рубрика: вести
29.07.2010
Чествување на светиот в-мч. Пантелејмон и светите Седмочисленици, според грегоријанскиот календар, во Видинската Митрополија, Р. Бугарија
На покана на Неговото Преосвештенство Епископот велички г. Сиониј, а со благослов на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот видински г. Дометијан, Неговото Преосвештенство Епископот брегалнички и Местобљустител битолски г. Марко учествуваше во чествувањето на празникот на светиот в-мч. Пантелејмон и светите Седмочисленици во Видинската Митрополија, Р. Бугарија.
На празничната вечерна во храмот „Св. В-мч. Пантелејмон“, со благослов на Митрополитот домаќин, чиноначалствуваше Епископот г. Марко. Со пригодно слово за празникот кон верниот народ на крајот од вечерната се обратија Митрополитот г. Дометијан и Епископот г. Марко.
Следниот ден, на Архиерејската Литургија во митрополитскиот храм „Св. Николај Мирликијски“ чиноначалствуваше Митрополитот г. Дометијан во сослужение со Епископот г. Марко и помошниот Епископ г. Сиониј како и свештенослужители од Бугарија, од Македонија и од Србија.
По повод празникот беседеше Епископот г. Сиониј, а потоа со поздравно слово се обрати Митрополитот домаќин г. Дометијан. На крајот, Епископот г. Марко, отпоздравувајќи, им ги пренесе поздравите и благословот од Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополитот скопски г.г. Јован.
За време на посетата на Видинската Митрополија, Епископот г. Марко заедно со Епископите ги посети Добридолскиот и Раковичкиот манастир.
рубрика: свет архиерејски синод\преписка
Писмо до Јавниот обвинител на Р. Македонија
Протокол бр. 260 од 26 Јули 2010 год.
До: Јавниот обвинител на Р. Македонија
Предмет: Информација за предизвикување на верска омраза, поттик за насилство и територијална претензија кон друга држава
Почитуван Јавен обвинител на Р. Македонија,
веруваме дека и по службена должност сте запознати со соопштението на здружението „Светски македонски конгрес“ (СМК), по повод потврдувањето на затворската пресуда за Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован од страна на Апелациониот суд на Р. Македонија, објавено во средствата за информирање, од кадешто ние, како прилог, Ви ја доставуваме информацијата што ја пренесе Инпрес, на 21 Јули 2010 година. Директно затекнати од говорот на омраза, а особено во заштита на сигурноста на Неговото Блаженство Архиепископот Јован и на сите граѓани припадници на нашата помесна православна, христијанска Црква, ја упатуваме до Вас оваа информација за која, како што посочивме, приложуваме и соодветен доказ.
На 21 Јули, оваа година, во споменатата изјава пренесена од Инпрес, СМК, во неговото соопштение, вели: „Изјавата на ѓаволската секта на Вранишковски, која поттикнува и разгорува национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост, дека тој ќе “го носел и овој крст“ е пародија, затоа што тој од крстот се откажа кога се ороди со српската расколничка црква...“! Покрај верската омраза, изјавата на СМК недвосмислено пројавува и територијална претензија кон друга држава, особено при следнава содржина: „македонскиот манастир „Свети Отец Прохор Пчињски“ кој е сопственост на Македонската црква, еднострано е анектиран од Србија 1947 год. од територијата на Македонија, а тоа Македонците не го забораваат“.
Г-дин Јавен обвинител на Р. Македонија,
истовремено Ви предочуваме дека Европската комисија против расизам и нетолеранција во својот последен извештај за Р. Македонија, објавен на 15 Јуни 2010, нагласи дека медиумите треба да се оградуваат од изјави кои ќе шират нетолеранција. Во случајов наместо оградување имаме информации кои претставуваат нагласување на изјави што шират верска омраза и нетрпеливост.
Не треба да потсетуваме, затоа што свежи се сеќавањата, дека Јавното обвинителство од Битола поднесе кривична пријава против Архиепископот Јован во 2004 г., за кривично дело „распалување национална и верска омраза”, а потоа тој беше и осуден на двеиполгодишна затворска казна, само затоа што недокажано беше прифатено од судот оти во црковен календар напишал дека: „Македонската православна црква е последниот бастион на комунизмот”.
Архиепископот Јован со ниту една изјава не повикал на насилство, но сепак доби кривична пријава, беше осуден и затворен, а во горенаведениот случај, пак, имаме јасен повик на омраза и омаловажување по верска основа, не само врз Архиепископот Јован, туку преку него и врз целата Црква што тој ја претставува, а не гледаме дека Јавното обвинителство реагирало. Пред извесно време испративме иницијатива до Јавното обвинителство (бр. 85 од 09 Февруари 2010 год.), за покренување кривична постапка против г. Јанко Бачев за поттикнување верска омраза и насилство, на којашто до денес немаме добиено одговор. Конечно, што треба да се случи за Јавното обвинителство да ги заштити граѓаните припадници на нашата Црква од омразата и јавните повици на линч, и пред меѓународната заедница да ја поправи искривената слика за македонскиот правосуден систем!
Затоа слободни сме со прилогот што го испраќаме да ја дополниме Вашата информација, после што очекуваме соодветно да реагирате, имајќи предвид дека изјавата на СМК поттикнува верска омраза, како и територијална претензија кон друга држава, ползувајќи речник некарактеристичен за цивилизираните општества, кон коишто, засега декларативно, нашата држава стреми.
Патем, Ве известуваме дека оваа информација што ја испраќаме до Вас и евентуалниот Ваш одговор ќе бидат доставени до повеќе познати меѓународни институции, коишто се занимаваат со човековите права и верските слободи.
Со почит,
ЕПИСКОП
стобиски и Местобљустител струмички Давид
рубрика: архиепископ\соопштенија
20.07.2010
СООПШТЕНИЕ
во врска со потврдата на затворската казна на Архиепископот охридски г.г. Јован од страна на Апелациониот суд во Скопје
Со оглед на долгогодишниот прогон на Охридската Архиепископија во Р. Македонија, кој до денес не е запрен, со оглед на континуираното нарушување на верските и граѓанските права со кои постана распознатлива нашата татковина во светот, со оглед на двократното одбивање да се признае Охридската Архиепископија како верска заедница во Р. Македонија, за упатените беше јасно дека Апелациониот суд во Скопје ќе го потврди осудителното решение на првостепениот суд во Велес во однос на обвинението, кое расколничката МПЦ го покрена против Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован. После двете ослободителни пресуди за истото дело, во процес кој трае полни седум години, Архиепископот Јован е осуден на затворска казна од две години и шест месеци за кривично дело „затајување”, и да ѝ врати на расколничката МПЦ сума од двесте и четириесет илјади евра.
Земја која нема слобода на вероисповест, не може да има слободно и независно судство. Констатациите кои редовно ги искажуваат претставниците на САД и ЕУ, во врска со исполитизираното и подмитливо судство во Р. Македонија во голема мера се основани врз односот што власта и судството го имаат кон членовите на Охридската Архиепископија, а особено кон нејзиниот Архиепископ. Веќе нема човек, не само надвор од нашата држава кадешто многу порано се дозна вистината, туку и во самата Р. Македонија, којшто не знае дека гонењата на Архиепископот Јован и членовите на Охридската Архиепископија имаат само политички, а не и кривичен карактер. Сите пропаганди кои континуирано се спроведуваат од страна на власта за да се унижи угледот на Архиепскопот Јован и на самата Охридска Архиепископија во суштина имаа спротивен ефект, и тие ги мотивираа граѓаните на нашата држава само повеќе да се заинтересираат за проблемот и побрзо да сфатат дека главната вина на Архиепископот Јован е што воспостави единство со Српската Православна Црква и го реши долгогодишниот проблем на расколот на Црквата во Р. Македонија.
Архиепископот Јован е на патување надвор од Р. Македонија, каде ја прими веста за потврдата на затворската казна од страна на Апелациониот суд, и со Божја помош има намера да го носи и овој крст, ако е тоа неопходно за единството на Црквата, за напредок на Охридската Архиепископија и за подигање на свеста на народот, но ќе се моли и ќе прави сè, како што Христос се молеше пред неговиот крст, да го „одмине оваа чаша”.
Од Канцеларијата на Архиепископијата охридска и Митрополија скопска
рубрика: вести
18.07.2010
Архиепископот г.г. Јован, Епископите, свештенослужителите, монасите и верниот народ ги пречекаа моштите на светиот Еразмо Охридски
Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован, на 18 Јули, во Ставропигијалниот манастир „Свети Јован Златоуст“, Битола, заедно со Епископите брегалничкиот г. Марко, стобискиот г. Давид, свештенослужители, монаштво и верен народ, со свечена литија ги пречекаа моштите на светиот свештеномаченик Еразмо Охридски, светител којшто после цели 17 векови се враќа во земјата во којашто го проповедаше Христијанството.
Светите мошти на светиот Еразмо, во манастирот ги донесе архимандритот Епифаниј Димитриу во чијашто придружба беа и архимандритите Амфилохиј и Антониј. После прочитаната повелба, светите мошти на свештеномаченикот Еразмо охридски, архимандритот Епифаниј му ги предаде на Архиепископот охридски г.г. Јован на траен благослов за Охридската Архиепископија.
Неговото Блаженство Архиепископот г.г. Јован началствуваше на светата Литургија во сослужение на Епископите г. Марко, г. Давид и на свештенослужители од атинската и охридската Архиепископија.
За светата Литургија и за поклонение на моштите на светиот Еразмо Охридски беа дојдени мноштво верници. Заради државниот прогон на верска основа поради којшто Охридската Архиепископија е дискриминирана во однос на градењето свои богослужбени храмови, кадешто ќе може да ги собере сите луѓе, Литургијата и овојпат беше служена под отворено небо.
Во продолжение го пренесуваме Поздравното слово на Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован при пречекот на моштите на светиот Еразмо охридски.
Сними го Поздравното слово
рубрика: архиепископ\омилии
Поздравно слово
при дочекот на светите мошти на Св. свешт.-мч. Еразмо Лихнидски
Ваши Преосвештенства, Епископе брегалнички г. Марко и стобиски г. Давид, Ваше Високопреподобие Архимандрите Епифаниј, чесни отци, Високопореподобни старици, преподобни монаси и монахињи, народе Божји собран на служба Божја,
Нè почести денес милоста Божја и се зарадува срцето наше заради благодатта со која Господ нè удостои, да ги примиме на траен благослов во нашата најсвета Архиепскопија светите мошти на свештениот Божји eрарх Еразмо кој маченички загина, за верата Христова, за љубовта кон Црквата, за надежта во Царството Божјо.
Во светите мошти на светителите на Црква присутна е благодатта Божја, таа благодат ги прави нив нераспадливи, и да бидат извор на исцеленија, духовни, душевни и телесни. Благодатта Божја која е енергија Божја се дава на верните заради помош на патот кон Царството Божјо, но и за осветување, и за восовршување. Без Божјата благодат човек е немоќен ниту да го започне патот на подвигот во верата, ниту да се бори со страстите, ниту да постане совршен. За жал, многумина во светот во којшто живееме, ниту ја познале Божјата благодат, ниту бараат Господ да им ја дарува, па дури не сметаат дека им е потребна за нивни напредок во животот.
Ние, пак, што сме обележани со името Христово, свесни сме дека без Божјата благодат не почнува ниту едно добро дело, па дури ниту една добра помисла. Сè што во животот правиме добро за причина ја има благодатта Божја која ни се дава за џабе, бесплатно, наше е само да ја распознаеме, да ја примиме со благодарност и да ја употребиме според волјата Божја. На таков начин создаваме дела што се трајни, дела со кои нема да се посрамиме пред Господа.
Токму таа благодат Божја ја распознаваме денес во овој свештен чин на дочек на светите мошти на Божјиот угодник, свештеномаченикот Христов, Еразмо, Епископот Охридски, Епископот кој во некогашната Лихнида покрсти дваесет илјади души, и со молитва ги сруши идолите многубожечки, кој со верата во Христа се спротистави на прелеста демонска, и со благодатта примена од Бога се соочи со мачителите, за конечно да се удостои со венецот на славата со кој Господ ги овенчува неговите избраници.
Како Епископ на ова словесно стадо Христово, јас денес стојам со еден свештен трепет, во страв дали му направивме достоен дочек на Божјиот ерарх Еразмо? Нему кој со својот подвиг и неговото сведоштво на верата нè задолжи сите нас, неговите следбеници, но особено мене како Епископ што го наследил во неговата служба во оваа охридоименувана Црква. Треперам пред сознанието дека тој е овде со нас, по многувековно телесно отсуство од неговата Лихнида и нашиот Охрид. Особено треперам зашто не ќе можам да го избегнам одговорот на прашањето зошто некои чии претци токму тој ги вовел во верата Христова, сега се во раскол со Црквата, живеат надвор од благочестието, се гушат во прелеста на етнофилетизмот. Како да ги претставам пред светиот Еразмо оние кои пребиваат во раскол, а притоа да не ги осудам, како да му кажам дека крвта што тој ја пролеа за верата ниту ги поттикнува, ниту ги обврзува расколниците во нашата таковина да бидат во единство со него?
Како да му кажеме дека во земјата во која тој меѓу првите крштеваше и проповедаше на тогашните незнабошци во Македонија, сега после многу векови од неговата смрт, расколот пустоши речиси толку, ако не и повеќе од она што пустошеше идолската прелест во негово време? Како да му кажеме дека има луѓе меѓу расколничката ерархија, кои не само што немаат никаква грижа за единството на Црквата, туку прават сè што е во нивна моќ, расколот никогаш да не се излечи? Ќе може ли овој Божји човек, кој ниту живот свој не го жалеше да го даде за верата да разбере дека некои кои денес се нарекуваат ерарси на просторите на кои тој некогаш крштеваше, а пребиваат во раскол со целата Црква Божја, повеќе го милуваат раскошот отколку аскезата, богатството на светот, отколку сиромаштвото со Христа, и не се срамат не само царевото, туку и Божјото да го дадат на власта?
Но, вашата постојаност во верата, Ваши Преосвештенства, чесни отци и народе Божји, ме храбри и ме поддржува во овај момент кога давам отчет пред овде и телесно присутниот мој претходник во службата епископска, свештеноерархот Еразмо. Нема да се пофалам со себе, но да се пофалам со вас не треба никој да ми замери. Зашто сведоштвото ваше засветли по вселената, спремноста да пострадате за единството на Црквата не остана необјавена меѓу Христијаните, љубовта со која го засакавте Христос не остана непризната од другите Цркви. Затоа, денес со вас ќе се пофалам пред свети Еразмо, вас ќе ве принесам, та заради вас, вашата вера и љубов кон Господа и јас недостојниот да не бидам презрен и понижен.
А Бог, Тој прекрасен срцепознавач, Тој Кој ги знае и скриените тајни на секого од нас, кој нè познава во Својот Логос уште пред да излеземе на свет, Тој денес на сите нас собрани на ова божествено тајноводство ни ја испраќа Неговата благодат, на некои од нас како поттик за поголем труд, на други како награда за добриот подвиг, но на сите како залог за вечниот живот. Ценејќи дека сме достојни да ја чуваме оваа голема благодат, дека нема да ја фрлиме пред кучињата и свињите, Господ денес ни ги донесе светите мошти на Св. Еразмо Лихнидски, трајно да останат во нашата најсвета Архиепископија Охридска, за постојан благослов и осветување на верните, за исцелување на немоќните, за помош во слабостите.
Таму каде што се чуваат светите мошти таму има благодат Божја, зашто моштите на светителите се најголем сведок за присуството на Божјата благодат во овој свет. Така, нашиот трезор денес стана побогат, не со пари со кои се наполнети трезорите кај расколниците, туку со свети мошти и благодат со кои се полнат трезорите на нашата Црква.
Пред 12 години, како на утрешен ден бев ракоположен за Епископ. Она што тогаш го најавив како програма на мојата епископска служба во голема мера денес е остварено. Единството на Црквата кое беше најголем проблем во тоа време, денес е воспоставено. Тоа што некои сепак останаа во раскол е нивна определба, ама народот на овие простори веќе не е без избор. Ако некогаш требаше да се патува надвор од државава за некој да се причести и да заедничари со Христа, сега можеби исто така треба да патува, но на помали растојанија, зашто и покрај несносливите тешкотии што ги поднесовме во овие осум години, успеавме да воспоставиме богослужбен живот барем во поголемите градови на нашата татковина. Поминаа полни осум години од денот кога воспоставивме единство со Српската Православна Црква, но во тие осум години, не се случуваа само судења врз нас, провали и палења на нашите богослужбени места и места за престој, рушења на храмови, притвори, затвори и прогонства, туку во тие осум години Господ ја градеше и Својата Црква на овие простори. Незнам каков процут би имале во овие осум години да го немаше она што го споменавме, но знам и сигурен сум, дека дури и да имаше стопати поголеми тешкотии од набројаните, процутот на Црквата на овие простори не ќе можеше да биде спречен, зашто оние што се обидуваа да го спречат, незнаеја или заборавија дека Црквата е Божја и за неа Самиот Бог се грижи. Нашата смерност е само еден од слугите Божји кои по милоста Божја се вброил во Архиепископите на оваа славна Охридска Архиепископија.
Прилика на оваа годишнина е да заблагодарам на Епископите на Охридската Архиепископија за нивниот труд, нивната пожртвованост и напор што го прават да служат на Црквата во вака тешки услови во кои се наоѓаме. Им благодарам на овде присутните, Епископот брегалнички г. Марко, и Епископот стобиски г. Давид за сета подршка што ми ја даваат во објава на единството на Црквата. Господ да им даде сила, мудрост и знаење да го пасат нивното словесно стадо со божествената мана која е самиот Логос Божји. Им благодарам на презвитерите и ѓаконите кои беспреконо го носат товарот на нивната служба, го носат заедно со нас истиот товар и спремни се секогаш да се најдат на помош за напредок на Црквата. Ви благодарам и вас, народе Божји кој знаете да ја распознавате благодата, да ја примате и да ја намножувате. Вие сте тие што го умоливте Св. Еразмо денес да биде кај нас, вашата љубов е таа што го одоброволи тој од денес неразделно да биде со нас. Особено, срдечно му благодарам на Високопреподобниот Архимандрит г. Епифаниј Димитриу, чие потекло е од овој град на Манастирите, од Битола, од каде по Балканските војни, неговите претци се преселиле во Грција. Тој е најзаслужен што денес се поклонуваме на светите мошти на Св. Еразмо Охридски. Тој е најзаслужен што денес е напишана и нова служба за Св. Еразмо, и веќе излезе од печат, а првите примероци отецот Епифаниј ни ги донесе нам. После онаа што ја има напишано Максим Грк, оваа служба за која нашата смерност беше замолена да напише пролог, е прва служба на Св. Еразмо Охридски напишана после многу векови, и за сега е само на грчки. Со согланост на игуманијата на Кипарискиот манастир во Мегара, старицата Исидора, која е составувач на службата на Св. Еразмо, истата треба да биде преведена и во најскоро време издадена од нашата Архиепископија. Нема да скријам пред вас, во овој свечен момент, дека овој голем љубител на светителите Божји, Архимандритот Епифаниј ни подари честитици од светите мошти уште на двајца светители засега не толку познати во народната побожност, преподобниот Лазар по потекло од Сирија, подвижник од шестиот век, и светиот Медикус, маченик од првиот век. Отецот Епифаниј е презвитер во Атина и многу добро запознат со славната историја на Охридската Архиепископија. Затоа помага со неговите молитви, со неговиот труд и напор да нашата Архиепископија светне со некогашниот сјај со кој светела кога на тронот биле познатите охридски Архиепископи: Лав, Теофилакт, или Димитриј Хоматијан. Им благодарам и на презвитерите Амфилохиј и Антониј кои дојдоа во придружба на отец Епифаниј, а со кои денес сослужувавме. Господ нека им ја преумножи благодата, па да даваат таму каде што е потребно.
На крај да им заблагодарам и на игуманијата на манастирот Успение на Пресвета Богородица во Скопје, Кирана монахиња која заедно со сестрите од нејзиното сестринство и со нивното прекрасно пеење го увеличаа овој дочек на моштите на Св. Еразмо. Особена благодарност до настојателката на Ставропигијалниот манастир Св. Јован Златоуст, во кој денес ги дочекуваме светите мошти, Олимпијада монахиња со сето нејзино сестринство за трудот, пожртвованоста и напорот што го направија во организацијата на овој голем настан за нашата Црква. Да се организираат вакви свечености не е лесно ниту за поголеми и побогати Цркви од нашата, но спремноста на овие сестри да послужат на Црквата ги удостојува да ја добијат благодатта Божја, и да направат дело со големина што ги надминува и самите нив. Господ нека им даде здравје со радост да служат како и до сега, а нивниот број по благословот на Св. Еразмо да се наголемува.
Благодатта Божја да биде на сите вас, но ако некогаш по слабоста наша се оддалечи, Св. Еразмо ќе нè чека овде, во овој манастир за да нè подигне, да нè обнови, да не поткрепи.
На Св. Атанасиј Атонски 5/18 Јули 2010г.
во Ставропигијалниот манастир Св. Јован Златоуст во Битола
АРХИЕПИСКОП И МИТРОПОЛИТ
+ Охридски и Скопски Јован
рубрика: библиотека\богослужбени текстови
Тропар и кондак на светиот Еразмо Охридски
Тропар на Свети Еразмо Охридски гл. 1-ви
Кон Господа стремејќи ги желанијата, Еразме, идолите на прелеста си ги строшил, и со раката твоја дваесет илјади верни си крстил, кои ги посече мечот на гонителите. Ти оковите на затворот си ги претрпел и на огнот маките. Радувај се свештеномачениче Христов, радувај се ангелу на Охрид, радувај се ти кој го прими венецот на мирниот завршеток.
Кондак гл. 4
Многуте твои битки ги пофалувам, Ерарху Еразме, и венците твои ги почитувам, со кои Христос те дарува, преку Кого чесно, во верата се подвизуваше.
Кондак друг, гл. 8
Прочуениот Син на Антиохија, мудариот свештенопроповедник на Македонија, на Охрид Ерархот забележан, во подвигот и страстите кој победи, и верата во Христа кој ја исповеда, со химни да го венчаме, Радувај се сепочитуван Еразме.
рубрика: вести
12.07.2010
На празникот на светите првоврховни Апостоли Петар и Павле, Архиепископот г.г. Јован служеше во Ставропигијалниот манастир „Св. Јован Златоуст“ во Битола
На празникот на светите првоврховни Апостоли Петар и Павле, Неговото Блаженство, Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован, служеше и проповедаше во Ставропигијалниот манастир „Св. Јован Златоуст“, во Битола.
Сними ја беседата
рубрика: вести
11.07.2010
Во седмата недела по Педесетница, Архиепископот г.г. Јован служеше во манастирот „Успение на Пресвета Богородица”, во Скопје
Во седмата недела по Педесетница, Неговото Блаженство, Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован служеше и проповедаше во манастирот „Успение на Пресвета Богородица”, во Скопје.
На Неговото Блаженство му сослужуваше Неговото Преосвештенство Епископот стобиски и Местобљустител струмички г. Давид и свештенослужители од Православната Охридска Архиепископија,
Сними ја беседата
рубрика: вести
05.07.2010
Европската комисија против расизам и нетолеранција изрази силна загриженост заради нерегистрирањето на Православната Охридска Архиепископија
Европската комисија против расизам и нетолеранција (ЕКРН), којашто работи во составот на Советот на Европа, во својот најнов Извештај, објавен на 15-ти Јуни 2010 год., изрази силна загриженост заради нерегистрирањето на Православната Охридска Архиепископија.
Европската комисија против расизам и нетолеранција значаен простор во својот Извештај посветува токму на нерегистрирањето на малцинските верски групи во Р. Македонија.
Во продолжение пренесуваме само дел од Извештај-от, во којшто се изразува загриженоста заради нерегистрирањето на Православната Охридска Архиепископија од страна на судските власти во нашата татковина.
Во делот за верските малцинства, на страна 38 од извештајот, запишано е следново: „ЕКРН е загрижена за потешкотиите со кои се соочуваат одредени малцински верски групи во нивнте настојувања да се регистрираат, иако регистрацијата претставува законски услов тие да бидат признати како посебни правни лица и да можат целосно да ги извршуваат своите активности. Законот беше изменет на 5 септември 2007 година во поглед на статусот на црквите, верските зедници и верските групи (кој стапи на сила на 1 мај 2008 година), со јасна цел да се разрешат сите овие потешкотии, но се чини дека тие не се во целост решени. Така, се чини дека барањата за регистрација поднесени од страна на околу десет верски заедници или групи, вклучително и на независната Охридска православна Архиепископија... сè уште не се одобрени.
ЕКРН силно им препорачува на властите, без одлагање, да го решат прашањето за регистрација на малцинските верски групи и заедници. Исто така, им препорачува тие да покажат будност кон сите облици на дискриминација или нетолеранција по основ на вероисповеста.“
Прогонот и дискриминацијата врз верска основа од страна на Р. Македонија против Православната Охридска Архиепископија се одвива во форма на продолжување на судското гонење на Архиепископот г.г. Јован и одбивање на државата да ја регистрира Православната Охридска Архиепископија. Државата го донесе новиот закон за регистрирање на верските заедници за да остави впечаток пред меѓународната заедница дека ги прави неопходните реформи, но во пракса тој закон воопшто не профункционира, и власта продолжува да го штити државниот монопол на Македонската православна црква.
Регистрирањето, пак, на помалите верски заедници и почитувањето на основните верски слободи, подеднакво на сите граѓани на Р. Македонија, е неопходен услов за достигнување на цивилизациските вредности на Европската Унија кон коишто Р. Македонија, засега декларативно, се стреми.
Целиот Извештај можете да го прочитате на следнава адреса: http://www.coe.int/t/dghl/monitoring/ecri/Country-by-country/Former_Yugoslav_Republic_Macedonia/MKD-CbC-IV-2010-019-MKD.pdf
рубрика: вести
04.07.2010
Архимандритот Дамаскин, служеше во Ставропигијалниот манастир „Св. Јован Златоуст“, во Битола
Неговото Високопреподобие, игуменот на Ставропигијалниот манастир на пророкот Илија во Санторини, архимандриотот Дамаскин, кој ги донесе светите мошти на трите ерарси: Василиј Велики, Григориј Богослов и Јован Златоуст во нашата татковина, заради траен благослов и осветување, во присуство на Неговото Блаженство, Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован, служеше Литургија и проповедаше во шестата недела по Педесетница, во Ставропигијалниот манастир „Св. Јован Златоуст“.
рубрика: вести
03.07.2010
Архиепископот г.г. Јован и верниот народ ги пречекаа моштите на Светите Три Јерарси во манастирот „Св. Јован Златоуст“
На денот на прославата на светиот Наум Охридскиот Чудотворец, Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован чиноначалствуваше на Литургијата во манастирот „Св. Јован Златоуст“, во Битола. Токму на овој голем празник, Господ ја дарува Православната Охридска Архиепископија со голем благослов и благодат во изобилие. Имено, Високопреподобниот Архимандрит од манастирот на светиот пророк Илија, од островот Санторини, Грција, Игуменот Дамаскин, во траен благослов на Архиепископијата ги донесе светите мошти на големите Три Јерарси: Василиј Велики, Јован Златоуст, Григориј Богослов.
При пречекот на моштите беше прочитана повелбата за предавање на моштите на Архиепископот охридски г.г. Јован, а потоа со свечена литија моштите беа внесени во храмот, кадешто Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован отслужи света Литургија во сослужение на Високопреподобниот игумен Дамаскин и повеќе свештенослужители на Православната Охридска Архиепископија.
Верниот народ на Архиепископијата се слеваше за да ги целива благодатните мошти на Светите Три Јерарси на Црквата Божја. Архиепископот г.г. Јован пред верниот народ се обрати со вдахновено поздравно слово на коешто одговори Архимандритот Дамаскин. Поздравното слово и одговорот ги пренесуваме во продолжение.
Сними го поздравното слово
рубрика: архиепископ\омилии
Поздравно слово при дочекувањето на светите мошти на светите три ерарси во Ставорпигијалниот манастир Св. Јован Златоуст во Битола
Сиромашни се нашите зборови да изразат дури и дел од радоста која ја причини големата благодат што Господ денес ни ја испрати. Во овој свет Ставропигијален манастир посветен на Светиот отец наш Јован Архиепископот Константинополски, Златоуст, секојдневно стоиме пред неговата икона свесни дека тој е меѓу нас и дека ние сме со него. Но, денес, кога чесниот игуман на манастирот Св. пророк Илија од Санторини, г. Дамаскин ни донесе дел од светите мошти на Златоустиот Архиепископ, како да е некако поинаку, како да можеме да го допреме, да го целиваме и да му се поклониме на дел од неговото намачено тело. Навистина и кога се поклонуваме пред неговата икона, ние сме свесни и длабоко убедени дека му се поклонуваме токму нему, кој иконично е присутен во овој наш манастир, во овој наш собор. Но, денес кога се поклонуваме на неговите свети мошти ние го допираме неговото тело и влегуваме во неговата прегратка, во рацете што ги раширил за да го прегрне секој што ја слави Светата и Живоносна Троица, секој што го почитува неговиот Бог, Христос Спасителот, секој што словесно ги изговара неговите последни зборови: „Слава му на Бога за сè.”
А, ако треба да споменам дека заедно со моштите на Златоустиот, во овој прекрасно укрaсен кивот, игуменот Дамаскин ни ги донесе и светите мошти на уште двајца од небото објавени ерарси, на Светиот Василиј, Архиепископот на Кесарија Кападокијска, Велики, и на ненадминливиот Богослов Григориј, тогаш се плашам дека сè што ќе чуете од мојата уста ќе наликува на пелтечење. Зашто, за да ги поздравиме овие големи мажи кои влегоа во оваа скромна црквичка, и во овој сеуште недоизграден манастир, без соборен храм во него, се чувствуваме недостојни, притеснети, да не кажеме дури и помалку усрамени.
Со што ја заслуживме ваквата милост Божја да ни ги испрати трите најголеми ерарси кои Црквата ги почитува, со што ја привлековме оваа неискажлива благодат што Господ денес ни ја отстапува за да се искапеме во неа? Со нашите скромни подвизи сигурно не, тие се толку мали што се неприметливи дури и за селаниве од соседното село. Со гонењата кои ги поминавме последниве години уште помалку, зашто сигурни сме дека има многу луѓе кои поднеле поголеми гонења во животот од нас, но не станале зедничари на ваква благодат. Со затворот, со оковите и со понижувањата заради Христа? Се соменваме и во тоа, зашто сведочењето за верата е должност на секој Христијанин, па следствено и должност на сите нас кои на било каков начин претрпевме гонења заради љубениот ни Спасител.
Се обидуваме да се сетиме што би можело навистина да го приволи Бога да ни го испрати денешниов дар, светите мошти на Светите три најголеми ерарси на Црквата Божја? Со смерност пред вас, а особено пред овде присутните мошти на Светите три ерарси, одговараме и тврдиме, заради постигнатото единство со Црквата на живиот Бог испратена ни е оваа благодат, благодат што носи радост, што го топи студенилото на срцето, што раѓа надеж, што нè зацврстува во верата, што нè збогатува во љубовта.
Нема таков подвиг возљубени Христијани, нема такво исповедништво што би било поголемо или би се едначело со трудот да се одржи единството на Црквата. Господ дојде, проповедаше, беше распнат, вескресна и се вознесе, но ни го испрати и Духот Свети, за да бидеме и да останеме во единство, како со Него, така и меѓусебно во Црквата Негова. Затоа Св. Кипријан Картагински, а по него и преку светите мошти овде присутниот Св. Јован Златоуст ќе речат дека гревот на расколот е толку тежок што ни мачеништвото не може да го испере. Навистина страшно е да се биде во раскол, без единство со Бога и со Црквата Негова распространета во целата вселена. Уште пострашно пак е да се биде во раскол заради мизерни и недостојни за споменување причини какви што се етнофилетизмот, етнонарцисоидноста и самодоволноста.
Единството на Црквата не е додаток на нејзиното постоење. Црквата не може да постои без единство, зашто без единство би се изгубила смислата на нејзиното постоење. Бог Отец преку патријархот Авраам ја востанови Црквата, а со крвта на Синот Негов возљубен ја запечати иднината на есхатонот, таа Црква која ги раѓа луѓето не биолошки како што тоа го прават родителите, туку слободно, за вечен живот. Но, смислата на постоењето на таквата Црква која раѓа за вечност е да соединува, не да разделува како што тоа го прават времето и просторот, да причестува, не да расколничи како што тоа го прават оние кои навидум се во Црквата, но имаат нешто поважно од самата Црква. Впрочем, може ли да постојат две Цркви? Протестантите би одговориле да, можат да постојат и две, па и повеќе Цркви, но Православните би рекле не, Црквата е само една и кој не е во едната соборна Црква, тој не е ниту во заедница со Бога.
Залагањето да се одржи единството на Црквата на овие тројца мажи и ерaрси на кои им се поклонуваме е добро познато и високо почитувано. Се сеќавате кога Св. Григориј Богослов отиде да епископствува во Константинопол имаше само една православна црквичка, познатата Света Анастасија, а сите останати заедници беа во раскол и ерес. Но, неговата љубов кон единството на Црквата не му даваше мирен сон додека не успеа повеќето од расколниците да ги присоедини на Црквата. Или пак Св. Василиј кој не само што самиот се грижеше да се надмине расколот со омиусијаните, полуаријанците и духоборците, туку со писма го поучуваше и Амфилохиј Иконијски како да постапува со расколниците, како со еретиците, а како со оние што подигнале парасинагога. А, за тоа дека Св. Јован Златоуст вели оти ништо толку не го разгневува Бога колку разделбите во Црквата, многупати сте слушале од нас.
Ете затоа се охрабривме пред вас да нагласиме дека само заради единството кое го воспоставивме со Црквата Божја расејана во целата вселена, Господ денес нè удостојува да ги пречекаме светите мошти на овие тројца ревнители на единството, високодометни теолози и мудри пастироначалници на Црквата. А, бидејќи делови од моштите на трите ерарси ни се отстапени на траен благослов и осветување, да останат значи со нас како цврсто сведоштво на воскресението Христово, и како драгоцено присуство на трите ерарси во оваа света обител, нè прави уште порадосни, но и уште поодговорни. Добиваме навистна непроценлива ризница на духовно благо, но на крај ќе треба да дадеме одговор пред нашиот и вашиот Бог, пред нашиот и вашиот Спасител, како сме икономисувале со тоа големо духовно богатство кое ни е отстапено.
Навистина е голема нашата благодарност кон игуманот на манастирот на пророкот Илија во Санторини, г. Дамаскин. Неискажливо е умилението на срцето и восхитот на душата, а светлината што ви ја гледаме на лицата, веруваме дека е само блед отсјај на внатрешното преображение кое го доживувате. На г-динот Дамаскин му посакуваме добар подвиг, и спокојно игуманство, и го покануваме повторно да ни дојде, на некој друг панаѓур, во поголема црква, во изграден манастир.
Вас пак, возљубени во Господа, оци, браќа и сестри ви посакуваме оваа благодат која денес ја примате никогаш да не ве одмине, и никогаш да не ја потрошите. Ако пак случајно, по слабостна наша осиромашиме, сега знаеме каде да се обновиме, и каде да се напоиме, кај светите мошти на трите ерарси кои како најскапоцена реликвија ќе се чуваат во нашиот и секогаш ваш манастир на Светиот Јован Златоуст во Битола.
+Архиепископ охридски и Митрополит скопски Јован
рубрика: вести
01.07.2010
Прослава на светите бесребреници Козма и Дамјан во Едеса, Р. Грција
Со благослов на Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован, и на покана на Митрополитот на Едеса, Пела и Алмопија г. Јоил, на денот кога според новиот календар се прославуваат светите бесребреници Козма и Дамјан, Неговото Преосвештенство Епископот стобиски и Местобљустител струмички г. Давид учествуваше во торжествената прослава на светите бесребреници, во градот Едеса (Воден), Р. Грција.
На вечерната богослужба началствуваше Митрополитот на Лариса и Тирнаву г. Игнатиј во сослужение на Митрополитите: на Арта г. Игнатиј, и на Верија, Науса и Камбанија г. Пантелејмон и Епископот г. Давид. Архиереите, низ градот Едеса, ја предводеа и литијата со моштите на светите Козма и Дамјан, светиот Лука Симферополски и светиот Харалампиј.
На 01-ви Јули, на Литрургијата началствуваше Митрополитот на Арта г. Игнатиј.
рубрика: вести
29.06.2010
Павлија 2010
Името „Павлија“ во Православниот свет е веќе препознатливо име за настаните, коишто во тек на месецот Јуни го одбележуваат празнувањето на светиот Апостол Павле, во градот Верија, кадешто, како што е познато, проповедал овој Апостол на народите.
Во состав на овие празнувања, со благослов на домаќинот, Митрополитот на Верија, Науса и Камбанија г. Пантелејмон, се одржува и меѓународниот богословски конгрес, којшто оваа година ја имаше следнава тема: „Институцијата и благодатта според Апостолот Павле“.
На конгресот со свои предавања настапија еминентни теолози, социолози и мисионери, професори на факултетите од Р. Грција и од повеќе други земји.
На овие 16-ти по ред празнувања, како и до сега, така и сега, беа присутни Епископи претставници на помесните Православни Цркви, коишто на почетокот од конгресот ги прочитаа пораките на Претстојателите на Црквите од коишто доаѓаат.
По предлог на Светиот Архијерејски Синод на Српската Православна Црква, и со согласност на Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован, оваа година на „Павлија“ СПЦ ја претставуваше Неговото Преосвештенство Епископот стобиски и Местобљустител струмички г. Давид. Епископот г. Давид пред полната сала го прочита поздравното слово на Неговата Светост Патријархот српски г.г. Иринеј.
Вселенската Патријаршија ја претставуваше Митрополитот на Шпанија и Португалија г. Поликарп, Александријската Патријаршија Митрополитот иринополски г. Димитриј, Јерусалимската Патријаршија Митрополитот востронски г. Тимотеј, Руската Патријаршија Епископот на Бобруиск и Бихов г. Серафим, Романската Патријаршија Епископот унгарски г. Силуан, Бугарската Патријаршија Епископот велички г. Сиониј, Кипарската Архиепископија Митрополитот на Лемесу г. Атанасиј, Црквата на Елада Митрополитот на Димитријада г. Игнатиј, Полската Православна Црква Архимандритот Андреј.
На петровденската Литургија началствуваше претставникот на Цариградската Патријаршија Митрополитот г. Поликарп во сослужение на сите спомнати Архијереи, а на истата Литургија сослужуваше и Неговото Преосвештенство Епископот брегалнички и Местобљустител битолски г. Марко.
Вечерта на 29-ти Јуни на местото кадешто Апостолот Павле проповедал во Верија, наречено „Олтарот на Апостолот“, во атмосфера на соборна и братска љубов, Архијереите отслужија и вечерна богослужба со литија низ градот Верија, на којашто началствуваше домаќинот Епископ, Високопреосвештениот Митрополит на Верија, Науса и Камбанија г. Пантелејмон.
рубрика: вести
28.06.2010
Митрополитот г. Амфилохиј и Епископот г. Марко служеа Света Литургија во Витина
Неговото Преосвештенство Епископот брегалнички и Местобљустител битолски г. Марко на 26-ти Јуни сослужуваше со Местобљустителот на рашко-призренската Епархија Високопреосвештениот Митрополит црногорско-приморски г. Амфилохиј во храмот „Св. Петка“, во Витина, на Косово и Метохија.
На Литургијата Митрополитот г. Амфилохиј го ракоположи во свештенички чин ѓаконот Милош Вукиќ.
рубрика: вести
27.06.2010
Во петтата недела по Педесетница, Архиепископот г.г. Јован служеше во Ставропигијалниот манастир „Св. Јован Златоуст“, во Битола
Во петтата недела по Педесетница, Неговото Блаженство, Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован служеше и проповедаше во Ставропигијалниот манастир „Св. Јован Златоуст“, во Битола.
Сними ја беседата
рубрика: вести
20.06.2010
Во четвртата недела по Педесетница Архиепископот охридски г.г. Јован служеше во параклисот „Св. Нектариј Егински“, во Скопје
Во четвртата недела по Педесетница Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован служеше Божествена Литургија и проповедаше во параклисот „Св. Нектариј Егински“, во Скопје.
Сними ја беседата
рубрика: вести
11.06.2010
Судијката Виолета Дума разрешена заради нeстручно и несовесно работење
Основниот суд во Велес на двапати донесуваше ослободителни пресуди за Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован, во врска со предметот затајување, кој беше покренат против него од страна на расколничката МПЦ.
Но, после секоја ослободителна пресуда, Апелациониот суд, под претседателство на судијката Виолета Дума, го враќаше предметот на повторно судење и Архиепископот г.г. Јован, по третпат, со сменет судија од Основниот суд во Велес, беше осуден на затворска и парична казна.
Третата пресуда на Основниот суд поворно се наоѓа пред Апелациониот суд, којшто сега во нов состав ќе треба да одлучува во однос на пресудата.
Во меѓувреме, Судскиот совет ја разреши судијката Виолета Дума, којашто беше под сомнение за нестручно и несовесно работење.
рубрика: вести
09.06.2010
Вомировениот Епископ захумско – херцеговачки г. Атанасиј, и Игуменот на Светогорскиот манастир Симонопетра, Архимандритот Елисеј заедно со неколку монаси од неговото братство ја посетија Охридската Архиепископија
На поклоничкото патување низ светињите во Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Република Македонија, Игуменот на светогорскиот манастир Симонопетра, Архимандритот Елисеј, заедно со неколку монаси од неговото братство направија дводневна посета на Охридската Архиепископија.
Со нив пристигна и вомировениот Епископ захумско-херцеговачки г. Атанасиј.
На 9-ти Јуни, Архимандритот Елисеј служеше божествена Литургија во Ставропигијалниот манастир „Св. Јован Златоуст“, во Битола. После прочитаното Евангелие, на Литургијата беседеше Неговото Преосвештенство вомировениот Епископ захумско-херцеговачки г. Атанасиј. Во продолжение ја пренесуваме неговата беседа.
Сними ја беседата
Симонопетриските монаси и Епископот г. Атанасиј пристигнаа во Скопје на 8-ми Јуни, а ги дочека во манастирот „Успение Богородично“, во Скопје, Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован. Архиепископот им посака добредојде на гостите, а на поздравот на Архиепископот, отпоздрави Архимандритот Елисеј.
Сними го обраќањето
Во текот на престојот, во придружба на Неговото Преосвештенство Епископот стобиски г. Давид и на свештеници и ѓакони од Православната Охридска Архиепископија, Епископот г. Атанасиј, старецот Елисеј и светогорските монаси посетија и некои од позначајните византиски храмови во Р. Македонија: катедралната црква „Св. Софија“ и „Богородица Перивлепта“ во Охрид, и манастирот „Св. Пантелејмон“, Нерези.
Игуманот Елисеј одржа и пригодно слово пред насобраните верници во Скопје давајќи им го својот благослов, и истовремено искажувајќи ја својата молитвена грижа за што поскоро надминување на болната состојба на расколот, за доброто на сите.
Сними го обраќањето
рубрика: вести
31.05.2010
Нов број на билтенот на параклисот „Св. Нектариј Егински“
Излезе од печат новиот број на парохијскиот билтен на параклисот „Св. Нектариј Егински“. Во него се поместени текстови за Педесетницата, покајанието, како и новости и актуелни теми од парохијскиот живот.
Помеѓу останатото, во овој број на билтенот се третира и темата на абортусот, со осврт кон видео снимката со обраќањето на Џиана Џесен во зградата на Парламентот во Мелбурн, Австралија, којашто ја пренесуваме во продолжение.
















































































