Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija


Архимандрит Георгиј Капсанис

„Блажени се чистите по срце, зашто тие ќе Го видат Бога“ (Мт. 5,8)

Пророкот Давид згреши со смртен грев. Меѓутоа се покаја, и со тага и солзи го измоли од Бога својот живот. Своето искрено покајание го забележа во педесетт иот псалм, псалмот на покајанието. Чувствувајќи дека го извалкал своето срце, молеше од Господа: „Срце чисто соѕидај во мене, Боже...“

Ова чисто срце го бара секоја побожна душа која го љуби Бога.

Светиот Бог нè створи за да имаме чисти срца. Кога згрешија првостворените, тие ја изгубија чистотата на срцето. Меѓутоа, тие копнееја за чисти срца, во коишто би можел да почива Духот Свет. Плачот на пророкот Давид за чисто срце беше крик кон Бога, на пред Христа, неискупениот човек.

На овој крик Небесниот Отец одговори со овоплотувањето на Единородниот Негов Син. Со своето искупително дело и особено со Својата пресвета Крв, човекољубецот Христос го чисти нашето срце од прародителскиот и од сите наши гревови, дарувајќи ни ново срце за да станеме нови луѓе. Во светото Крштение ни се дава пресоздавање на нашите срца, и со светите тајни и држењето на Христовите заповеди ја чуваме оваа света и нова состојба на нашите срца. Кога низ нашите лични гревови ја губиме чистотата на срцата, милосрдниот Господ ни дава можност повторно да ги исчистиме низ солзите на покајанието. Тајната на покајанието го сочинува второто Крштение.

Кога влегуваме во светата и голема Четириесетница ни се дава можноста со благодатта Божја да се бориме за очистување на срцата „од секаква нечистотија на телото и душата“ (Служба на Божественото причестување, Молитва прва).

Нашето срце се чисти тогаш: кога се бориме против нашите страсти; кога се отргнуваме не само од грешните дела, туку и од грешните помисли; кога го собираме нашиот ум призивајќи го најслаткото име на Господа Исуса Христа, и не му дозволуваме да го одвлечат световните работи и доживувања; кога се радуваме на Господовите добродетели кон луѓето, и кон нас лично; кога од нашето срце ќе ги отфрлиме чувствата на рамнодушност, непријателство, завист, злоба, злопамтење, одбивност кон нашите браќа, и кога негуваме чувства на љубов, наклонетост, братољубие, разбирање, снисходливост и прифаќање на нашите браќа како поголеми од нас во добродетелите; кога со смирение сме им послушни на нашите старци или духовници, не само од страв или нужда, туку „заради совеста“ и љубовта Христова; кога бараме прошка од нашите браќа, кои на некаков начин сме ги осудиле; кога ги надминуваме себичноста, користољубието, самооправдувањето, жртвувајќи се за браќата; кога се бориме против грубоста на срцето и сакаме да соѕидаме срце милостиво, зашто според светиот Исак Сирин: „Горештото срце е над целата твар“ (Слово 81).

Не само кога не ги осудуваме, не ги озборуваме, не ги клеветиме нашите браќа, туку и кога ги оправдуваме, покриваме, умилостивуваме, природно, без да учествуваме во нивните можни падови. Кога сострадуваме со страдалните, и се радуваме со оние коишто се радуваат.

Постојат и многу други „кога“ за исполнување на нашата борба за чисто срце, како што ни кажуваат речта Божја и Светите Отци.

Борбата не е лесна. Нивата на нашето срце е необработена. Треба да пролееме крв во борбата. „Да дадеме крв за да примиме Дух“.

Ова, меѓутоа, е главното дело за нас како Христијани и монаси, ако сакаме да Го видиме Бога, да Го израдуваме, да Го имаме како единствен Господ вселен во нашето срце, та да почиваме заедно со Него.

Со претстоечката света и Голема Четириесетница ни се дава уште една можност да ја започнеме оваа света борба. Ајде да не ја губиме оваа прилика.

Со татковски молитви за благословена, војувачка, мирна и плодоносна голема Четириесетница.