Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

10.03.2017

На 08 Март 2017 година, во вечерните часови, новинарот Марјан Николовски, кој е главен и одговорен уредник на порталот Religija.mk, на тој интернет портал објави текст со наслов: „Вранишковски бара СДСМ да ја поништи МПЦ и да го инсталира за легитимна црква во Македонија” (http://religija.mk/vrnishkovski-bara-sdsm-da-ja-ponishti-mpc-i-da-go-instalira-za-legitimna-crkva-vo-makedonija/). Текстот е непотпишан, па затоа за истиот е одговорен главниот уредник.

Тој текст потполно ги извртува фактите, и има за цел да распалува верска омраза кон Претстоителот на Православната Охридска Архиепископија, Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован. Имено, на објавениот текст му се става наслов за да изгледа дека Архиепископот Јован Вранишкоски барал од  СДСМ да ја поништи МПЦ. Тоа е целосна невистина и има само една и единствена цел: да предизвика реакција од Македонската Православна Црква, за потоа таа да се вклучи во целосна одбрана на интереси на поединци или на некоја партија. Меѓутоа, текстот во кој Марјан Николовски очигледно дека злонамерно ја извртил вистината, не е објавен ниту од Архиепископот Јован, ниту од Православната Охридска Архиепископија. Како што се гледа и од самите цитати, кои делумно ги пренесува порталот, текстот е преземен од Фејсбук, а зад него стои некоја група: Соборно православие.

Бидејќи содржината на овој текст беше преземена од порталот Religija.mk од страна на многу средства за информирање, и тоа од сите злонамерно, повторно со иста цел каква што имаше и Марјан Николовски, да ја вовлече Македонската Православна Црква во ситни политички пресметки, јавно одбиваме да бидеме учесници во таквите сценарија и демантираме дека Претстоителот или било кој од Светиот Архиерејски Синод на Православната Охридска Архиепископија некогаш побарал од Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија да ја поништи Македонската Православна Црква. Православната Охридска Архиепископија веќе долго време ги трпи обидите да биде поништена и затоа никогаш за никого нема да бара да биде поништен.

Чудно е само едно, како УСАИД му одобрил средства на еден новинар од ковот на Марјан Николовски да прави емисии за верска толеранција кога истиот е докажан во распалувањето во верска нетрпеливост! Ако во тоа нема поголема политика, тогаш УСАИД инвестира проекти на луѓе, кои немаат авторитет тие проекти да ги остварат.

Од Канцеларијата на Архиепископијата охридска и Митрополија скопска