Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija


Епископот Варнава измачуван од јосипброзовата милиција

„Драги браќа и сестри!“

Висината на честа, по Христовата мера, се доделува на луѓето според висината на нивната спремност на жртва. Оној кој жртвува малку, мала чест ќе добие, оној кој жртвува многу, многу почести ќе прими. Оној кој помеѓу луѓето ќе прими најголема чест, ќе ја поднесе, со тоа, и најголемата жртва. Бидејќи тој, според Своите сопствени зборови, најпрво мораше да ја пројде Голготата, за дури потоа да влезе во Својата слава. И како на тоа мерило да му побегнат луѓето, кога му се потчини самиот бесмртен Бог? Оние што бегаат од жртвата, бегаат и од единствената чест под ова Божјо сонце, за кое е вредно да се бориме. Кога нашиот Господ Исус Христос ги испрати своите апостоли во светот, Тој ја постави жртвата како програма и метод на нивниот живот. И само спремноста на апостолската жртва ги удостои галилејските рибари на апостолската чест. Ова мерило, поставено еднаш во основите на Христовата Црква, останало како непроменливо и незаменливо мерило преку сите овие денови до свршетокот на векот. Висока чест во Христовата Црква значи – ВИСОКА ЖРТВА.

Светиот Архиерејски Собор на Српската Православна Црква, на чело со Неговата Светост Патријархот српски господинот Гаврил, раководен од Светиот Дух, ја избра мојата недостојност за епископ на Христовата Црква. Со тој избор ме осуди на жртвата од Голготата Христова. А осудувајќи ме на таа најголема жртва, ми jа укажа најголемата чест која може да му се укаже на еден смртен човек. И јас, во овој час и од ова место, недоволно само со зборови од човечкиот јазик, од цела душа и од цело срце, благодарам на Неговата Светост Патријархот и на отечките српски архијереи за укажаната чест на Голготата. Сè што можам да кажам, и најмногу што можам да кажам, е тоа, дека радосно ќе се искачам на својата Голгота и дека таа чест нема никогаш да ја заменам нити со било која друга чест под ова Божјо сонце.

Епископската служба е голготска жртва, бидејќи епископската служба е апостолска служба, а на апостолите Господ им рече: „чашата, што ја пијам Јас, ќе ја пиете и вие, и со крштавањето со кое се крштевам Јас, ќе се крстите и вие“ (Мк. 10,39). А чашата која ја испи Господ и крштавањето со кое се крсти, што беше друго ако не чашата на Голготата и крвавото крштавање во Својата сопствена крв.

Но, Синот Божји беше секој ден на овој свет во една страшна Голгота, и Неговата чаша мед потполно исчезна во бескрајната чаша со горчина која доброволно ја испи. И Неговите зборови се исполнија: чашата што ја испи Тој, ја испија и Неговите апостоли и се крстија со истото крштавање со кое и Он се крсти. Од дванаесетмината, единаесетмина ја пролеаја својата крв. Но како што и на нивниот учител, секој ден, а не само последниот од Неговиот живот, беше страшна Голгота, така исто беше и со учениците. Почнувајќи од оној ден кога од стравот поради Јудејците, беа собрани во една тмурна ерусалимска одаја, па сè до оној час кога со својата крв ги запечатија своите денови. А, како што беше со апостолите, беше и со епископите. Кој ќе ги преброи гробовите со маченичките архиерејски коски, распрснати по земјата од апостолските времиња, па сè до времињата на варварскиот дваесетти век, и кој ќе го измери длабокото море на архиерејска крв во која потонаа безбројни животи на архипастирите на Христовата Црква? И исто онака како што на Синот Божји Велики Петок Му беше само последната и најстрашната Голгота, во низата на секојдневните Негови Голготи, и на истиот оној начин на кој апостолите со својата последна крвава жртва само го заклучија бројот на сите безбројни жртви на својот апостолски живот, исто така и на исти начин и епископот е осуден секој час да биде спремен, не само на онаа последна и најголема жртва, туку и на сите оние големи и мали жртви, и на сите оние големи и мали умирања од кои е исткаено ткивото на неговите денови. Да, бидејќи епископите се оние кои, како некогаш апостолите, го оставија својот татко и мајка и жена и деца и куќа и своето богатство, кои се одрекоа од самите себе, и го зедоа својот крст и појдоа по Христа. Ова е основната формула на епископскиот живот, и од неа, како река од својот извор, извираат неговите секојдневни умирања и неговите секојдневни жртви.

Епископот нема своја лична радост, ниту пак своја лична тага. Радоста на Црквата е негова лична радост и тагата на Црквата е негова лична тага. Загубата на Црквата е и негова лична загуба, но и победата на Црквата е негово лично славење. Секое хулење на Бога паѓа на епископот како лична навреда, и секое ругање на Синот Божји како негово омаловажување. Секоја неправда мора да се допре до неговата душа и секое насилство мора да го предизвика неговиот праведен гнев. Секоја солза на сиромашните мора да се слее низ неговото лице, и секое рането срце да крикне од неговата уста. Кој ќе прави добро, а епископот да не се радува; кој ќе прави зло, а епископот да не биде тажен? Епископот преживува Голгота кога гледа како луѓето трчаат по смртните луѓе, а од Бесмртниот Бог ги свртуваат своите глави. Он преживува Голгота кога гледа како семето на Евангелието паѓа на патот, и птиците небесни го колваат, и како паѓа во трња и како трњето го дави. Да, епископството е Голгота, бидејќи епископот мора Вистината да ја стави над животот, а ние знаеме дека многу пати низ историјата говорењето на вистината значело губење на животот.

Дали е потребно овде да ви ги изнесам прекрасните примери за епископските жртви? Да ви ги набројам сите оние бесмртни мажи на Црквата кои со својата крв ги цементираа нејзините темели, и кои ги подигнаа нејзините мермерни сводови со своите маченички коски? Тоа би ме однело далеку и долго би ве задржал овде. Но, зарем е потребно тоа да се прави за нас, благочестивите деца на Српската православна дабробосанска епархија? Зарем е потребно, да го покажам ликот на епископот-маченик, да скитам низ просторот и времето, кога еден таков лик засветли пред нашите сопствени очи и во нашите сопствени денови. Тоа е ликот на нашиот митрополит, блажено покојниот Петар Зимоњиќ...

А нам, браќа, уште и сега ни звучат во ушите непрестајно повторуваните и умилните архипастирски зборови на митрополитот Петар: „Братот е драг, без разлика од која вера и да е!“ Но тој само не збореше, туку и твореше. Тој својата љубов ја даруваше и десно и лево. А браќата, што направија тие? Какво воздарување му дадоа? За љубовта го даруваа со логор, а за братството и единството го пратија во земјичката црна. Радувај се блажена душо на митрополитот Петар! Ти си станала слична на Христа и Неговите апостоли. Ти на овој свет си ја поднела најголемата жртва, за да ја примиш на овој свет најголемата чест.

И ете затоа, иако ги знам слабостите на својата сопствена душа, јас не се плашам дека мојата нога ќе затрепери на трновитиот пат на Голготата на кој денеска се упатив. Бидејќи кога и таа би сакала да затрепери, светлината и топлината на безбројните примери на Христовите херои ќе ѝ ја вратат сигурноста и силата.

Во својата прва архипастирска беседа, браќа и сестри, сакам да ви упатам и неколку зборови вам Христољубивите деца, на онаа Црква чиј епископ јас денеска станав. Вооружете се, браќа и сестри, со духовно оружје, бидејќи Христовата Црква денеска води по целиот свет една страшна војна. Таа војна на Црквата не е војна за позиции во земните власти и сили, туку војна за спасение на човечките души, војна тие да се грабнат од мрачната и смртоносна сатанска прегратка и да се повратат во добрите пазуви на Небесниот Отец. Оваа војна не е од денес, или од вчера. Таа е толку стара колку што е стар и човечкиот род. Но таа никогаш не била толку силна, како што е силна во нашите денови, бидејќи денеска богатството и моќта ги соблазнија човечките души. Да, таа војна со поднебесните духови на злобата, тоа е со што Црквата денеска е зафатена, а не војна со политичките партии и партиите на овој свет. Бидејќи на Христовата Црква малку ѝ е дојдено до тоа која партија ќе завладее со светот, но многу ѝ е дојдено до тоа во светот да завладеат љубовта, вистината и правдата. Бидејќи додека не завладеат тие трите, нема никогаш да завладее ни мирот. Јас се надевам, браќа, во вашата љубов кон Спасителот и нашата вера во Бога. Јас се надевам дека оваа битка нема да ја изгубите вие, туку вашиот непријател, ѓаволот. Но, не заборавајте дека таа битка ќе ја здобиете единствено со оружјето на жртвата. Жртви големи и мали. Не заборавајте дека сте потомци на оној косовски кнез кој го жртвуваше земното за да го здобие небесното. И не го заборавајте ни тоа дека сте вие деца на еден народ кој не поседува ништо големо што не го платил со цена на голема жртва. И затоа ако во некој од вас живее желбата да побегне од жртвата, нека ја преобрази таа желба во светото Преображение, во желба преку евангелската жртва да го стекне евангелскиот венец на победата.

А ви благодарам вам, браќа и сестри, што денеска принесовте на Бога жртва, молитва за благослов во мојот иден труд.

Благодарам и на моите браќа свештеници, кои денеска, заедно со мене му принесоа на Господа Бескрвна Жртва, и Му се помолија за новите должности, да ми подари и нови сили.

А нашиот Господ, Кој преку најголемата Жртва нам ни ја даруваше најголемата победа, нека дарува победа на нашиот Патријарх и на целото водство на нашата света Црква, која во едниот Христос, една желба има, и која во едниот Бог само една мисла ја води, и нека дарува победа на својата Православна Црква, победа голема и славна, победа над сите непријатели Нејзини. Амин.“



Превод од српски: јеромонах Мојсеј (Тодоровски)

Изворник: Протојереј Саво Б. Јовић „Свештеномученик Епископ Варнава Настић“- Београд 2004 год.