Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija
Архимандрит Георгиј Капсанис
(игумен на манастирот на преподобен Григориј на Света Гора)

Доживувањето на тајната на Црквата како тајна на Божественото и човечкото, на вертикалната и хоризонталната во Христа заедница денес кај мнозина членови на Црквата е ослабнато. Ја сфаќаме Црквата не толку како Тело Христово и заедница на Светиот Дух, колку како “религија”, или како установа за задоволување на религиозните потреби на некои религиозни луѓе, или како националнополитичка организација која им служи на социолошките цели.

Последиците од таквото нехристолошко, неличносно и надворешно гледање се очигледни. Најнапред во богослужението не постои секогаш чувството за заедницата што Му служи на Бога, “на богослужбената заедница”, туку е присутно чувството на локалното собирање на индивидуи коишто одвоено Му служат на Бога. Тие изолирани и обично отсечени од Православното предание индивидуи претпочитаат музика (пеење) што ним им се допаѓа и во нашите храмови ја заменуваат преданиската и согласна со целиот дух и етос на Црквата византиска музика со западните романтичарски мелодии што ги пее еден хор одвоен од црковното собрание со една завеса. Во тие хорови возможно е да пеат и атеисти, или инославни, како што веќе се случува во некои православни Цркви. Од истите причини се претпочита европското сликарство на Ренесенсата коешто го изразува западниот човекоцентричен дух. За жал малкумина забележуваат колку сето тоа ги фалсификува црковниот живот и благочестието на христијаните и ги отсекува од телото на Црквата, бидејќи ги оттуѓуваат од нејзиното живоносно предание.

Но и Светите Тајни од мнозина се сфаќаат како дејствија или чинодејствија од приватен карактер и интерес, а не како еклисиолошки собитија. И самата par exellance Тајна на единството и заедницата, Тајната на Божествената Евхаристија, честопати се смета како средство за индивидуално усовршување и осветување, а не како Тајна на вотеловување во телото Христово, во коешто се осветувањето и спасението. Затоа и парохијаните не се поврзуваат како членови на едно тело и на едно семејство. Сочинуваат “маса” , а не заедница, збир на индивидуи, а не собор на личности во Христа. Како односите помеѓу верниците, така и односите помеѓу пастирите и верниците се неличносни.

Исто така секое сепаративно движење во крилото на Ерархијата, на епископите, или на парохиите и на манастирите ги спречува неосвестените христијани во Црквата да ја препознаат “заедницата на Светите” и да пристапат во неа. Единството на клириците и на лаиците е најубедителната проповед и најпродуктивниот мисионерски метод.

Луѓето од сите епохи имаат длабока потреба за примање на нивната личност во една заедница на љубов и на братство.

Таа потреба ја чувствува и во голема мера неисполнетиот современ човек поради неговото големо оттуѓување од Бога, од коешто следи неговото оттуѓување од ближниот. Бидејќи Бог отсуствува од животот на луѓето, отсуствува и соединувачкиот центар, а луѓето и покрај многуте средства за комуникација, дури и кога се доближуваат меѓу себе, остануваат суштински, дешевно неповрзани, како што се случува и во самиот брак. Оттуѓувањето се проширува поради новите услови на живот. Човекот во анонимното мноштво на големите градови или во механизираните и неличносни услови на работа, образование, релаксација, ја нема можноста да постои како личност, да ги сретне другите човечки личности, за да побара една вистинска заедница со нив. Во таквите околности претставува една бројка, паразит на една машина, потрошувач на потрошувачкото општество. И така немоќен да живее во заедница со Бога и со ближните човекот прибегнува кон сурогати, вештачки блаженства и рај, неодговорни телесни односи и сл. , што конечно му ја проширувааат не-заедницата и го прават невротичен и плашлив.

Така целата состојба на човекот претставува еден предизвик за Црквата, еден трагичен повик сличен со повикот на Македонецот: “премини во Македонија и помогни ни” (Дела 16,9).

Современиот човек, дури и кога не може тоа да го изрази, очекува од Црквата да го пројави надворешно она што е внатрешно, т.е. Богочовечката заедница. Поставеноста на пастирите наспроти своето паство, организацијата на епископиите и на парохиите, секој детал од животот на Црквата да ја открива нејзината вистина. Кога вистината на Црквата не се изразува со нејзиниот живот, Црквата нема да има доверба во светот. А вистината на Црквата којашто сите треба да ја живееме и потоа да ја проповедаме е тоа дека Воплотениот Логос Божји но прави членови на Неговото Тело и заедница на Светиот Дух.

Оваа вистина ја сведочи секој христијанин којшто е вкоренет преку верата во светото единство на Пресвета Троица во Црквата. Секојдневно се бори да напредува преку покајанието и постанува блескав знак за тоа единство во светот. Сиот негов живот постанува еден повик кон оние што доаѓаат во контакт со него да го остават расцепканиот и егоистичен живот и да учествуваат во “единството на верата и заедницата на Светиот Дух”.

Господ нека ни ја даде Својата благодат со смирение и славословие да го примиме дарот на Богочовечката заедница и единство во Црквата и да напредуваме во него “додека сите не стигнеме до единство во верата и познание на Синот Божји, до состојба на совршен маж, до мера на озраста од Христовата полнота” (Еф. 4,13).