Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

Ѓакон Андреј Курајев, професор на Московската Духовна Академија

„Митарствата на блажена Теодора“ (таква светителка не е позната), влегуваат во состав на „Житието на Василиј Новиот“ — текст со сомнително потекло и содржина. Тој не е догматски точен затоа што не остава место за Божјиот Суд. Спасителот рече дека „Отецот целиот суд Му Го предаде на Синот“, но во таа книшка целиот суд го вршат демоните. На Христа Му останува само да им врачи медали на победниците. Слично како што на победниците на шампионатите медали им врачува раководителот на спортската федерација, којшто самиот можеби навива за друга екипа, но принуден е така да постапи според протоколот.

Потеклото на тоа „Житие“ не е потполно црковно и морално чисто од причина што Григориј, авторот на „Житието“, во него го исмева светителот — константинополскиот Патријарх Николај V Мистик, којшто бил „вброен во ликовите на светите во грчката и римската црква. Во обете цркви празникот на Патријархот се слави на 15-ти Мај, на денот на неговата смрт“ (види: Попов Н. „Царот Лав VI Мудриот и неговото царување во црковно-историски контекст“, Москва, 1892, стр. 190). Во „Житието“, пак, „името на тој Патријарх злонамерно се изопачува во Агриколаос („селанец“) и Етилаос“ (исто, стр. 175).

Постои полезната книга на Ирина Грицевска „Индекс на вистински книги“. Излегува дека житието на Василиј Нови заедно со митарствата на Теодора, во Руските земји во XVI-XVII век ги сметале за апокрифи: „А за Василиј Нови, Андреј Јуродиви и Методиј Патарски и страникот, треба околу овие работи да се праша некој опитен зналец дали е вистина.“

Во XIX век свети Филарет Московски исто така предупредувал дека „Виденијата коишто имаат своја вистина, не секогаш е добро да се претвораат во општи догмати. Вие правите догмати за митарствата, а потоа ги наведувате изложувањата на светиот Макариј, којшто ни збор не кажува за митарствата. Оттука се раѓаат сложени прашања“ (Писма на московскиот Митрополит Филарет кон покојниот Архиепископ Тверскиј Алексиј, 1843-1867, Москва, 1883, стр. 62).

Слично и според зборовите на јеромонахот Серафим (Роуз): „И на децата им е јасно дека не треба буквално да се примаат описите на митарствата, иако самиоте описи не се „измислици“ ниту „басни“, туку лично раскажување на очевидците во за нив најдобрата достапна форма. Ако некому му се чинат буквални митарствата, тоа е така единствено поради тоа што не му се познати причините за таа секојдневна невидлива борба, која ја трпиме во овој свет. Тука исто така постојано нè очекуваат соблазни и обвинители, па само да задреме нашето духовно око и веднаш ги гледаме резултатите од демонските итроштини — гревовите коишто ги вршиме, и страстите на коишто им се подаваме. По смртта, пак, душата прегледува, ја гледа духовната стварност (обично по првпат) и оние, коишто непрестано ни додевале во животот“ (цитат според јеромонах Дамаскин (Христенсен), „Не од овој свет. Животот и учењето на јеромонах Серафим (Роуз) од Платина“, Москва, 1995 год, стр. 830; при тоа: преподобен Никодим Светогорец: „Оние коишто празнословат дека душите на мртвите праведници и грешници четириесет дни се наоѓаат на земјата и ги посетуваат оние места кадешто живееле“ сејат предрасуди и митови. Затоа што таквите тврдења „се неверојатни и никој не е должен да ги смета за вистина“ (цитат според Василијадис Н. „Таинството на смртта“, Тоице-Сергиева Лавра, 1998 год, стр 397)).

Во XIX век професорот-цензор на Московската Духовна Академија П. С. Казански се борел со слични текстови: „Често се издаваат приказни, полни со најнеобични чуда, со еден збор — духовни романи за митарствата, житијата на Андреј Јуродиви, Јован Новогородски и т. н. Сите тие состави во најголема мера се одраз на неписменоста. Колку само книшки мораше да бидат исправани или забранувани, затоа што беа насочени кон распространување на суеверни сфаќања помеѓу народот. Колку пати ми ги носеа житијата на Кипријан и Јустина, упорно барајќи недостатоци. Совеста не им беше мирна, иако изборот го вршеа од Четвороминеите. Дали клеветниците на духовната цензура знаат за таа неуморна служба на цензура на духовното образование на народот?“ (Преписка на проф. МДА П. С. Казански со А. Н. Бахметова. Писмо од 08.02.1868 Покрај Троица во Академијата 1814-1815, Москва, 1914, стр. 525).

Денес токму тие „духовни романи“ (дополнети дури со директни „интервјуа“ со демоните) ги наполнија црковните продавници.

Изворот на романот за митарствата се апокрифите, коишто претрпеле влијание од многубожечкиот херметизам. Токму во нив тоа сиже е логично. Душата кај гностиците и херметистите е над-космичка (Христијаните се сложуваат со тоа). Таа се создава некаде во светот на боговите, неподвижните ѕвезди. Потоа таа душа влегува во телото, но патем, таа ги пресекува орбитите на планетите. А планетите се богови. И во зависност од тоа колку е блиска таа планета, тој бог, до траекторијата на движење на таа душа, толку врз неа ќе биде силен неговиот печат и неговиот дар. Дарот на Венера, Меркур, Марс, Јупитер или Сатурн на таа душа. Тие космички печати кај гностиците и херметистите се сфаќаат како зло, страст, траума. На патот назад, кога човекот ќе умре, а душата се враќа во светот на вишите богови, таа е должна да ги расчисти сметките со планетарните богови и да го симне од себеси нивниот печат.

Но, ние на демоните и планетите ништо не сме им должни.

Забелешка: Во житието на Андреј Јуродивиот цариградски, напишано во Х век, има „интересен поредок на пророштва за идната судбина на империјата украсена со чисто народни надежи во подобри времиња, на еден вид златна ера пред последниот крај“ (Рудаков А. П. „Остатоци на византиската култура според податоците на грчката агиографија“, Санкт Петербург, 1997 год, стр. 219.