Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

Оваа година, главна тема на која е посветен календарот е „христијанскиот идентитет”. Идентитетот е нешто со кое човекот во овој иконичен свет се поистоветува за да има потпора во нешто за кое мисли дека е реално и дека има постоење дури и самото по себе.

Во времето во кое живее оваа генерација, нацијата им претходи на сите луѓе, без исклучок, зашто таа на некои места во Европа почнува да постои од крајот на 18 – тиот век, а некаде од 19 – тиот век. Нациите во Европа, значи постојат најмалку веќе два века, па така, постари се од секој поединец што се родил во минатиот или во овој век. Скоро од самата појава на нацијата, таа почнала да ја ползува религијата како средство, некогаш со цел дури и истата да ја замени. Во тоа секако до сега не успеала, но забележливо е дека до нашава современост, повеќе од два века од нејзината промоција во Европа, таа ги ползува истите методи да ја потчини религијата.

Тоа го прави најчесто со наметнување на нешто со што граѓанинот треба да се поистовети, а тоа се нарекува „национален идентитет”. Човекот може да има повеќе, па дури и многу идентитети. Идентитет од полот, од расата, од образованието, од воспитувањето, од општествениот статус, од имотната состојба, од нацијата и секако од верата. Но, еден од тие идентитети самиот поединец дозволува да му превосходи, со други зборови да биде идентитет што им дава идентитет и на другите идентитети.

За верникот тоа треба да биде идентитетот што се востановува врз верата. Таа му дава одговор на прашањата и од каде дошол, а особено каде ќе отиде по упокојувањето. Сместувањето меѓу овие два граничници, но со вера во иднината, помалку во сегашноста, а уште помалку во минатото, може да се нарече идентитет од верата христијанска. За христијанинот сите други идентитети се со недостаток, па дури и оние што навидум ветуваат добра иднина. Но, тие нудат нешто што го немаат, слично како политичарите кои ветуваат и не исполнуваат.

Ветувањата пак, за иднината преку верата не доаѓаат од човек, туку од самиот Господ Христос. Тој понижувајќи се себе си, бивајќи Бог стана човек, за да ни го донесе најважното и нелажно ветување, ветувањето за воскресение од мртвите. Верата во тоа ветување им дава идентитет на Христијаните, затоа нив никој не може да ги излаже со некој повпечатлив идентитет.

Тие имаат и други идентитети, некои и од оние што ги набројавме погоре, но не допуштаат кој било друг идентитет, освен идентитетот причинет од верата да им превосходи. Затоа не се подложни на манипулации и политички заведувања. Трпат и повеќе од границите на вообичаеното, зашто  заповед од  Бога им е да трпат во овој свет, но не се наивни по однос на идентитетите. Никој не може да ги заведе во тоа на пример дека националниот идентитет е позначаен од идентитетот што човек го добива од верата.

Ете затоа христијаните не ги поддржуваат и протестите што се против промена на името на државата, а со тоа и промена на националниот идентитет. Но, од друга страна ги разбираат тие што превасходен идентитет им е националниот. И ги жалат. Колку сиромашни ќе останат тие луѓе сега кога им се зема идентитетот врз кој ја полагале сета надеж? Но, зошто навреме не се пренасочиле? Христијанскиот идентитет е секогаш достапен, а се влегува низ една врата која се вика покајание. И тогаш никогаш нема да останеш сирак, секогаш идентитетот ќе го црпиш од Црквата како мајка што те раѓа за вечен живот.

Архиепископ и Митрополит
+Охридски и Скопски Јован