Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

свети Нектариј Егински

Зборот „Црква“ (грч. Εκκλησία) означува призив. Таа означува собрание на луѓе призвани со одредена цел, а истовремено и местото на коешто тие се собираат. Таа истовремено е и содржител и содржина.

* * *

Светиот Дух кој слегол на Црквата обилно ѝ ги дава сите харизми (благодатни дарови). Таа го добила правото да врзува и разврзува гревови, да го проповеда Евангелието, да го призива народот на спасение. Таа ја добила моќта морално да ги препородува паднатите, од нив да направи образ Божји и да ги обдари со образ и подобие. Таа го добила правото да ги помирува со Бога, да ги направи причесници на благодатта Божја, да ги соедини со Спасителот, да го дарува Духот Свети на сите кои ѝ притекнуваат и да ги направи синови Божји. Таа ја добила моќта да ги победува сите свои противници и да остане засекогаш недостапна за нив, да ги руши своите непријатели и засекогаш да остане неранлива.

* * *

Според зборовите на светиот Јован Златоуст, „кога ја поразуваат, таа останува победник, кога е понижена, станува уште полачезарна. Ја рануваат, но таа не бива победена; ја поткопуваат, но таа не тоне на дното; ја заземаат на јуриш, но таа не бива разорена. Таа не е пасивна, напротив, таа е борбена и никогаш не бива победена“.

* * *

Црквата на Спасителот е навистина Царството небесно на земјата. Во неа царуваат љубовта, радоста, мирот. Во неа пребива верата во Бога. Преку верското чувство и внатрешното срдечно знаење, доаѓаме до познавањето на Бога, до познавањето на скриените тајни, до познавањето на откриената Вистина. Во неа очекувањата задобиваат надеж и убедување; во неа се остварува спасението; во неа се простира Светиот Дух и обилно Ги излева плодовите на Својата божествена благодат. Во неа се расцутува божествената ревност по Бога, совршената љубов и посветеноста на Бога, исто како и непрестаната желба за бесконечно соединување со Бога.

* * *

Црквата е очекување, прибежиште и утеха на сите кои веруваат во Христа. Божествениот Златоуст вели: „Црквата којашто Бог ја востанови на земјата е исто што и пристаниште во океанот. Оттргнувајќи се од животната суета, во неа наоѓаме прибежиште и се утешуваме со мирот. Не одделечувај се од Црквата, затоа што не постои ништо посилно од неа. Таа е поцврста од карпа, повисока од небото, и попространа од земјата. Таа никогаш не старее, туку, напротив, бесконечно цути. Зошто е во Писмото наречена планина? Заради својата непоколебливост. Зошто се нарекува карпа? Заради својата непропадливост. Низ неа, преку божественото трогнување, како што е на пример, слушањето на Светото писмо, се припитомени сите диви ѕверови, таа го проникува слухот на секој човек, продира во душата и ги успива страстите кои таму се распламтеле.

* * *

Според зборовите на светиот Игнатиј, вистинската Црква е само една: „Христос Е еден и не постои ништо поскапоцено од Него. Дојдете, во Црквата, која е едниствен Храм Божји, единствен престол на Единиот Господ Исуса Христа, родениот од Единиот Отец...“

* * *

Апостолот Павел го одредува делото на Црквата со следните зборови: „Он постави едни за апостоли, други за пророци, трети за евангелисти, четврти за пастири и учители, за усовршување на светиите во делото на служењето, за изградување на Христовото тело, додека сите не стигнеме до единство во верата и познавање на Синот Божји“ (Еф. 4. 11-13).

На тој начин, Црквата која ја создаде Христос Спасителот поседува совршена организација. Таа е органско тело чија глава е Христос, патеводител — Духот Свети, Кој ја поучува и ѝ ги пренесува даровите Божји.

* * *

Согласно со православното уче-ње, постои само една Црква, видливата Христова Црква. Во неа се препораѓа човекот којшто дошол од место на гревот и во неа ќе остане независно од тоа дали е грешник или светец. Бивајќи членови на Црквата, грешниците неможат да ги заразат нејзините останат делови, затоа што тие се природни и слободни битија кои, значи, не се лишени од слободата, како што е случај со телата на животните, кадешто болеста од еден се пренесува и на сите останати.

* * *

Грешат протестантите кои веруваат во некаква невидлива Црква која се состои од избраници коишто Му се единствено на Бога познати. Невидлива Црква неможе да постои. Доколку луѓето не се непорочни и доколку нема безгрешен човек, каде ќе пронајдете избраници? Невидливата Црква на избраните би страдала од постојани промени, поради вечната замена на своите членови, поради човековата склоност да отстапува и паѓа, од една страна, а од друга страна, заради Божјата сомилост, и заради неговата љубов кон човекот, затоа што Бог ги прима сите коишто му се враќаат.

* * *

Ако постои Една, Света, Соборна и Апостолска Црква, тогаш тоа е Црквата на светиите. Зошто тогаш би била неопходна невидлива Црква на избраните? И кои се тие избраници? Кој може да ги нарече свети оние коишто сеуште не излегле од арената како победници и коишто сеуште не се овенчани со слава? Кого можеме да го наречеме блажен, пред крајот на неговиот живот?

Оние што не се препородени со благодатта Божја којашто дејствува во Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква не сочинуваат никаква Црква, ниту видлива, ниту невидлива.

* * *

На кој начин оние коишто никогаш не се собирале, можат да претставуваат собор?

Кој им го потврдил нивниот препород, нивната светост, нивното помирување и заедница со Бога? Кој им докажал дека во нив дејствува благодатта Христова? Кој им посведочил за слегувањето на Светиот Дух, за преизобилието на Божјите дарови и божествените харизми?

Сето тоа со сигурност и авторитетно се дава само во Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква. Оној којшто во неа се препородил, добива потполно уверување во својата заедница со Бога.

* * *

Единствено авторитетот на Црквата го чува чисто и неосквернето апостолското наследство. Само преку тој авторитет се предаваат чисти и неосквернети вистините на апостолската проповед. Без авторитетот на Црквата, содржината на верата би можела да биде изложена на искривувања, додека апостолската проповед би се претворила во клевета. Без видливата, од Бога создадена Црква, неможе да постои врска помеѓу членовите на било каква заедница, која во тој случај не би била Тело Христово, затоа што Телото Христово — тоа е Неговата Црква, чијашто глава Е Тој. Без Црквата никој неможе да се соедини со Телото Христово, никој неможе да стане дел од Телото Христово ако не се препороди и ако не постане причастник на благодатите коишто пребиваат во Црквата.

* * *

Оние што милуваат да се нарекуваат членови на невидлива заедница на светите од целата земја кои Му се познати единствено на Бога, оние што веруваат дека со посредство на чисто теоретска вера во Спасителот стануваат причастници на Светиот Дух, оние што мислат дека Спасителот го извршува нивното спасение без посредувањето на Црквата којашто Тој ја создал, живеат во заблуда, затоа што „extra ecclesiam nulla salus“ (надвор од Црквата нема спасение). Надвор од Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква, нема никакво спасение.

* * *

Протестантите, коишто ја напуштиле видливата Црква Христова и створиле сопствена заедница на свети, грешат против темелниот карактер на Црквата. Тие сметаат дека верата е самодоволна за спасение. Делото на искупувањето го толкуваат како богословска теорија способна да го спаси оној што ја изучува или прифаќа. Делото на искупувањето, меѓутоа, не е само богословска теорија. Тоа е таинствен чин, којшто се извршува во видливата Црква Христова. Тоа е токму она дело коешто носи спасение и коешто верните ги прави причастници на Духот Свети.

Вон Црквата не постои никаква теорија на верата и никаква зедница која би водела во општење со Бога. Спасителот рекол: „Кој поверува и се крсти, ќе биде спасен.“ Токму Господ го подигна видливиот олтар на Црквата. Тој заради тоа паралелно со теоријата бара и дела, согласни со онаа вистина којашто Он ѝ ја предал на Својата света Црква, единствениот пристап кон животот, чијашто глава Е Самиот Христос. На неа и ние мора да ѝ се потчиниме, во неа мораме да се учиме на Вистината и да здобиваме спасение. Единствено таа е столб и тврдина на Вистината затоа што Духот Утешител вечно пребива во неа.

Преподобниот Доситеј во однос на Црквата вели: „Ние мораме непоколебливо да веруваме во Писмото, но само онака, како што е во согласност со учењето на Соборната Црква.“ Еретиците, секако, го прифаќаат Светото Писмо, но го искривуваат со метафори, хомонимии и софизми на човечкото умување кои го заплеткуваат незаплетканото и го надмудруваат она што неможе да се надмудри. Ако секојдневно би морале да ги прифаќаме мислењата и на овие и на оние, Соборната Црква не би била она што е по благодатта Христова, не би опстанала до денешниот миг и не би ја сочувала неизменета единствената точка на гледиште која се однесува на верата и верните. Во таков случај, таа би била разорена со мноштво на ереси и повеќе не би била Света Црква, столб и тврдина на Вистината, неосквернета и чиста. Таа би станала Црква на лукавите, Црква на еретиците коишто, откако во неа би се формирале, подоцна би ја отфрлиле без никаква грижа на совеста.

Ние заради тоа веруваме дека сведоштвото на Соборната Црква не заостанува зад авторитетот на Светото Писмо. И Црквата и Писмото се дело на еден ист Дух. Човек којшто говори од самиот себе може да биде во заблуда, може да се залажува и да греши. Соборната Црква никогаш не говори сама од себе, затоа што говори со Духот Божји, Учителот којшто вечно ја обогатува. Таа неможе ниту да греши, ниту да се мами, ниту да биде во заблуда. Таа е еднаква со Светото Писмо и поседува непроменлив и постојан авторитет.“