Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija
→ Ελληνικά

→ English

→ Српски

Архиепископ охридски и Митрополит скопски Јован

Ваши Високопреосвештенства и Преосвештенства, драги браќа свештенослужители, народе Божји,

 

Привилигирана е онаа генерација што може да слави вакви доловековни јубилеји. 1000 години се многу споредено со човечкиот живот, кој просечно е помеѓу 70 и 80 годините како вели псалмопеачот. Но, што се 1000 години за Бога? Тие не се ниту капка во океанот на вечноста со кој господари единствено Светата Троица, но од друга страна 1000 годишен јубилеј на една Црква, не е ниту неважен, ниту безначаен пред Бога. Тоа e точно половина од времето откако Бог постана како еден од нас, половина од времето  откако Христос ја прими на себе оваа створена природа, со една и единствена цел, да ѝ ја подари вечноста.

Охридската Архиепископија се движи по тој пат кон вечноста што го отвори самиот Богочовек, го проширија светите апостоли, го навлажнија светите маченици, го натапкаа светите отци, но го асфалтираа нашите достоблажени претходници од лозата на охридските архиепископи, од кои некои веќе се прогласени за светители.

Напредувајќи низ времето оваа Архиепископија сретнала не малку искушенија, но духовно здравите мажи и светлите примери на архиепископи  коишто не застранувале од патот што го трасира самиот Христос, пречките поставени од искушенијата ги претвараа во победи, за нив, за народот што го водеа, за целата Црква Божја.

Веројатно би било премногу големо барање да знаеме сѐ за историскиот пат на оваа славна Архиепископија во времетраење од 1000 години. Но, оние епизоди што историјата успеала да ги забележи се доволни за да се направи достоверна реконструкција на развојот на црковниот живот на териториите што биле под јурисдикција на оваа Црква.

Административно основана е од царот Василиј II Бугароубиец во 1018 г. И нејзината претходничка на овие простори, Прва Јустинијана била основана од цар, како што била основана од цар и Синајската Архиепископија. Тоа се три цркви во историјата на Црквата што се административно основани од цар.

Велиме административно, зашто црковно уште од најраните векови на христијанството овие простори биле заквасени со евангелската проповед и животот според неа. Некои од Епископите на Хераклеја, денешна Битола, Стоби, денешен Велес, Баргала, денешен Штип, Скупи, денешно Скопје, Тивериополис, денешна Струмица, потписници се на актите од Вселенските или Помесните Собори.

Не можеме да не се сетиме на делото на првиот словенски Епископ Климент, кој никогаш не ја носел титулата охридски, но затоа што во Небесниот Ерусалим заминал од словенскиот Ерусалим - Охрид, отпосле е наречен охридски. Не можеме на оваа свеченост да не се сетиме и на охридскиот Архиепископ Лав, кој во годините пред и  по големата схизма со Римокатоличката Црква пишувал текстови и писма во кои детално ги образлагал грешките што ги прави Црквата на Запад. А Теофилакт, Архиепископот охридски, тој сестрано надарен маж воспоставил култови на многу светители од овие простори. Неговото име е синоним за образованост во средновековието. Неговата писмена заоставшина, била полезно четиво на многу теолози, но особено е полезно за црковните луѓе и во наше време, иако од времето кога тој живеел поминале многу векови.

Светителскиот лик на охридскиот Архиепископ Константин Кавасила највпечатливо го запознаваме од фрескописот на храмот Св. Богородица Перивлептос во Охрид, каде е исправен веднаш до Св. Климент, но животописани во неколку охридски цркви се и охридските Архиепископи:Никола и Прохор и тоа со светителски ореоли.

Оваа Архиепископија била расадник на писменоста низ словенските Цркви. Таа била пренесувач на византиската култура меѓу Словените. Следејќи го тоа предание, сметаме дека и во денешно време, канонската Црква на овие простори треба да го негува тоа предание. Богослужбите во Охридската Архиепископија биле и на елински и на словнски. Затоа повикавме хор од соседна Елада, да учествува во полнотата на овој настан. За нивното учество, искрено им благодариме.

Како што е основана од царска власт во 1018 година, така истата е укината од царска власт во 1767 година. Така континуитетот на непрекинато административно постоење е укинат веќе неколку векови. Тоа нормално не значи дека била укината Црквата, зашто Црквата може да ја укине само тој што ја основал, а тоа е Христос. Но, организациски, како автокефална Црква, Охридската Архиепископија не постои веќе полни 251 година.

Безбожната комунистичка власт во тогашната Југославија дозволи на овие простори да се организира подвластена на режимот, национална Црква, но таа како комунистичка творба беше  препознаена од сите православни Цркви и истата не беше призната, ни тогаш, а останува непризната ни до денес.

Етнофилетизмот направи и сè уште прави големи замешателства во Црквата. Тој е осуден на Соборот во Константинопол во 1872 г., но за жал од 19-ти век, до ден денес не исчезнал од Црквата. Се толерира веќе век и половина, ама  во последно време некои во Црквата, од само ним познати причини како да го подзабораваат тоа. Неприфатливо е, па дури и лицемерно, Цркви кои долги години биле во раскол, без покајание да бидат прифаќани, па дури и наградувани, само затоа што биле упорни во расколот.

Ако се сетиме дека Црквата се раѓала низ мачеништво, најпрво врз првомачеништвото Христово, а потоа врз мачеништвото на Неговите апостоли и на оние кои биле подготвени на страдаат за верата, нема да нѐ чуди зошто единствениот критериум за авторитет во Црквата е подготвеноста за мачеништво. Црквата  опстојувала низ најневозможни ситуации, само затоа што била секогаш подготвена за сведочење со крв.

Првиот кој направи покрстување на охриѓани, уште во третиот век по Христа, во тогашен Лихнидос, беше свештеномаченикот Еразмо. Тој постави квасец на овие простори да знаеме како се втемелува Црква, која  доколку е втемелена на маченичка крв, искушенијата не можат да ја расклатат.

Православната Охридска Архиепископија која денес е канонска Црква на дел од просторите што некогаш биле под јурисдикција на Охридската Архиепископија е автономна Црква во канонското подрачје на Српската Православна Црква. Таа не е основана од цар, но автономијата ја добива по канонски пат од онаа Црква што имала право да ја даде таа автономија.

Од една страна, таа е обврзана да го чува преданието за славната охридска Црква, но од друга страна да знае како се сведочи Словото во сегашноста, на патот кон мирното пристаниште во Царството Божјо.

Затоа, во овој свечен момент би сакале да им заблагодариме на Епископите на Православната Охридска Архиепископија, на свештенослужителите, но особено на народот Божји кои достоинствено го  поднесе гонењето на Црквата на овие простори несвојствено за приликите на 21-от век. Но, токму овој народ е зачуден, а не помалку и ние Епископите и свештенослужителите, како е можно во Црквата да се прават поводи за несогласувања, и тоа таму каде барем во нашава епоха постои можност и да нема решенија?

Не е возможно да немаме грижа за она што се случува во Црквата, пабило каде и да е тоа во светот. Црквата е една и само како една може да биде Христова. Заради сѐ претходно што кажавме земаме за право да порачаме: никој во телото на Црквата нека не прави проблеми потешки од оние што може да ги реши, зашто таквите проблеми          се закана за расклатување на црковниот мир, толку неопходен за црковна надградба.

Ние пак, кои го славиме овој голем јубилеј, навистина во скромни услови во кои нѐ доведоа властите во оваа земја, на кои им се спротивставивме за нивната иредентистичка политика што долги години ја водеа кон соседна Елада, имаме целосно право да го говориме она што секако е добро познато во сите помесни Цркви. Нема ништо поважно од единството на Црквата, во верата, во догматите, во канонскиот поредок.

Схизмата е проблем за целата Црква, таа не е проблем само на тие што се одвоиле, таа е проблем и за оние од кои се одвоиле. Затоа разбирлива е грижата на првотроната Црква за залечување на сите расколи што постојат во православието, но никој не би можел да оправда исцелување на некој раскол преку правење на друг. Затоа треба да се свика нов Свет и Голем Синод кој би ги исправил слабостите на претходниот.

Јубилејот што го славиме треба да нѐ направи одговорни сите што живееме во ова држава сериозно да пристапуваме кон историјата и историските факти. За жал, непочитувањето токму на тие историски факти ги правеа државните власти од оваа земја за потсмев во светот. Со историската вистина не може да се манипулира, особено не во времето на нашата современост. Едноставно, тоа толку брзо тече што не остава непополнети празнини за фалсификати и невистини.

Ја ползуваме приликата да им заблагодариме на претставниците на помесните Цркви што нѐ удостоија со нивното учество во оваа литургиска прослава. Но, оваа прослава не е само наша. Ова е прослава на целата Црква Божја што живее како едно тело, како еден организам. Охридската Архиепископија функционирала како помесна Црква, но секогаш во единство на едната, света, соборна и апостолска Црква. Во ниту еден момент на историјата не била во раскол, затоа посакуваме ова да биде повод, расколот во кој се наоѓаат нашите браќа во оваа држава, да биде надминат, но секако врз еклисиолошките и канонски начела кои ги пази православната Црква.

Некоја друга генерација што ќе слави уште поброен јубилеј на Охридската Архиепископија, веќе да не го споменува проблемот со схизмата, токму зашто овој јубилеј ќе нѐ направи посериозни сите кои можеме да  придонесеме за надминување на оваа неприродна состојба.