Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

Владико, нас нè интересира прашањето за читањето на тропарот на 3-от час на Божествената литургија за време на Евхарисискиот канон .Ние знаеме, дека во различни Цркви се внела различна пракса. Се чита ли тропарот на 3-от час за време на Божествената Λитургија во Српската Црква?

Тропарот на 3-от час постои во Српската Црква. Јас во својата епархија, додека бев актуелен Eпископ не сум го читал, а што прави сега новиот Епископ, не знам. Јас не го читам. Тоа присвојување било направено во 16 век. Понекогаш и го читам, кога и другите Eпископи го читаат, но суштината не е во тоа. Во основа го читам како дел од молитва, ако може така да се каже. Допуштам, за време на кадењето на Великиот Вход на херувимската песна да се чита и 50-иот псалм, но тоа не е никаде напишано, едноставно е воведена таква практика. Или тројното читање: „Боже, биди милостив кон мене грешниот!”. Тоа во службеникот исто така го нема. Сум слушал од отец Георгиј Флоровски, отец Александар Шмеман, дека тие по осветувањето на даровите во себе изговарале: „Чувај нè, еј Господи Исусе, маран-ата!”тоа е од ранохристијанската литургија, земено од Апостол Павле, на крајот од првото послание до Коринтјаните (16,22). Или како што знаете, отец Јован Кронштадски ги присоединувал и своите молитви за време на Литургијата.

Но, во овој миг, за да нема безредие, добро е да се има соборно решение околу ова прашање. Лошо е, што кон тоа се придржуваат само словените. За ова нас нè праша и хиландарскиот игумен отец Никанор. Светогорците се многу строги на сметка на редот, па штом видат дека во српскиот или рускиот манастир се чита молитвата на 3-от час, веднаш на тоа негодуваат. Тие прашуваат: „зар вие не ја знаете историјата на сето тоа?”. Отец Кипријан (Керн) јасно напиша дека тоа е воведено како одговор на бришењето на епиклезата во Римската Црква.

Сметам, дека не правам грешка во тој однос. Не сум своеволен, но таквите работи се совршено очигледни. Кога бев актуелен Епископ, видов дека повеќето од моите свештеници го читаат, а јас не им замерував. Остави нека читаат, бидејќи привикнале. Јас бев сведок кога нашиот патријарх Павле го праша Свјатејшиот Алексеј, а тој одговори: „не”, и нашиот Патријарх го испочитува тоа.

Каков став имате кон катехизацијата пред крштението? Како стојат работите со катехизацијата во Српската Црква?

Во Српската Црква, за жал, во тој однос постои свет хаос. Кај нас малку катехизираат, и тоа е лошо. Сега е тешко возможно да се воспостави целиот тој поредок на катихумените: на оние што се каат, што пристапуваат и така натаму. Постоела, се разбира, подобра дисциплина. Разбирлива е и желбата повторно да се воспостави, но тоа едвај да е возможно.

Најважно е - да се привлече човекот да влезе во животот на Црквата и потоа да си ја продолжи својата катехизација, која во одредени случаи не завршува со крштението. За тоа јасно се зборува кај Св.Кирил Ерусалимски.

Во Атина служев во руска црква. На почетокот доаѓаа млади луѓе. Малкумина од нив беа Руси, а повеќето беа Грци. И еве еден голем проблем: што да му кажете на младиот човек? –„Не оди во кино, не оди во театар, не оди никаде”. За тоа јас не зборувам така, но се обидувам да постапам така што во младиот човек ќе возникне жед за христијански живот, а потоа Господ Сам ќе му го покаже подвигот што треба да го направи. Ако само седи пред телевизор и само зрка во него, тогаш во таа состојба не е способен да се моли. Сакаш да се молиш - исклучи го телевизорот. А ако ти речам: „не гледај телевизија, не гледај недолични филмови”, ништо добро не сум подучил со тоа. Неопходно е катехизацијата да се изврши така, што човекот сериозно ќе заживее црковен живот, а потоа и да продолжи со таквиот живот.

Од една страна, лесното и брзо крштевање е опасно. Но сепак, подобро е да се постапува по примерот на светите отци, кои говореле дека е подобро да го крстите некого отколку да го пуштите кај сарацените или кај било кои антихристијани. Подобро е да го крстите, затоа што времињата се такви - може да умре, може да загине. Нашиот живот секогаш е во рацете Божји, да речеме, еве во Грција од несреќни случаи гинат голем број луѓе. Со ова не мислам само на сообраќајни незгоди, ами и на други случаи. Секако, од ова не следува дека крштението треба по малку да се запоставува, но дека мора да се оди по тесниот пат, по мудриот, царскиот пат. Оти во нас има склоност да се влегува де во една, де во друга крајност. Треба и едното да се прави, но и другото да не се остава.

Особено е важно да се биде прониклив во односот со секој човек, да се разбере состојбата на неговата душа, неговото расположение, и со помош Божја да му се помогне. Формализмот е многу опасен. Се случувало некои од западните христијани кои се крстиле и станале православни, согледувајќи ја ситуацијата во Црквата, да си заминат. Тоа се случува и од ѓаволски подстрек, но и од недостаток на наш труд и пастирска грижа.

Се разбира кај нас преовладуваат случаите (а судејќи по се, и кај вас исто така), кога на брза рака ги крштеваме луѓето, без предходна катехизација и подготовки и без понатамошни усилби од наша страна.

Во пастирската работа треба вистински да се сораспнеме со Христа (Гал.2,19) .

Кај Србите, според мене, работата е полоша. Има проблеми со свештениците кои запаѓаат во рутина, во инерција, како што Господ кажа, работат како наемникот (Јн.10, 12-13). Кај Русите, најверојатно, тој проблем не е толку остар. Понекогаш свештениците служат само за да го одржат своето семејство. Велат: „имам семејство, аман покачете ми ја платата повеќе, поради тоа што син ми треба да се школува”. Ако вака поставува прашање, тогаш излегува дека за него служењето на Црквата претставува средство за добивање на пари, за издржување на семејството. И ова го има!

Воопшто, лесно крштеваме, и излегува како да луѓето пресно влезени во Црквата се здобиле со привилегии, а христијаните кои го носеле својот крст во времето на комунизмот понекогаш дури и ги обвинуваат неофитите. Посебно прашање ќе биде со нас. Ова е и нивна слабост - како на постариот син кога се враќа блудниот син. Така што постои и таква страна на проблемот.

Владико Вие сте учеле и сте предавале на богословските факултети во разни земји. Каде мислите дека нивото на предавање и богословска наука е повисоко?

Учев во Србија, Грција, на островот Халки бев само 5 месеци. Таму имаше проблеми, Турците се спремаа да го затворат Халки, така што во однос на Халки тешко дека можам да кажам нешто. Образованието во Константинопол беше по примерот на руските академии, некоја истакната богословија немаше. Во Грција, школите се државни но има добри богословии. Вистина има и соперништво меѓу богословите. Но, сепак животот е динамичен и има богословие, но не секогаш академско, подоброто понекогаш дури не е во училиштата. Таму сега има голем богословски подем што си има и свои тешкотии и опасности. На Света Гора има млади и учени луѓе, во Филотеј, Симонопетра, Григоријат, Ватопед, Ивирон. Има богослови и во други манастири, некои пишуваат некои само почнуваат со пишување. Воопшто развојот се шири насекаде. Разговарав со Митрополитот Јован Пергамски (Зизиулас) и ми кажа дека во Русија има такви млади богослови кои за 10 години ќе не надминат. Поминаа тие 10 години а јас сеуште невидов што би го надминало конкретно него. Тој е многу добар богослов, длабок, динамичен. Добро ги знае делата на светите отци, но цело време бара дијалог со современата мисија. Поради тоа е тој добар философ, добар ученик на Флоровски и имам доверба во него дури и кога не се согласуваме. Се разбира, такви богослови се потребни. Тој е длабок човек. Во патристиката, веднаш ќе кажам, дека се издигнал над о. Георгиј Флоровски. Вака тој велеше: „Никогаш не треба да се вели дека постои насока која го води некого, затоа што тоа е секогаш откровение на Светиот Дух.”

Има богослови да речеме во Франција. Како на пример французинот Жан Клод Ларше, кој за една-две години ќе биде свештеник. Тој е во Српската Црква. Има објавено добри книги. Владиката Калистос е исто длабок богослов.

Во Америка после о. Георгиј Флоровски, о.Александар Шмеман, Јован Меиндорф, богословието малку ослабна. Малку ги има. Свето-Сергеевиот институт исто малку ослабе, но што да се прави? Како што вели о.Георгиј Флоровски во историјата на Црквата има и процути и падови. Има православни кои мислат дека ете ќе дојде ера на православието, дека Света Софија ќе биде наша, и.т.н. Тешко дека тоа ќе се случи, тоа е малку утопистички став но тоа не значи дека треба да престанеме да работиме.

Во Руската Црква гледам подем и затоа меѓу другите дојдов и јас, не само заради вашата љубов, но малку и да видам и да почувствувам.

Има жив живот во Руската Црква. Нека е тоа и внатрешно, но тука таков живот има секогаш. Но има и наследени и нови проблеми. Ѓаволот сепак не мирува.

За богословското образование еве што ќе ви речам. Каде е подобро? Секаде. Грција и Русија го држат првото место. Србите нешто прават, се разбира додека е тука владиката Амфилохиј. Има и младина, но ќе видиме.

Многу е важно да се вратиме на традицијата на светите отци.

Вас ви е многу полесно, имате многу светоотечки трудови преведени на руски, и можете да ги читате на руски. Србите тоа го немаат. Јас почнав да ги читам светите отци на руски. Тогаш кај нас се преведуваше многу малку, сега преводите се зголемија, а работата продолжува. Без наследното знаење на светите отци едвај ли да е можно возраѓањето на боголсовието. Но, и покрај тоа не треба да се ограничуваме само на читање. Богослов не значи схоластичар кој прочитал многу. Нас ни е неопходен животот и благодатта Божја. Свети Григориј Палама отпрвин тешко учел. Тој се молел на Богородица: „просвети го мојот мрак”, и го добил бараното, станал голем богослов. Дај Боже и вас да ви се учи, но секогаш со живот. Како што велел митрополитот Филарет: „животот постојано сведочи”. Така што Бог ќе даде по мера на срцето, по смирението, по трудот, по борбата, по подвигот. Тоа не бидува веднаш, не треба се да се добие, или брзо да се постигне. Треба да се поминат школите, академиите. Треба да се положат испитите, да се освои програмата. Но неопходно е и самообразованието. Човековиот живот е таков што треба да се биде претпазллив, трудољубив и треба да се подвизува. Ништо не се дава така џабе, и слава Богу што е така. Како што велеле светите отци, Бог не прима повеќе наивни Адами во рајот. Мора да се помине големиот пат на подвигот. Но не заборавајте драги мои дека богословието е неопходно. Не апстракното, демек некој многу читал и станал мудрец. Свети Максим за богословието вели: „Бог му рече на Адама обработувај ја земјата и храни се со лебот од таа земја. Тоа е нашето битие, душата и телото. Ете тоа е нашата земја. Работи на себе си, обработувај се, за да го јадеш лебот на богословието".

Владико кој е ставот на Православната Црква кон војната? Како соодветствува учествувањето во воените дејствија со заповедта не убивај?

Знаете, историјта не е праволиниска. Нашиот православен опит е во тоа што мораме да се бориме. Нас не обвинуваа, Србската Црква и мене лично: „Дека ете вие зборувате лошо". Дури и пред Патријархот изругав некои белградски интелектуалци. Патријархот ги собираше, тие доаѓаа, често имаше заседанија на ерархијата и беше тешко. Им предлагав вака: „Дојдете браќа во мојата епархија и таму ќе разговараме”! Еден мој пријател, белградски писател ми вели вака: „Како можете да го одобрувате тоа што се случува? Разрушуваат џамии, ловат муслимани”. Имавме многу клевети и многу зла. Ние не го криеме тоа. Му одговорив вака: „Дојди брате со мене и ќе разговараме таму, а не овде. Јас не сум твој епископ, и ти нема да ми читаш лекции!”. И тој замолчи.

Доколку за време на војната не бев во расо, не бев свештеник, владика, јас ќе земев оружје и ќе се борев. Некој друг би заминал в планина да се моли, или нешто слично, а јас така би сторил. И би оставил на Судот Божји да бидам ако треба последен пустиник и молитвеник.

Невозможно е тоа да се определи. За време на страдањето од Турците, што се не претрпевме? Во Србија имаше 30 востаниија и никогаш не нè оставаа да се ослободиме, и сега не даваат и цело време ни ја наметнуваат својата воља. Ние не сме должни да војуваме, а тие можат да ја завршат војната? Американците можат? Ете сега тие господа од Хаг прават сè што ќе им речат Американците. Убиваат цивили и Американците велат: „тоа е нормално”.

Тоа е војна. Кога ќе земеш калашников првата жртва на калашниковот ќе бидеш самиот ти. Ти веќе нема да можеш да останеш нормален. Треба да си искрен и на вистината да и гледаш в очи.

Јас ја видов војната, исповедав луѓе кои го бранеа својот народ.

Се сеќавате на „Три разговори” од Соловјов? Прочитајте ги, тоа е нешто најдобро што го напишал? Многу глупости има кај него „Римската империја и папата”, „Вселенската Црква“ и.т.н. Но, три разговори е подобро. Прочитајте ги.

Толстој велел: „не се противи на злото“. Но, тоа го велел од суета. Сега нема да излагам теории. На никој не треба да му се дава рецепт освен оној што ќе ви го препише лекарот. Но ќе ви речам една друга работа, и на тие во Женева им ја говорев. Тие прашуваа: „Како велиш дека србскиот народ е Божји народ? Велиш оти е Божји, а води војна!” А, Израилот што направил? Бил Божји народ па војувал. Мојот народ е Божји. Да, грешен е, но Бог нема друг народ на таа територија освен тој кој јас го имам и тоа е Божји народ. Бог за да го спаси таквиот народ и дојде. Знаете ли вие колку лицемерие има во тој Фишер од Швајцарија?* (станува збор за Жан Фишер кој ја вршел должноста главен секретар на Конференцијата за европски цркви)*. Тие пратија помош од 2000 мали пакети и цело време следеа кому ќе ги поделам. Јас им делев на сите, и на муслимани и на Хрвати, но тие беа малку, веќе беа заминати!

Како е можно да не се борите со злото? Да не се борите против злото не е христијански, не е човечки, тоа го тврдам. Може тоа да не го примате но јас така мислам.

Еве, ајде Соловјов во „Три разговори”: офицерот го испоубил башибозукот кој го запалил ерменското село. Тој вели: „Првата вечер заспав со мирна совест”. Да речеме дека силуваат девојка, а таткото го гледа тоа. Доколку потоа тој убие, јас не би му судел. Нека Бог пресуди. Тој ќе суди.

Нашиот Патријарх Павле вели дека има и праведна војна. Архангел Михаил ја добил војната со ѓаволот и го исфрлил од небото и сакал уште да го гони, но Бог му рекол: …почекај…. Знаете колку било тешко да се запре Архангел Михаил? Еве велиме дека светите Борис и Глеб биле чудо на мачеништвото и трпението. Но, не сите биле како Борис и Глеб.

За време на војната јас не сакав смрт, но и не бегав од неа. Некој од Белград рекол дека никој од нас свештениците не бил убиен. Не е точно! Беа убиени, а двајца и прилично мачени.

Сепак не треба да се поддаваме кон избрзани оценки. Србите ги ругаа, и што направија сега со Србите? Кој може да му каже на овој или на оној народ:не се заштитувај? Ние сме сите против војна, но каква војна? Јас не ја штитам војната но не е во ред работите да се поставуваат така: не се противете на злото. Тогаш одете кај Толстој. И по човечки јас не го примам Толстој. Да речеме дека во еден автобус влегуваат двајца и почнуваат да тепаат, што ќе речам? „Немојте браќа, аман не се противете”. Веднаш ќе речам: ”Станете и врзете ги!”. Тоа би го рекол дури и како Епископ. Зошто пак се должни 30 или 50 луѓе да го трпат некој кој ги тероризира?

Владико во нашата црква се забележува негодување за тоа што во некои земји го викаат социјален број, а кај нас имаме матични броеви, даночни броеви и слично. Знаеме дека и во Грција имало слични проблеми.

Разговарав со грчките специјалисти. Во тие броеви нема никакви тајни и никакви демонштини. Така може да дојдеме до тоа да ја исфрлиме целата техника, сите компјутери, и да отфрллиме сè останато. Во Грција проблемот бил врзан со тоа дали во пасошите и личните карти би можела да биде впишувана припадност кон Православието како религија.

А Црквата поднела барање за во пасошите да пишува „православен". Собрала дури и 3 милиони потписи за во пасошите да пишува православен, но државата тоа го игнорирала. А тоа е дури половина од населението коешто има право на глас! Имало луѓе на кои дури им се плаќало за да се покаже дека Грците не се православни. Таа историја сеуште не е минато. Личните броеви - тоа е нешто сосема друго.

Ние сме должни да ја заштитуваме суштинската слобода на луѓето, и внатрешната и надворешната. И се разбира треба да се гарантира личниот живот на човекот. Не треба се да се изнесува по плоштади, не треба да се мешаме во семејниот живот како што правела ЦК, а најверојатно во Америка тоа го прави ЦИА, да се вмешуваат во приватниоот живот на луѓето. Тоа е како ние христијаните да си ги изнесуваме нашите гревови еден на друг, и да ги изнесуваме во општи дискусии. Во Европа постои таква теденција, и општо во стариот човек постои тоа. Неопходно е Црквата колку што може да се бори со тоа.

Мислам дека ако реално гледаме на работите, тогаш Црквата едвај ли да ќе може да ги избегне обврзувачките норми и правила за сеопштата регистрација. Тоа не е наша работа. Во Грција има и такви, малкумина зилоти кои зборуваат дека бројот на антихристот 666 на секој ќе му биде всаден и ние ќе го носиме бројот на антихристот на нас. Но, јас мислам дека сето тоа е ветер и магла. Зарем со таква површност ѓаволот ќе нè заведе, со компјутери и со нумерација? Тоа е малку примитивно. Но, ние можеме да изгубиме повеќе, да ги изгубиме чувствата, тој може подлабоко да дејствува. Еве да речеме дека сите го одобруваат тоа што Буш му го прави на Бин Ладен, а Буш не води кон таа површна противречност: „или со Америка или со Бин Ладен”. А јас не сум ни за едниот ни за другиот. Оставете ме, не ми е ни до вас ни до Бин Ладен. Велат: „Значи вие сте за тероризмот…”? Јас не сум за тероризмот. Зартем во Авганистан се еднствените терористи сега? Колку луѓе гинат и страдаат од американските бомби! Бедниот народ страда. Во Ирак страда ирачкиот народ, но, на Американците не им е дојдено до народот.

Треба да се биде претпазлив, треба да се биде внимателен, но треба и отворено да се гледа на животот, кон се треба да се однесувме реалистично. Ако од утре почнат да ме контролираат нема на пример да можам да појдам во Шведска или во некоја друга земја. Можат и да воведат меѓународен полициски систем, преку Шенгенската согласност можат да го контролираат влезот и излезот, можат да речат и дека на пример Рускиот Патријарх е опасен и да му забранат движење.

Во православието многу луѓе имаат склоност лесно да направат раскол. Но тогаш се навредува духот на соборноста и Светиот Дух нема да снисходи на разделувањето. Тој се раздава на сите, но не треба Светиот Дух да го разделуваме, нити пак смееме да го присвојуваме. Тоа го правеле монтанистите, катарите, староверците - Аввакум и други. На Света Гора има монаси зилоти кои на манастирот напишале на едно црно знаме „Православие или Смрт”. Зошто е тоа потребно? И довеле бензин за ако некој сака со сила да ги истера да го запалат манастирот.

Тоа е прелест, не е вера. Но тие се малку и тоа не е карактеристично за Света Гора. Има многу вистински отци на Атон, тие се луѓе со длабок духовен живот.

Не треба животот да се упрости до толку што во него да нема ни проблеми ни соблазни. Без проблеми и соблазни не бива, така кажал Спасителот, и во историјата е така. Не треба да се плашиме од соблазните, но и „тешко на оној човек преку кој ќе дојде соблазната” (Мат. 18,7) или на оној кој ја подржува соблазната, или на оној кој ја развива, така што одговорност за тоа секогаш постои. И не треба да се наметнува својата мерка, себе си како мерка, како канон.

Помнам, ми раскажуваа, како бабичките во Петербург го изругале митрополитот Никодим (Ростов). И ништо, Ниокдим бил таков каков што бил. Тој не е мерка за Црквата како што сега јас не сум мерка, или кој и да е. Христос е мерка за Црквата. Не треба да се обеспокојуваме но, треба да се трудиме да не ги соблазнуваме душите, ете во што е проблемот! Бог ми е сведок дека не сум против зилотите. И оние дипломати кои се занимаваат со црковна политика или светска и воопшто со такви крупни прашања, забораваат, дека исто така и ним им е потребна и ревноста како на христијани. Телото на Црквата го штитат верниците, но верниците секогаш се возглавувале себе си со своите пастири, своите свештеници, своите владици, со својата црковна организација. Канонот на Црквата е светиња. И доколку, по икономија, и заради некоја потреба го престапуваат канонот, тоа е заради спасението на луѓето, а не за да се занемари канонот... Но, за нив не треба буквалистички да се држиме. Тоа го прават Грците - старокалендарци. Бедните, сакајќи да го зачуваат стариот стил, ги наваса поголемо зло: сега се разделија на повеќе од 5 дела. Лошо е што се сменил стилот, но календарот не е догма. Ерусалимската Патријаршија, Руската Патријаршија, Србската, Синајската, Атон, и другите ги пазат календарот, и ништо. Отец Јустин, мојот духовник беше готов да загине само за едно слово од каноните. Но и во тоа време требало да се пожртвува некој канон за да се спаси барем една душа. Еве ја слободата на отците.

Постои и акривија во Црквата, и икономија, но Духот Свет определува, и Тој го има последниот збор како Утешител на Црквата.

Кога е потребна икономија а кога акривија? Во Црквата не треба да се одрекува едното на сметка на другото. Светиот Симеон Нови Богослов вели дека во Црквата има многу дарови, но автентичен знак на секој од нив е дека едниот го признава другиот. Еве, јас ја сакам молитвата, ти ја сакаш милостињата, оној е активист, другиот е печатар, овој богослов, а оној пак другион прост работник. Едниот повеќе ја сака богослужбата, а другиот хуманитарните дејности. Се се тоа дарови на Светиот Дух, сите тие й се потребни на Црквата. Но, да се одречеш од едното и да речеш еве јас сум толку молитвен, јас ревнувам…а тој е индиферентен, безгрижен…Има ли такви? Во Црквата има се! Тоа е како нива Господова на која нема само пченица и бериќет. Но, Господ не сака да ја очисти наеднаш.

Имало во Црквата едно движење монтанисти во 2 и 3 век, и тоа и правело големи бељи. Тертулијан бил добар богослов, но потоа преминал кај монтанистите. Светогорците велат: има добри зилоти, ама има и такви кои се „хард”, тоа се оние кои сосем забегале. Потоа беа катарите кои велеа: ние сме чисти. Тие дозволувале покајание само на крајот од животот, пред смртта. И други такви имало, … најразлични.

Имало такви движења во Црквата и сега ги има, но не се плашиме. За мене тоа е нормално. Има некои Епископи кои велат: „Еве кај нас дојде зилот од Света Гора и ни го возбудува народот!!!” Но оставете го, кој го слуша нека го слуша. Јас ќе речам, а кој сака да слушне ќе слушне. А, тој заминал од Света Гора за - не себе, ами прво другите да ги спасува. Прво што тој направил - пројавил непослушание. Некои зилоти од Атон одново се крштевале кај старокалендарците. Тоа е хула.

Тој бил крстен и сега одново се крштева како да не бил крстен.

Тоа е безчувственост за соборноста на Црквата. Неопходно е “да се задржи соборот” со сите светители, и пред се во своето срце, а потоа во својот дом, во своето семејство, во манастирот во својата епархија, во Црквата во целиот свет. Да се пази соборот на Православието значи да се слуша гласот на сите отци, не само на аскетите, не само на мачениците.

Еве да речеме: ”ајде сите да бидеме маченици!” А што е со слабите кои не би го издржале тоа? Тоа е исто така соблазна. Или, ајде само да го проповедаме Светото Писмо меѓу народот! А што е Светото Писмо?

Протестантите од него направија идол, и се формираа над 300 секти.

Но, Светото Писмо не е за тоа виновно.

Како да се справиме со слабеењето на ревноста за Бога после неколку години монаштво?

Еве што ми рече една опитна монахиња: „Помни ги братче своите први денови и секогаш навраќај се на нив.” Или како што велеле древните отци: сеуште не си ни на почетокот на своето спасение. Така, потребно е одново да се навраќаш на својот живот. Молитвата пред се, и здрав и искрен самопрекор. Кај Русите постои таква склоност, да се себеизмачуваат, да се цедат себе си. Тоа е лошо. Достоевски тоа јасно го покажал.

Потребно е секогаш да си простиш себе си, велеше некој од Русите, да и простиш на душата. Секогаш помнете ги зборовите на Св. Јован Богослов: „Деца мои, ако срцето ваше ве презира, ве суди вас, тогаш знајте дека Бог повеќе од срцето ваше”. Критериумот наш не е нашето срце нити нашата совест, но Бог, и молете му се на Бога „Господи влези во мене” искрено длабоко и Бог ќе ви помогне. А, ако Он почекува, тогаш мора да се истрае. Треба да се потрпи. Трпејќи отрпнав за Господа како што вели пророк Илија. Со трпение спасувајте ги душите ваши (Лк. 21, 19).

Трпението е огромна сила, моќ. Потребно е да се очекува Господ а не да се бара надеж. Отец Јустин велеше: „Да се држиме за Бог со воздишки, солзи, со желба, со срце што воздивнува. И се додека го има тоа, во нас има и Дух Свет. Тој никогаш нема да не напушти. Слава Богу.

Немојте да си дозволите унинието и безнадежноста да ги изедначите со верата и надежта. Никаков грев, никаква ситуација не може да има равенство со Боженствената милост и Боженствената љубов. Кога се е тажно и сиво, Србите велат: „Удри бригу на весеље”. Отфрли го сето тоа и биди весел.

Превод од руски: Божидар Барлакоски