Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

Седмичниот магазин „Сега“ во своето издание од 4-ти Февруари 2010 год. го објави интервјуто со Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован. Во продолжение во целост го пренесуваме текстот на споменатото интервју.

Власта ја финансира и ја контролира МПЦ!

Владо Апостолов

Во последното интервју за српскиот весник “Вечерње новости” велите дека патријархот Павле правел се за да се реши спорот со МПЦ. Кои биле досегашните конкретни напори на поглаварот на СПЦ за решавање на спорот?

По отфрлањето на Нишката согласност од страна на Синодот на МПЦ, блаженоупокоениот Патријарх Павле навистина бараше начин проблемот да се реши благополучно. Во таа насока, според моето скромно мислење го направи возможно и невозможното, имено се согласи, до конечното решение на проблемот да не се споменува неговото име од страна на Архиепископот на МПЦ, туку да се споменува Светиот Архијерејски Синод. Тоа беше најдоброто преодно решение што впрочем јас му го предложив од името на Митрополитите Петар и Наум кои претходно на тоа се согласија, но откако Патријархот тоа го прифати, што веројатно тие не очекуваа, тогаш повторно се повлекоа, како и од потписите од Нишката согласност. Според мене, тоа е нешто што ниту еден Патријарх во светот не би се согласил, во една автономна Црква да не се споменува неговото име. Но, откако и тоа пропадна, потоа сè си доби некој друг и поинаков ток, и сега во Охридската Архиепископија со радост се споменуваат имињата на српските Патријарси. Во личноста на Патријархот се остварува единството на Охридската Архиепископија, не само со Српската Православна Црква, туку и со сите други Православни Цркви, зашто името на пеќкиот Патријарх го спомнуваат и сите други Патријарси на Православните Цркви. Навистина, токму Патријархот Павле го издаде Томосот за Автономија на ПОА, тој ја потврди мојата смерност за Архиепископ охридски и Митрополит скопски, но не ги затвори вратите и за расколничката јерархија на МПЦ. Имаше и лична средба со Стефан, Архиепископот во раскол, ги благословуваше средбите што се случија последниве години меѓу Архијереи на СПЦ и МПЦ, и, искрен да бидам, не знам што повеќе би можел да направи. Ако МПЦ по секоја цена настојува да се признае пучистичкиот акт на самопрогласување на автокефалија, мислам ниту најдобрите желби на сите нас не ќе можат да им ја остварат таквата неканонска појава.

Името нема врска со Црквата

За вас се тврди дека сте егзарихска инсталација во Македонија. Колку има вистина во ова?

За жал, јавноста во Р. Македонија е нецелосно и неточно информирана дури и за суштинските случувања од последниве седум години, а во врска со Охридската Архиепископија. Сметам дека е тоа производ на еден потполно непрофесионален, па дури и неетичен новинарски, а секако и државен заговор против Охридската Архиепископија. Од мај 2005, од послеиздавањето на Томосот за автономија, Црквата во Р. Македонија веќе не се нарекува Егзархат туку Архиепископија. Егзархатите се само преодна фаза, и јас бев Егзарх до оној момент додека не се оформи Светиот Архијерејски Синод на ПОА. Но кога веќе се оформи Архијерејскиот Синод, кога се издаде Томос за автономна Црква, кога се потврди Претстоителот на таа Црква во лицето на мојата смерност, тогаш престана да постои Егзархатот и Црквата се призна во ранг на Архиепископија. Така, потполно е неточно ПОА да се нарекува Егзархат, а мене да ме титулираат како Егзарх. Сметам дека со ова веќе Ви одговорив дека таква инсталација, каква што споменувате во прашањето, дури ни терминолошки не може да суштествува, да не говорам дека Црквата не може да прави инсталации, и никаде во светот не суштествуваат инсталации. Црквата е една, и само заради тоа може да биде Црква, инаку ќе биде некој друг вид на институција на која не ѝ е потребно единство со другите, слични на неа, институции во светот.

Бевте гостин на востоличувањето на поглаварот на српската црква. Дали и колку лично се познавате со поглаварот Иринеј и како може владиката Јован да ѝ помогне на МПЦ во преговорите?

Бев и гостин и домаќин. Убавината на Црквата е токму во тоа што и тогаш кога си некаде гостин, честа што ти ја придаваат другите те прави домаќин. Но, реално ние сме и домаќини во Соборот на СПЦ. Сите Архијереи на ПОА гласаа за изборот на новиот Патријарх. Пеќкиот Патријарх е Патријарх и на автономната ПОА, зашто ние немаме друг Патријарх. Јас сум Архиепископ на автономната ПОА, но јас го спомнувам Патријархот на секоја богослужба. Нескромно би било за себе да кажувам колку можам да помогнам, но како некој без чија согласност СПЦ ништо не би можела сама да реши, мислам дека можам нешто да помогнам.

Зошто вашето ослободување од обвинувањата во Македонија е предуслов да се продолжат преговорите меѓу МПЦ и СПЦ?

Сметам дека ова прашање не бара опширен одговор. Не треба да се има големо црковно или правничко познавање, ниту упатеност во дипломатските вештини, за да се сфати дека ако некој е условен од другата страна, во зависност од исходот на преговорите да биде повторно затворен, тогаш таквите преговори би биле под притисок, и истите ќе го носат името на условувани преговори. Затоа при секоја средба на архијереите на СПЦ со архијереите на МПЦ, последниве неколку години им се кажува тоа, дека неопходно е прво да престанат сите гонења врз мене, па потоа да почнат преговорите. Единствено заради неисполнетоста на тој предуслов, уште еднаш ќе нагласам дека тоа не е услов, туку неопходен предуслов, преговорите сеуште не се започнати. Се губи драгоцено време, но тоа не зависи од нас, тоа зависи единствено од МПЦ, но веројатно не помалку и од власта во Р. Македонија.

Во последниве две недели зачестен е притисокот од европските дипломати за решавање на спорот со Грција за државното име. Од друга страна властите во Македонија конечно Ви дозволија да влезете во земјава и веднаш се обнови прашањето за спорот со МПЦ. Колку овие два проблема се поврзани и како може решавањето на едниот да помогне да се реши другиот?

Прочитав изјави од некои архијереи на МПЦ, и тоа во неколку наврати во кои овие два проблема се поврзуваат, па дури се вели дека не можело да дојде до решение пред решавање на државниот проблем. Сметам дека таквите изјави во најмала рака се извитоперување на реалноста, а да не речам дека се и замајување на јавноста, сè со цел да се покрие нечија неспособност. Голема е веројатноста црковниот проблем да се покаже нерешив и по решавањето на државниот проблем со името, зашто Црквите никој не ќе може да ги принуди да го прифатат евентуалното политичко решение. Затоа е многу подобро да не се губи времето во чекање, туку да се дејствува. Многу е важно МПЦ конечно да созрее и да се одлепи од власта. Заштита која веќе неколку децении ја добиваат од властите ги има поприлично разгалено, и мое скромно мислење е дека тие се неспособни без помош на власта да одлучуваат за нешто сериозно. Веројатно токму тоа ќе им биде и најдолгиот и најтешкиот процес.

Дел од стручната јавност и поголем дел од народот гледа поврзаност во двата, ајде да ги наречеме идентитетски спора, и во нив ја гледа желбата да се избрише името Македонија. Колку има вистина во ова?

Црковниот идентитет е целосно различен од националниот идентитет. Додека привиот е израз на слободата, и секој може сам да си ја одбере верата, вториот е израз на нужноста бидејќи никој не те прашал што сакаш да бидеш по националност. Националниот идентитет е дел од биолошкиот идентитет на човекот, исто како како полот, физичките и психичките карактеристики. Но, верата е слобода, а слободата не трпи принуди. Така, црковниот и биолошкиот идентитет не само што не се идентични, туку тие се во постојана борба, и секој од нив сака да има превласт над другиот. Во таа борба нема равновесие, туку или надмоќствува едниот, или другиот идентитет. Секако дека можеш да бидеш припадник на некоја нација и во исто време да бидеш црковен човек, ама сепак, само еден од споменатите два идентитета ќе биде пресуден за животот. Или ќе ја возљубиш слободата, и ќе сакаш да бидеш слободен од сите биолошки дадености, секако колку е тоа за човек можно, или ќе си го носиш само биолошкиот идентитет и тој ќе ти го ограничува секој вид на слобода што се среми кон апсолутизам. Да бидам уште попрецизен, проблемот околу идентитетите што во последниве месеци не излегува од темите на јавните дебати, всушност е идеолошка спекулација за потполно физички, или потполно метафизички проблеми, но ниту едниот вид, ниту другиот не трпат идеолошко пропагандни толкувања. Идентитетот: било да е физички, односно биолошки, било да е црковен, односно метафизички, не се толкува, туку се живее и самиот живот е идентитет, а идентитетот е живот. За мене е несфатливо еден жив човек, секако зборувам за психички здрав, да може да го загуби идентитетот, како тоа некои политичари сакаат да нè убедат. Спред мене, тие не само што не знаат теологија, тие не се грамотни ниту во биологијата, ниту во физиката. Но, ако некој сака да прави проблеми кадешто ги нема, неможеш да го спречиш, и тоа го чувствуваме на сопствената кожа последниве седум години.

Во истото интервју велите дека свештениците и верниците кои припаѓаат на ПОА се граѓани од втор ред во Македонија. Велите дека тие имаат проблеми со администрацијата и при преминувањето на границата. Можете ли да ни кажете што конкретно им се случува на овие луѓе?

Сè додека ПОА не биде регистрирана, свештенослужителите и нејзините членови се граѓани од втор ред. Свештениците не можат да бидат здравствено и пензиски осигурани, Црквата не може да има своја жиро сметка и да работи како правно лице, верниците не можат да достават барање за градежна дозвола за градење на црква, а се знае дека во Прилеп е направен список од верниците на ПОА и ниту едено лице од тој список не може да се вработи во државно буџетираните институции. При секое излегување од граница сите припадници на ПОА, а особено Епископите и свештениците се задржуваат долго и им се вршат дополнителни проверки што не е случај со другите граѓани на Р. Македонија. Тоа е срамно за државата, ние нека сме и најлошите во оваа земја, но таа е сепак наша татковина и со кое право некој ни ги одзема основните граѓански права. Како тргнала работата, утре да чекаме дека ќе ни го одземат и правото на глас, а потоа и правото на слобода на говорот.

Нелогична пресуда

Вие МПЦ ја нарекувате расколничка, а тие, дел од медиумите и народот таа титула ви ја препишува вам. Нели е христијански вие први да го свртите образот и се откажете од таквиот речник, кој мора да признаеме дека звучи лошо?

Термините раскол и расколник што се употребуваат во црковното подрачје немаат корен од англискиот јазик каде раскол значи некој вид нечесност, односно безобразност, туку имаат корен од црковнословенскиот јазик каде раскол е превод за грчкиот збор схизма што во најбуквален превод значи поделба. Схизмата значи е поделба, а схизматик или расколник е оној што не е во единство со целината. За разлика од нив, кои мене ме нарекуваат Зоран, со моето крстено име, иако тоа одамна граѓански ми е променето во Јован, и не ме титулираат со мојата титула, ние секогаш ги ословуваме со нивните титули што ги носат, но за да се разликуваат од другите свештенослужители што се во единство со Црквата, ним им го додаваме терминот дека се во раскол. Ако тоа го пропуштиме ќе испадне дека се во единство и дека се митрополити, или свештеници од накоја канонска и признена Црква. Но, бидејќи тие се во раскол, таа разлика треба, и неопходно е да се потенцира. Значи ние тоа не го велиме за да ги навредиме, а тие со секоја нивна постапка нè навредуваат. И тука многу пати сме го свртиле образот, сме простиле, а ако даде Господ сили веројатно уште многу пати ќе треба да им проштеваме. Разликата значи меѓу МПЦ и ПОА е во тоа што МПЦ е реално во раскол, издвоена од сите други Цркви, додека ПОА е во единство со сите, и не може, по природата на нештата, да биде расколничка. Затоа, кога нас нè ословуваат како расколници тоа е злобна омраза и нема ништо со реалноста. Навреда која им ја проштеваме. Кога ние, или некоја друга Црква ја ословува МПЦ како расколничка тоа е вистина, бидејќи МПЦ е во раскол со сите Православни Цркви во светот.

Велите дека за парите на МПЦ не треба да решава земскиот судот, ами црковниот. Дали со ова сакате да го избегнете откривањето на вистината која стои зад обвинувањата?

Вистината се откри одамна. За овој ист предмет за кој сега сум осуден, веќе бев во два наврати ослободуван. Значи не тоа дека некој има желба да се сокрие вистината, туку како поинаку се разбира одвоеноста на Црквата од државата? Живееме ли ние во шеријатска држава? Она за што сум јас обвинет не е надвор од канонското подрачје на Црквата, а обвинет сум за злоупотреба на службената положба. Кривичниот законик не предвидел гонење по тоа кривично дело за црковните лица, и бидејќи немаше услови да се подигне обвинение за злоупотреба на службената положба, за што е многу лесно да биде судено секое службено лице, ме обвинија за кривично дело „затајување“. Но, за нешто да е затаено, треба истото да недостига, со други зборови: да е украдено. Вештачењето, кое дури трипати се направи, покажа дека во целото четиригодишномое работење низ епархиите во МПЦ, нема ништо што недостига и кое не е најдено на лице место, или пак не е најдена уредна сметкопотврда за што се потрошени парите. Најголемата контрадиктрност на пресудата е што бара сите пари од четиригодишниот буџет да им ги вратам на МПЦ, околу 250,000 евра. Тие се еднаш стекнати за МПЦ, трошени по позиции на буџетот, или за тековни трошоци или за инвентар. Со вештачењето е утврдено дека инвентарот е во сопственост на МПЦ, а сега со пресудата се наложува да им се вратат пари на МПЦ во висина на претходноспоменатата вредност, па со тоа тие по втор пат ќе ја стекнат истата сума на пари. Тоа не само што не е логично, туку е и противправно, но во случајов преку судска одлука, противправното ќе стане правно и никому ништо. Ние ќе си бидеме незадоволни од пресудите, страниците ќе ни викаат дека судовите ни се корумпирани, власта ќе настојува уште повеќе да има влијание врз судот, а Вардар пак ќе си тече и никому ништо. Ќе отиде и по некој невин во затвор, ама нели така се правела држава? Народ раждајет сја, земља не раждајет сја, велеа комунистите.

Лицемерна е и меѓународната заедница

Можете ли да ни кажете дали во минатото слични случаи биле изнесувани пред црковниот суд и како биле решавани? Со оглед на тоа што МПЦ не е имуна на афери, да се потсетиме само на случајот “Изгрев”.

Од втората половина на осумдесетите години од минатиот век одвнатре ги познавам случувањата во МПЦ. Имало ретки црковни судења, ама само кога се работело за докажано крадење на пари, но никогаш како во мојот случај: граѓански процес без црковен суд. Мислам дека дури сега сфатија колку тоа ја чинеше МПЦ. Па колку и да се неупатени луѓето во јавноста што ги следат настаните, веднаш си го поставуваат прашањето, ако овој Јован, тогаш најмладиот во МПЦ, за толку кратко време успеал да направи толкави малверзации, па што ли направиле оние што се по 30 години на владички позиции? Сакам уште еднаш да подвлечам дека јас не сум обвинет дека сум украл некоја одредена сума на пари, и таа недостига во касата, туку обвинет сум зошто на таков начин се трошеле парите. После оваа пресуда испаѓа дека требаше да го прашаме јавниот обвинител каде да ги трошиме парите од црквата.

Велите дека МПЦ нема сила да им се спротистави на политичките притисоци од властите во Македонија. На кои власти поточно мислите и како изгледаат тие притисоци?

Кога некој ве штити и кога ве финансира ве прави да му бидете должник. Самото чувство дека некому сте должник поробува. Дури и кога човек дарува од љубов, и тогаш со љубовта поробува, а камоли кога тоа го прави од интерес. За отстапките што власта ги прави кон МПЦ е општо познато и многумина тоа со право веќе го поставија како проблем за секуларноста на државата. За финансиската подршка помалку е познато во јавноста, но тоа се крие за да не бараат финанска помош и другите верски заедници. Кога некој дава тогаш и бара. Покрај немањето на внатрешен капацитет, ова е една дополнителна причина зошто МПЦ неможе да се одлепи од медиокритетството.

Првостепениот суд го одби барањето за регистрација на вашата црква, жалбата веќе половина година е пред Апелациониот суд иако велите дека законскиот рок за одговор е осум дена. Според ова заклучувате дека судството е политизирано. Можете ли да ни ги лоцирате политичарите и инстируциите кои влијаат за овој застој во регистрацијата?

Како додје денес времето ако некого спомнеш по име и презиме веднаш добиваш тужба за клевета. А мене како ми тргна, неможам да излезам од судница. Шегата настрана, но седум години да не може да се регистрира Црква, и да се говори дека имаме демократска држава, мислам дека е лицемерство. Доказ за тоа се и последните изјави на директорот на владината комисија за односи со верските заедници, г-ѓата Валентина Божиноска, која за Канал 5 изјави дека ПОА никогаш не може да биде регистрирана. Не верувам дека таа така говори од името на семејството Божиновски, туку некој така ѝ рекол да кажува. Во секој случај прекардашена е секоја мера, а тоа го отсликува демократскиот капацитет на државата. Нам како да ни е судено да живееме во тоталитаризам. Но, според моето скромно мислење, големо лицемерство покажува и меѓународната заедница по однос на нашето прашање. Тие се ограничуваат само на извештаите во кои редовно ги критикуваат властите за непочитување на верските слободи, но не прават ништо повеќе тоа да се промени. Ако можат да отворат војна за рушење на тоталитаристички режими, и за заштита на човековите права, можеа барем во Р. Македонија во овие седум години да направат притисок за обезбедување на верските права на припадниците на ПОА. Несфатливо е, ако навистина сериозно пристапиле на овој проблем, дека за толку долго време не ќе се постигнеше некакво поместување. Не сум противник дека меѓународната заедница треба со сите средства да ги штити човековите права и слободи, но не тоа да го прави селективно, само таму каде што има интерес. Со ваквите постапки се доведува под сомнеж веродостојноста на нивните постапки, дали навистина дејстуваат во заштита на човековите права, или секоја нивна интервенција е само заради одреден интерес.

Каде се бевте овие 2,5 години и можете ли да споделите со нас што правевте во тој период?

Најголемиот дел од времето го потрошив да ја привршам докторската дисертација која ја имав прекинато уште од мојата епископска хиротонија во 1998г. Рокот беше веќе изминат, такашто потребно беше да се промени и темата, но мислам дека овие две години не отидоа поптолно забадијала. Се издадоа и две мои книги, едната личен мој труд, а другата мој превод. Служев редовно, но како гостин, во други епархии и меѓу друго паство, ама двете години поминаа како еден ден. Впрочем како што врви и животот. Не еднаш си помислив дека и да бев во затвор и тоа ќе поминеше. Хронос е митски бог што си ги јаде сопствените деца. Но тој што е во гнев, и заслепен од желба за одмазда, не гледа дека времето не го јаде само неговиот противник, туку и него. На крај другите ќе ги ценат нашите дела, наша работа е да твориме, а работа на медиокритетите е да ни попречуваат. Впрочем којзнае дали Моцарт ќе беше тоа што е, ако не ја почувстуваше злобата на Салиери.

Како се чувствувате назад во Македонија?

Сега сум во својата татковина и таа ми е најубавата земја на светот. Ако погледнам објективно таа не е слободна од тоталитаризмот, не е демократска, има многу рани од комунизмот, особено средствата за информирање наметнуваат едно мизерно медиокритетство, но таа е моја татковина. Таа е моја биолошка карактеристика и од неа немам можност да се откажам. Сум имал можност да живеам на естетски подотерани места, со поубава клима и геграфско поднебје, меѓу народ со поистенчени и повозвишени критериуми за животот, во средини во кои сум можел ненаситно да пијам жива вода на мудроста, но мојот крст ме влече кон моето паство. Јас не сум самец туку Црквата ја имам за своја невеста. За неа живеам, за неа дишам, за неа страдам, од неа се радувам. Ако ова го имаат предвид моите, тужители, гонители и оние што ме судат сметам дека не би постапувале вака. Да ме вратат од патот по кој одам се покажа неможно, да ме казнат се покажа безполезно, единствено што им остана горчливата наслада од злобата, но неа пак Господ ја преобрази на добро и по нивна заслуга низ целиот свет се расчу за ПОА и нејзиниот Архиепископ. Вратите ни се отворија побрзо отколку што ќе беше тоа можно без нивната злоба.