата смрт сите да умрат, а законот на смртта со тоа да биде укинат.17”

Заедно со јуридичкиот модел на објаснување за тоа како сме искупени со Христовата смрт, Светото Писмо и светите оци го користат моделот на жртвопринесувањето. Како што беше спомнати претходно, жртвите на Стариот Завет беа предобразба, „вид“ на едната вистинска Жртва која ќе биде принесена за целиот свет: Христос, кој беше жртвуван на Крстот. Во првото Послание на Св. Петар слушаме за Христос опишан како безгрешно жртвено јагне: [Вие сте искупени] со скапоцената крв на непорочното и чисто Јагне – Христос, Кој е предназначен уште пред создавањето на светот (I Петар 1:19–20). И во Посланието до Евреите читаме: А сега еднаш за секогаш, до крајот на вековите, се јави за да го премавне гревот, откако се принесе Сам Себе како жртва (Евр. 9:26).

Многумина од светите оци имаат пишувано на оваа тема за Христос како жртва. Ориген (кој не е свет отец), а по него Св. Григориј Ниски, предлагаа дека жртвата му е принесена на ѓаволот. Но, Св. Григориј Богослов, и сите оци по него, ја отфрлија оваа идеја. Тие често зборуваа за жртвата како принесена на Бог Отецот, а понекогаш и како пинесена на Светата Троица, Бидејќи Отецот, Синот и Светиот Дух се Еден Бог. Св.Симеон Нов Богослов пишува: “Бог, Кој е неспоредливо повисоко од видливото и невидливото создание, ја прифати човековата природа, која е повисоко од целото видливо создание, и му ја принесе како жртва на Својот Бог и Отец... Величајќи ја жртвата, Отецот не можеше да ја остави во рацете на смртта. Оттука, Тој ја поништи Својата казна. ”

Зошто Синот мораше да Му се принесе Себе као жртва на Отецот? Зошто Бог Му се принесе на Бога? Тука допираме до сржта на тајната на Искупувањето. Св. Григориј Богослов нè поттикнува да не се обидуваме да ја прилагодиме оваа тајна на човечката логика, да не ја врзуваме за човечките концепции недостојни за Бога. Тој вели: „ Отецот ја прифаќа жртвата не затоа што ја бараше или Му беше потребна туку заради икономија19” односно, за да се исполни Божјиот план за спасението во согласност со Божјиот поредок на тварта.

Св. Григориј Палама нешто повеќе го расветлува ова прашање. Тој вели дека Бог можел да најде други начини за избавување на човекот од гревот, смртноста и службата на ѓаволот. Но Тој го спаси човекот онака како што го спаси – дојде на земјата, умре и воскресна – затоа што ова беше според правда и праведност20. Како што вели Псалмопевецот: Господ е праведен, ја сака правдата... и дека нема неправда во Него (Пс.10[11]:7, 91[92]:15) Смртта беше праведната казна за гревот, а Христос ја плати казната. Но, бидејќи Тој беше безгрешен, Неговата смрт беше неправедна. Заради тоа, Тој праведно ја уништи смртта. Ова беше Божјата икономија, сосема во согласност со Неговата праведност.

Ѓаволот мислеше дека може да Го уништи Христа со тоа што ќе ги натера луѓето да го усмртат. Но Христовата смрт постана пропаст за ѓаволот, бидејќи, за разлика од секој друг кој живеел, Христос не заслужи смрт. Св. Јован Богослов ни дава жива слика која го истакнува ова учење: „Тоа е како на заседавање на судот, на ѓаволот да му се каже: ‘Допуштаме што ги уништуваше луѓето затоа што имаа вина за грев; но зошто го уништи Христа? Нели е очигледно дека ова го направи сосема неправедно? Е па тогаш, преку Него целиот свет ќе биде оправдан. ”

Христос нè спаси на начин кој не само што ја покажа Неговата правда и праведност, туку и Неговата љубов. Св. Исаак Сирин пишува: „Бог Господ го предаде Својот Син на смрт на крст заради Својата ревносна љубов кон созданието. Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син на смрт заради нас (cf. Јован 3:16). Ова не беше, меѓутоа, затоа што не можеше да нè искупи на друг начин, но за Неговата сеопфатна љубов, вака искажана, да може да ни биде учител. И со смртта на Неговиот единороден Син Тој нè направи блиски. А да имаше нешто поскапоцено ќе ни го дадеше за нашиот вид да биде Негов.

Последиците од Христовото искупително дело

Сега, увидувајќи како Христос нè искупи преку Својата смрт на Крст, да се свртиме кон спасителните плодови на Христовата смрт. Што значи за луѓето да биде откупена нивната вина, да им бидат простени гревовите? Тоа, според зборовите на Св. Јован Дамаскин, значи дека „патот назад кон првичното блаженство [т.е. пред Падот] е израмнет, а портите на Рајот се отворени“ . Преку Христовата смрт, може да ни биде простено и да се очистиме од гревовите за да го добиеме она, што поинаку и не би биле достојни да го добиеме: Благодатта на Светиот Дух во нас, како што ја имаше Адам пред Падот. И што е уште повеќе, може да одиме онаму каде што поинаку не би биле достојни да одиме: Рајот и небесата. Првиот кој го прими овој дар беше еден јасно недостоен, но кој, сепак, поверува во Христа и со тоа беше искупен преку Неговата смрт. Ова беше покајниот разбојник на Крстот, оној кому Христос му рече Денес ќе бидеш со Мене во Рајот (Лк. 23:43).

Спасителните плодови на Христовата смрт им постанаа достапни не само на оние кои живееја по Него, туку и на оние кои живееја пред Него; зашто во периодот на Неговото тридневно погребение, Иисус Христос го опустоши пеколот и ги воведе во Рајот праведниците кои лежеа во пеколот низ вековите. „Христовата смрт“, пишува Св. Симеон Нов Богослов, „беше жртва неопходна и за верните кои умреа пред Неговото воплотување ”.

Со Неговата смрт, Христос ја урна препреката на гревот. Но остана уште една препрека: самата смрт. Оваа Христос ја урна со Неговото Воскресение. И како што по Адама сите умираат, така и во Христа сите ќе оживеат; но секој по својот ред: прв е Христос; потоа, при Неговото доаѓање, ќе воскреснат сите што се Христови (I Кор. 15:22–23). Преку христовото Воскресение, целото човештво е подложно на идно воскресение: физичко, телесно воскресение. Оние кои ќе го примат христовиот дар на спасението се воскреснуваат за живот вечен, како што вели Тој; додека оние кои ќе го одбијат, се воскреснуваат во проклетство (cf. Јован 5:29). И повторно, ова е заради тоа што човечката природа е една. Св. Павле потврдува: Бидејќи смртта дојде преку човекот,така и воскресението од мртвите стана преку човек (I Кор. 15:21).

Христовата смрт и погребение никогаш не можат да се раздвојат од Неговото Воскресение. Неговото Воскресение беше неизбежна последица од Неговата смрт, бидејќи, како што се вели во Божествената Литургија на Св. Василиј, „ не беше можно за Творецот на Животот да биде жртва на распаѓање 24” Со Христовата смрт и Неговото Воскресение, сите последици од Падот се надминати: како духовната (загубата на Божјата благодат) така и физичката смрт. Она што го пееме во пасхалниот тропар буквално и го мислиме: Христос воскресна од мртвите, со смрт смртта ја победи“.

Само во Христос има вистински живот. Тој ни нуди вечен живот: пред сè вистински духовен живот преку примањето на Неговата живототворна Благодат да пребива во нас; потоа, вечен духовен живот во Неговото Небесно Царство; и конечно, вечен физички живот во нашите воскреснати тела.

Да ги погледнеме овие три по ред. Пред сè, што значи да се прими живототворната Благодат на Светиот Дух преку Христовата искупителна смрт? Св. Симеон одговара на ова со една извонредна изјава – дека тоа е како да се прима нова душа. Тој пишува: „ Душите на оние кои веруваат во Иисус Христос, Синот Божји, во Неговата голема и страшна Жртва [на Крстот] ги воскреснува Бог во овој живот; а знакот на ова воскресение е Благодатта на Светиот Дух која му ја дава на душата на секој Христијанин, како да му дава нова душа. ”

Во Евангелијата, особено во Евангелието по Св. Јован, Христос кажува неколку реченици кои откриваат како Неговите приврзаници би можеле да ја примат Благодатта на Светиот Дух преку Неговата смрт. Во храмот, Христос проповедаше: Кој верува во Мене,од неговата утроба... ќе потечат реки од жива вода. По наведувањето на овие христови зборови, Апостолот објаснува: А ова го рече за Духот, Кого што ќе Го примат оние, кои веруваат во Него; оти Светиот Дух уште не им беше даден, бидејќи Иисус уште не беше прославен (Јован 7:38–39).

Св. Јован Златоуст, во својот осврт на Евангелието објаснува понатаму. Кога Апостол Јован вели Иисус уште не беше прославен, мисли на тоа дека иисус уште не беше распнат. Христос се прослави во Својата жртва на Крстот, и преку ова тој го отвори човекот за примање на Светиот Дух во душата, во неговото внатрешно битие, така што Благодатта ќе истекува од него како реки со вода жива .

Подоцна, во Неговото последно обраќање на Своите ученици, пред Неговото страдание и смрт, Христос им вели: Јас ќе Го помолам Отецот и Он ќе ви даде друг Утешител, за да биде со вас довека Духот на вистината (Јован14:16).

Според Св. Јован Златоуст „Христос ова го рече за да укаже на времето на доаѓањето на Духот. Зашто ткако ќе ги очисти преку Својата жртва, тогаш Светиот Дух ќе слезе врз нив. Но зошто не дојде додека Иисус сè уште беше со нив? Затоа што жртвата сè уште не беше принесена [односно, Христос уште немаше умрено на Крстот]. Но кога подоцна, гревот беше уништен, а тие самите беа опасност и се подготвуваа за борба, беше неопходно Утешителот да дојде. ”

Нешто подоцна Христос, за да ги утеши пред Неговото распетие и погребение, им вели на Своите ученици: подобро е за вас Јас да си отидам, оти, ако не си отидам, Утешителот нема да дојде при вас; ако, пак, заминам, ќе ви Го пратам (Јован 16:7).

„Но зошто не дојде пред Христос да замине?“ реторично запрашува Св.Јован Златоуст „Затоа што не можеше да дојде бидејќи клетвата сèуште не беше тргната, гревот сè уште не беше простен, а сите луѓе сè уште подлежеа на казна за истиот. ‘Оттука,’ тој вели, ‘непријателството мора да биде уништено, а вие мора да се помирите со Бога, па тогаш ќе го примите дарот.’ ”

Кога Христос за прв пат се појави меѓу Апостолите по Неговата смрт и Воскресение, првото нешто што го направи беше да дувне во нив и да им рече: Примете Дух Свети (Јован 20:22). Сега Тој можеше ова да го рече и да го направи зашто веќе ги беше очистил преку Неговата Крсна Жртва; Тој ги ослободи од гревот. А тогаш, откако се издигна на небесата и ја седна нашата човечка природа од десната страна на Отецот, на Педесетница, Христос им Го испрати Светиот Дух на Апостолите, онака како што вети.

Од тоа време, оние кои се крштваат во Христовата Црква ја примаат Божјата Благодат во себе. Го примаме Христовиот Дух на искупување и вечен живот преку Неговата Црква, која е Негово Тело. Во Црквата Христос ги полага врз нас спасителните плодови на Неговата смрт и Воскресение. Св. Симеон Нов Богослов ова прекрасно го објаснува:

“Едно Лице од Света Троица, имено Синот и Словото Божјо, воплотувајќи се, Се понуди Себе Си во тело како жртва на Божественоста на Отецот, на Самиот Син и на Светиот Дух, за првиот Адамов престап благонаклоно да му биде простен заради ова големо и страшно дело, односно, заради жртвата Христова, и со цел преку нејзината сила да може да дојде до ново раѓање и повторно создавање на човекот во Светото Крштение, во кое сме очитени со вода помешана со Дух Свети. Од тоа време луѓето се крштеваат во вода, се потопуваат три пати, подобно на тридневното Господово погребение, а откако ќе умрат во истата за целиот лош свет, по третото потопување тие се веќе живи, како воскреснати од мртвите, односно, нивните души се оживеани и повторно ја примаат Благодатта на Светиот Дух, онаква каква што Адам ја имаше пред престапот. Потоа, тие се помазуваат со Свето Миро, а преку истото се помазуваат со Иисус Христос, и благоухаат на надприроден начин. Постанувајќи на овој начин достојни да бидат содружници Божји, тие го вкусуваат Неговото Тело и пијат од Неговата Крв, Света Причест, и преку осветениот леб и вино стануваат едно Тело и Крв со Бога Кој беше воплотен е Се принесе Себе Си на жртва. ”

Целта на Христијанскиот живот, вели Св. Серафим Сарофски, е да се добие Благодатта на Светиот Дух . Ние го примаме семето на Благодатта во себе при Крштението. А потоа, преку светотаинскиот живот во Црквата, преку живот во молитва и доблест, практикувајќи ги Христовите заповеди, треба да го обработуваме и одгледуваме ова семе на внатрешна крштелна Благодат, за да добиеме поголема мерка од Благодатта. Исполнувајќи се се повеќе со Божјата Благодат или Енергија, му стануваме сè поподобни на Христа. Тогаш, по нашата смрт. Христос ќе нè препознае за Свои и ќе нè прими во Неговото Царство.

На почетокот на овој говор споманв дека на Христијаните им е даден потенцијал за постигнување на состојба дури и повисока од онаа на Адам пред Падот. Преку Христовото воплотување, смрт и Воскресение, човекот не само што може да се врати на она што Адам го изгуби; сега тој може да го постигне и она што Адам требаше да го добие. Човекот може да биде исполнет со Божјата Енергија во толкава мера што ќе биде обожен по Благодат. Владимир Лоски пишува дека „Во рушењето на тиранијата на гревот [преку Неговото искупително дело], нашиот Спасител повторно ни го отвара патот на обожението, кој е конечната цел на човекот. ”

Св. Симеон Нов Богослов, кој ја искуси Благодатта на обожението зборува за ова како за учество во животот на Самиот Бог. „Он во мене се наоѓа“ пишува Св. Симеон, „блескајќи ми внате во скрушеново срце мое, отсекаде обзарувајќи ме со бесмртен болскот, па сите членови со зраци ми ги просјајува, и целиот ме обвива, целиот ме целива, та Он Сиот, на мене недостојниот Се дава, и се пресладувам со Негова љубов и красост, се ситам и со сладост и умилност Божествена. Во светлост земам удел, кон слава се приопштувам, и лице ми се зари како на Копнеаниот, та сите мои членој бидуваат светлоносни. ”

Она што Св. Симеон го опишува, чудесно како што е, е само предвкус на идниот живот на небесата којшто им е ветен на вистинските Христови следбеници. Ова е само почеток на едно напредување кое никогаш нема да престане. „Впрочем,” вели Св. Симеон, „ не ќе му има крај во веки на тој растеж зашто застојот на буежот крај на Бескрајниот би значел и дофат на исцело Недофатниот, заситеност од Тој од Кој ништо не се наситува. Но полнотата Негова и на светлоста слава ќе биде бездна на подемот и почеток без крај. ”

Освен тоа, славата што постои сега меѓу светиите и ангелите на небесата е само предвкус на славата што ќе се открие при Општото Воскресение, кога сите спасителни плодови на Христовото воплотување, смрт и Воскресение потполно ќе бидат откриени. Адам, ќе се сетиме, требаше да го подигне првосоздадениот свет поблиску до Бога, да го направи подуховен преку своето духовно издигање кон Бога. Адам не успеа да го исполни ова, па така Новиот Адам, нашиот Господ иисус Христос, дојде за да го испони. Неговото искупително дело беше веќе исполнето до Неговата смрт и Воскресение. Но, плодовите на тоа дело ќе се откријат со текот на времето. Како Христијани веќе имаме вкусено некои од тие плодови, но ќе ги познаеме во полнота по Општото Воскресение. Зашто преку Христовото Воскресение, не само што човекот ќе биде воскреснат во обновено, духовно тело: и целата твар ќе биде обновена и ќе стане духовна. Како што вели книгата на Откровението, ќе биде ново небо и нова земја (cf. Откр. 21:1).

Телото на воскреснатиот Христос беше неспоредливо подуховно од непропадливото тело Адамово пред Падот. Христовото воскреснато, духовно Тело беше како духовното тело коешто Адам требаше да го здобие преку издигнувањето кон Бога во Рајот. Слично, новото небо и новата земја ќе бидат неспоредливо подуховни од непропадливата твар пред Падот. Преку Христа, Новиот Адам, обновената твар ќе биде она што ќе беше била ако првиот Адам ја издигнеше кон Бога.

Во Посланието до Римјаните, Св. Павле пишува за идното време на обновената твар која ќе постане по Општото Воскресение:

Оти мислам дека страдањата на сегашното време не се ништо спрема славата, која ќе се јави во нас. А и тварите со нетрпение го очекуваат прославувањето на синовите Божји, [односно, нас] зашто и тие не í се покорија на суетата доброволно, туку по вољата на оној [Адам] кој ѝ ги покори [на суетата], а со надеж [односно, надеж на Општото Воскресение] дека и тие самите ќе се се ослободат од ропството на распаѓањето при славното ослободување на синовите Божји. Оти знаеме дека сите созданија заедно со нас воздивнуваат и тажат досега. И не само тие, туку и ние самите, кои го имаме почетокот на Духот, воздивнуваме во себеси, очекувајќи посиновување и откупување на нашето тело (Рим. 8:18–23).

Уште сега може да го искусиме искупението на нашите души. Но што точно ќе значи искупението на нашето тело – она искупение кое се овозможи преку Христовото Воскресение? За ова не можеме да најдеме подобро објаснување од зборовите на Св. Симеон, кој несомнено видел нешто од ова идно време во пророчко божествено видение. Св. Симеон пишува:

“Исто така треба да знаете што е слава и просветлена состојба на созданието во идниот век. Зашто кога ќе биде обновено, нема повторно да биде исто како што беше создадено во почетокот. Но, ќе биде онакво, според зборовите на божествениот Павле, какво што ќе биде и нашето тело. За нашето тело Апостолот вели: се сее тело душевно но воскреснува тело духовно (I Кор. 15:44) и непроменливо, какво што беше телото на нашиот Господ Иисус Христос, Вториот Адам, по Воскресението... Истото ќе се случи и со целото создание, според заповедта Божја, по Општото Воскресение, не онакво какво што беше создадено, материјално и чувствено, но ќе биде пресоздадено и ќе стане нематеријално и духовно живеалиште, надминувајќи го секое сетило, како што вели Апостолот за нас, сите нема да умреме, но сите ќе се измениме, одеднаш, во еден миг (I Кор. 15:51). Така целата твар, откако ќе изгори во Божествениот оган, ќе биде променета...

“Небото ќе стане неспоредливо поблескаво и посветло од она што ни се чини денес; ќе стане сосема ново. Замјата ќе прими нова, неискажлива убавина, облечена во разновидни, невенливи цвеќиња, светли и духовни... Целиот свет ќе биде посовршен од она што може збор да опише. Постанувајќи духовен и божествен, ќе биде соединет со ноетичкиот свет; ќе стане како умен Рај, небесен Иерусалим, неотуѓиво наследство на синовите Божји. Таква земја нема наследено ниеден човек; сите ние сме странци и туѓинци. Но кога земното ќе биде соединето со небесното, тогаш праведните ќе ја наследат веќе обновената земја, наследници на која се оние кротките, благословени од Господа. ”

Сето ова, славата на идното време, е овозможена преку Христовата смрт и Воскресение, бидејќи е Бог и човек, Кој веќе пребива во оваа слава, бидејќи на небесата во Своето прославено, воскреснато тело. Но има и друг кој веќе зема удел во славата што ќе дојде по пштото Воскресение. Ова е Пресветата Богородица. Во неа ги гледаме сите плодови на Христовото искупително дело, бидејќи не само што е обожена по душа, таа беше и воскресната од Христа во духовно тело како Неговото. Таа е веќе потполно прославена од Бога, со славата која светиите ќе ја познаат само по Општото Воскресение. Владимир Лоски пишува дека Богородица „е совршенството на Црквата веќе остварено во една личност сосема соединета со Бога, надвор од Воскресението и Судот... Како и нејзиниот Син, таа беше воскресната од мртвите и понесена на небесата – првата човечка ипостас во која се исполни конечната цел за која светот и беше создаден. ” Таа веќе постана она што првосоздадениот човек и жена требаше да станат . Таа е издигната повисоко од ангелите, и постана „почесна од Херувимите и неспоредливо пославна од Серафимите“. Таа е круна на созданието, заветот на славата на идното доба кое ќе се исполни преку Христовото искупително дело. Повторно Владимир Лоски пишува: „Во две совршени личности – Божествената личност Христова и човечката личност на Богородица – се содржи тајната на Црквата. ”

Ова, тогаш, е целината на она што Христос го постигна преку Своето воплотување, смрт и Воскресение. По зборовите на Св. Григориј Богослов: “Ни требаше воплотен Бог, Бог Кој ќе го усмртиме, за да може да живееме. Ние умревме заедно со Него за да може да бидеме очистени; станавме повторно со Него, зашто и умревме со Него; се прославивме со Него, зашто и станавме со Него. ”

Преку севкупноста на Христовото искупително дело, човекот е духовно соединет со Бога и обожен, а човековото тело и целата твар треба да се обноват како духовно и божествено живеалиште. Навистина, како што гледаме повторно и повторно во писанијата на оците: : “Бог постана човек за човекот да стане бог.”