Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija
→ Српски

Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован даде интервју за белградскиот дневен весник „Вечерње Новости“ (24 Април 2017 год.). Разговорот со Архиепископот охридски г.г. Јован го водеше новинарот Младен Станчиќ. Во продолжение го објавуваме интегралниот текст на интервјуто, коешто Архиепископот охридски г.г. Јован го даде за споменатиот дневен весник.

Младен Станчић, Скопље, 11. април 2017.
Питања за Архиепископа ПОА Јована за Вечерње новости

1. Ваше Блаженство, и ове године највећи хришћански празник Васкрсење Христово дочекујете у веома специфичним условима на трону канонскe Цркве у Македонији, али и даље без регистрације деловања од стране државне администрације у Скопљу. Власти су регистровале више од 25 верских организација и религиозних група али не и ПОА. да ли ће бити обновљен захтев за регистрацију ПОА?

Православната Охридска Архиепископија поднесе барање за регистрација пред државните органи во Р. Македонија уште во во 2004 година. Според тогашниот закон за цркви и верски заедници, надлежна за регистрација беше Комисијата за односи со верските заедници во Р. Македонија. Таа комисија ја одби регистрацијата на Православната Охридска Архиепископија со крајно бесмислени образложенија. Во 2009 година се промени законот за верските заедници во Р. Македонија и според тој закон, надлежен за регистрација на верските заедници стана судот Скопје 2, во Скопје. Ние уште истата таа година поднесовме барање за регистрација пред судот, но бевме одбиени со цинични образложенија. Откако беа исцрпени сите правни лекови испративме тужба против Р. Македонија до Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Бидејќи претходно имавме испратено до тој суд тужба кон Р. Македонија за првото одбивање на регистрација, од судот добивме известување дека тие две тужби се споени во една, а на која за жал до денешен ден немаме добиено пресуда. Р. Македонија од причина да не ја регистрира Православната Охридска Архиепископија не регистрираше ниту една друга нова верска заедница и тоа неколку години последователно. Но заради огромните критики што ги трпеше на меѓународен план, последниве години судот има регистрирано неколку протестантски верски заедници, па дури и мормони, иако верниците од таа вероисповест во Р. Македонија се бројат на прстите од една рака. Очигледно дека е проблем само Православната Охридска Архиепископија која е единствена призната православна Црква во Р. Македонија и истата е во  канонско единство со Српската Православна Црква, а преку неа со сите православни Цркви во светот.

2. Одужени црквени раскол у Македонији, објективно годинама озбиљно оптерећује релативно добре односе званичног Београда са Скопљем, упркос секуларности двеју суседних држава? у Македонији ПОА у саставу са СПЦ, у 21. веку и даље делује у катакомбним условима, у параклисима по кућама и становима, за државну администрацију у Скопљу – нелегално, незаконито.До када?

Не би можел со сигурност да ви одговорам до кога, но едно е сигурно дека сите членови на Православната Охридска Архиепископија, од епископите, преку свештениците и ѓаконите, до монасите и сите верници се покажаа богољубиви, трпеливи и издржливи. И со тоа ја заслужија благонаклоноста од сите православни Цркви. Власта мислеше дека ќе удри на пастирот и словесното стадо ќе се распрсне, но постигна спротивен ефект. Колку поголеми беа тортурите и притисоците, толку побројни, но и позрели стануваа верниците. Сега е повеќе од сигурно дека тој репсресивен државен проект се покажа неуспешен, прашање е само дали некој политичар во оваа политичка мизерија во која живеат граѓаните на Р. Македонија ќе се одважи и ќе им се извини на верниците на Православната Охридска Архиепископија за владините репресии применувани врз мирољубиви граѓана и тоа во 21 век. Вистина е дека расколот ги оптеретува односите меѓу Скопје и Белград, но за тоа вина има само една политичка врхушка и тоа онаа во Скопје.

3. Има ли наде за наставак прекинутих разговора за исцељење вишедеценијог црквеног раскола у Македонији?

Пред неколку денови заврши повторениот судски процес кој се водеше против мене, двајца епископи, двајца свештеници, четири монахињи и 10 верници од Православната Охридска Архиепископија, меѓу кои мојата мајка и мојата сестра. За овој предмет веќе бев во затвор, а другите обвинети беа осудени условно во времетраење од 5 години. Кратко време по моето ослободување од затвор, Врховниот суд на Р. Македонија ги поништи пресудите на првостепениот и второстепениот суд од Скопје и процесот го врати на повторно судење со јасни упатства дека во случајот за кој бевме осудени нема кривично дело. Повторениот судски процес, не по вина на членовите на Православната Охридска Архиепископија , траеше многу долго, дури две години, иако можеше да се заврши во само еден ден бидејќи немаше прилагања на нови докази. Пред неколку денови, на крајот од месец март судот донесе нова пресуда во која јас сум осуден со затворска казна на толку време колку што поминав во затвор, условно се осудени уште двајца лаици, а сите други обвинети во претходната постапка беа ослободени. Тоа што другите се ослободени за мене секако е неизмерно задоволство, зашто дури и само со тоа се покажа дека процесот бил политички, но правно гледано колку што причини постоеја тие да бидат ослободени, барем исто толку постоеја да бидат ослободени и останатите. Секако дека ваквата пресуда има некоја заднина и тоа не ни дава безрезервно да се отвориме за обновени разговори со Македонската Православна Црква која сè уште е во раскол. Од друга страна ние не сакаме да бидеме пречка за почетокот на тие разговори, но секако дека треба да бидеме претпазливи, зашто досега се постапувало многу лукаво и валкано, особено од страна на државните власти во Р. Македонија. Конечната одлука за евентуалното продолжување на разговорите сепак ќе ја донесе Светиот Архиерејски Собор на Српската Православна Црква на годинешново мајско заседание.

4. Македонија је верификовала Европску повељу о људским правима где је 9. чланом предвиђено загарантовано право на слободу вероисповести. Зашто то право не важи само за чланове ПОА, чак и по иновираној законској регулативи у Македонији?

Затоа што до скоро Православната Охридска Архиепископија беше третирана како државен непријател на Р. Македонија. Не знам дали последниве настани врзани со политичката криза нешто променија во тој поглед, но сигурно е дека долго време наназад владината политика на Р. Македонија беше донкихотовска, бараше и измислуваше непријатели таму каде што ги нема.

5. Од тог 22. јуна 2002. када је блаженопивши патријарх српски Павле примио у литургијско и канонско јединство са СПЦ и преко ње са свим осталим правиославним црквама велешку и повардарску епархију коју сте тада предводили, практично не престаје прогон судских власти против вас као поглавара али и чланова ПОА. Који су „услови“ да би то коначно престало? Могу ли да помогну остале православне Цркве, рецимо Васељенска Патријаршија или Руска Православна Црква?

Некој забележал, а тоа изминатава година многу често се среќаваше во јавноста, дека последнава 15 години, немало ден кога, или не сум бил во затвор, или не е воден судски процес против мене. Тоа секако е тешко издржливо, ако човек ја нема благодатта Божја и ако не е убеден дека жртвата што ја прави носи добро за Црквата. Што се однесува до помошта од другите православни Цркви, неа ја имало и до сега и верувам дека ќе ја има и понатаму. Црквата е една, а единството највпечатливо се покажува токму кога страда некој член на Црквата. Не е тајна дека речиси во сите наврати колку што бев во затвор, бев предвремено ослободуван. Тоа секако се случуваше заради залагањето на другите православни Цркви, но и на европските и американски владини и невладини организации. Навистина е апсурдно во 21 век некого да гониш судски и да го осудуваш на затворска казна, само заради неговите верски убедувања. Иако властите во Р. Македонија се обидуваа моите судски процеси и затварања да ги прикажат како кривични, секој кој ги следи црковните настани, па дури и оној кој помалку ги следи, знае дека немав никаква кривична вина, туку дека единствена моја „вина” беше воспоставувањето на единството со Српската Православна Црква. Што се однесува до помошта од другите православни Цркви, таа секогаш е добредојдена. Не е непознато и дека моето последно предвремено излегување од затвор беше по залагање на Московската Патријаршија. Но во случајов многу се стеснети можностите за помош од другите православни Цркви. Прво затоа што Српската Православна Црква нема никаква можност еднострано да признава автокефалија на било која Црква, па така и на Македонската Православна Црква, а второ, затоа што условите за признавање на некоја Црква како автономна веќе се јасно утврдени на Светиот и Голем Собор што се одржа на Крит минатата година. Мислам дека најмногу може да си помогне Македонската Православна Црква сама на себе, конечно да созрее и да стане свесна во кои граници може да се случи нејзиното признавање. А тоа признавање ѝ е повеќе од неопходно, не само заради самата Црква, туку и заради државата во која се наоѓа таа Црква. Во секој случај, и покрај големата болка што ни ја нанесоа, како непризнатата Црква во Р. Македонија, така и власите во Р. Македонија, ние со ништо нема да го попречуваме нивното стапување во единство, доволно е само тоа да биде канонско.

4. Утамничењима нарушеног здравља, 2015. били сте на лечењу и опоравку у Васкрсењском манастиру Софија Силина код Петрограда у Русији, откако сте другог фебруара изашли на слободу из затвора Идризово код Скопља. Сурова искушења Вашег вишегодишњег робијања православни верници и шира јавност препознају као печат учвршћења у сведочењу вере. Може ли се истина одбранити независно на „боју“ власти?

Долговековното искуство на Црквата ни покажало дека вистината се брани со одбрани и вистинити зборови, со вистинување во љубовта, со отвореност за дијалог и ширина за проштевање. Но, во одредени случаи, кога вистината не се напаѓа само вербално, туку се прави обид физички да се истребат носителите на вистината, тогаш вистината се брани само со спремност за сведочење, или како поинаку се нарекува мачеништво. За голема среќа самата вистина која е Воскреснатиот Христос како Црква, не може да биде уништена од ниту една власт. Тоа досега ни го покажала историјата. Но, ова за жал не го разбираат „сите бои” на власти. Некои сакаат одново да се обидат и секако не успеваат. Црквата не ја брани поединецот, без разлика на неговата духовна, интелектуална и физичка надареност. Црквата ја брани тој што имаше сила да воскресне од мртвите. Затоа мислам дека ништо што се однесува на вистината и Црквата не зависи од „бојата” на властите. Зависи само од тоа колку се вохристовени оние што ја сведочат вистинат на Црквата. Ова веќе не е далечна историја, ова се покажа неодамна во прогонот што властите на Р. Македонија го спроведоа кон припадниците на Православната Охридска Архиепископија.

Напомена: Због олакшања и евентуално временске „уштеде“ одговори на питања могу бити и на македонском језику. Без неког значајнијег ограничења, али не и превише опширни и дугачки, како би укупан садржај могао бити приређен за објављивање на једној страни листа Вечерње новости, са једном или две фотографије.

Унапред захвалан
Младен Станчић

Извор: Вечерње Новости