Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

Б И О Г Р А Ф И Ј А
НА АРХИЕПИСКОПОТ ОХРИДСКИ И МИТРОПОЛИТ СКОПСКИ
Г.Г. ЈОВАН VI

Роден е во Битола, на 28.02.1966 г., од татко Аргир и мајка Галена Вранишкоски и крстен е како православен христијанин со име Зоран. Основно образование и математичка гимназија завршил во родниот град, со одличен успех. За време на школувањето, повеќе пати бил наградуван во областа на науката и спортот. После отслужувањето на воениот рок во Сараево (1985 г.), започнал да студира на Градежниот факултет во Скопје. Факултетот го завршил предвреме и уште истата (1990 г.) се запишал на Богословскиот факултет во Белград, а во Митрополијата во Битола се вработил како градежен инженер. Во соработка со Матичната и универзитетска библиотека од Битола, ја формирал Митрополиската библиотека, во која бил и прв библиотекар. За време од две и пол годишното работење во Митрополијата држел циклус на предавања во просториите на библиотеката. Во 1993 г. заминал да ги интензивира теолошките студии во Белград кои и ги завршил во Јуни 1995 г. Истата 1995 г. се запишал на магистерски студии во Белград, на отсекот за Систематско богословие (Догматика). При крајот на 1995 г. заминал во Грција (Солун) да го изучува грчкиот јазик и да запише постдипломски студии. Докторирал на Богословскиот факултет во Солун, во Ноември 2011 г. на тема: „Единството на Црквата и современите еклисиолошки проблеми. Споредбено излагање на теологијата на свети Максим Исповедник“.

Бил учесник на повеќе меѓународни симпосиони и предавач на многу стручни семинари.

Монашкиот чин го примил на 7 Февруари 1998 г., добивајќи го името Јован, и истиот ден бил ракоположен во ѓаконски чин. На 8 Февруари 1998 г. бидува ракоположен во јеромонашки чин, а на 19 Јули 1998 г. во епископски чин со титула Епископ дремвитски. Поставен е за викар на Преспанско-пелагониската Епархија, каде покрај редовните богослужби, држи и циклуси на богословски трибини и започнува темелна реконструкција на Соборниот храм „Св. Вмч. Димитриј” во Битола. Во Март 2000 г. поставен е за местобљустител на брегалничката Митрополија, а во Ноември 2000 г. е избран за Митрополит велески и повардарски. Интронизиран е на тронот на оваа Епархија на 4 Декември 2000 г. На повикот на Патријархот Српски г.г. Павле за литургиско и канонско единство со Пеќката Патријаршија, заедно со целиот клир и побожниот народ од неговата Митрополија е единствениот Митрополит од расколничката Македонска Православна Црква кој одговорил позитивно. Литургиското и канонско единство на велеската и повардарска Митрополија, која во тоа време е под негово епископство, со пеќката Патријаршија е постигнато на 22 Јуни 2002 г. Неколку дена после тоа, со примена на брутална сила од страна на полицијата во Р. Македонија, целосно бесправно, без судски налог, е избркан од седиштето на Митрополијата заедно со монаштвото, кое живееше со него. На 23 Септември 2002 г. од страна на Соборот на Српската Православна Црква поставен е за Егзарх на сите епархии во Р. Македонија. Многупати бидува затворан од страна на Власта во Р. Македонија, којашто во времето на комунизмот во суштина и ја направила схизмата на Црквата, организирајќи го и поддржувајќи го пучот на прогласување неканонска автокефалија на Македонската Православна Црква. После конституирањето на Светиот Архијерејски Синод на Православната Охридска Архиепископија, на 25 Декември 2003 г., избран е за негов Претстоител. Заради исповедање на верата православна, во 2004 г. бил осуден на една година затворска казна, условно, за кривично дело „самовластие”, затоа што влегол во храм за да крсти малолетно девојче. Во 2005 г. со правосилна пресуда од Апелациониот суд во Битола, осуден е на осумнаесет месеци затворска казна за политичко кривично дело „распалување на национална и верска омраза, раздор и нетрпеливост”. Казната ја издржувал во затворот „Идризово“ кај Скопје. Во 2006 г. со правосилна пресуда на Апелациониот суд во Скопје осуден е на 12 месеци затворска казна за кривичното дело „затајување“. За тоа дело претходно бил два пати ослободуван од понискиот суд во Велес. Но, по политички притисок, на третото судење е осуден и казната ја издржувал во затворот „Идризово“ кај Скопје. Во 2012 г. со правосилна пресуда на Апелациониот суд во Скопје осуден е на 30 месеци затворска казна за кривично дело „затајување“. За тоа дело претходно бил два пати ослободуван од понискиот суд во Велес и еднаш осуден во отсуство. Повторно по политички притисок, на четвртото судење осуден е во негово присуство, но без да може да ги оствари законските права на одбрана што му следуваат на секој граѓанин во Р. Македонија. Казната ја издржувал во затворот „Идризово“ кај Скопје. Инаку, судот во Р. Бугарија постапувајќи по барањето на Министерството за правда на Р. Македонија, за екстрадиција на Јован Вранишкоски заради издржување затворска казна за ова дело, одбил да го испорача со образложение дека неговите судски прогони во Р. Македонија се од политичка природа. Уште додека бил во затвор, јавното обвинителство му отвора ново кривично дело: „перење на пари и други приноси” заедно со уште 2 Епископи, неколку свештенослужители на Православната Охридска Архиепископија, неколку игумении и неколку лаици, вкупно 18 на број. На три години и шест месеци затворска казна осуден е само тој, но предвремено е ослободен од затвор со вонредно залагање на Патријархот московски и на цела Русија Кирил. Од 2005 до 2013 г. осудуван е на затворска казна вкупно 5 пати, а во затвор поминал 5 години и шест месеци. Во Мај 2017 г. доделен му е почесен докторат од Националниот и Каподистријски универзитет Атина.

На 24 Мај 2005 г., денот на Светите браќа Методиј и Кирил, потврден е од страна на Неговата Светост, Архиепископот Пеќки, Митрополит Белградско-Карловачки и Патријарх Српски г.г. Павле, а согласно Спогодбата од Ниш, за Архиепископ охридски и Митрополит скопски. Истиот ден објавен е Патријаршискиот и Соборски Томос за автономија на Православната Охридска Архиепископија, чиј Претстоител на Светиот Архијерејски Синод е тој.

Автор е на многу статии и повеќе монографии.